Компании
Seavus со уште една донација во образованието на стручни и ретки ИТ кадри

Студентите на предметот „Вградливи компјутерски системи“ при Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од септември ќе работат со современи едукативни развојни системи со чија помош лесно и брзо ќе навлезат во тајните на вгнездените технологии благодарение на донацијата на најголемата ИТ компанија во Македонија – Seavus.
Донацијата се состои од комплет електронски плочки кои содржат модерен микроконтролер и широка палета на периферни интерфејси за поврзување со други вгнездени системи или дигитални уреди.
Комплетот е систем изграден на начин кој ќе овозможи едноставна изработка на вгнездени системи за најразлична намена, вклучувајќи и едукација на студентите кои сакаат да ги изучуваат технологиите кои се користат за изработка на вгнездени системи.
На овие системи студентите ќе може да ги тестираат своите софтверски решенија, да ги прилагодуваат за различна намена, да изведуваат мерења на перформансите и постапно да ги изучуваат методите за комуникација преку популарните интерфејси, како што се: USB, UART, SPI, I2C и слични.
Seavus во изминатиот период постојано го зголемува обемот на соработка со техничките факултети во земјата, а донацијата за ФИНКИ е само една во низата планирани да се реализираат во следните академски години.
Seavus® е компанија за развој на софтвер и консалтинг услуги со докажано искуство во успешни бизнис софтверски решенија. Компанијата брои преку 500 ИТ експерти ширум светот и нуди широк спектар од софтверски производи, решенија и услуги, успешно покривајќи го европскиот и американскиот пазар преку неколку канцеларии и претставништва во светот.
Портфолиото на решенија и услуги вклучува BSS/OSS, CRM, CEM, Business Intelligence решенија, ALM, Embedded програмирање, мобилни апликации и гејминг решенија, Managed Services, како и консалтинг и развој на апликации по барање на клиентите. Во портфолиото на Seavus се вбројуваат над 3.500 клиенти, меѓу кои светски телеком оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Национална конференција на ОРМ: Продуктивноста на компаниите е загрижувачки ниска, време е за реформи

Ограничениот пристап до финансии, слабите институции и корупцијата се главните пречки за растот на продуктивноста и развојот на македонските фирми. Овие фактори ја нарушуваат конкуренцијата и создаваат долгорочна непредвидливост која ги обесхрабрува инвестициите и иновациите, кои пак, заедно со добрите менаџерски практики и вештините, имаат суштинско значење за долгорочна конкурентност на домашните компании. Ова се дел од клучните наоди од истражувањето презентирано во рамки на националната конференција: „Продуктивноста и нејзините главни двигатели за економски раст и конкурентност“, што се одржа по повод 20-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ). Јубилејот и конференцијата на ОРМ ги поздрави и заменик – министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Истражувањето, кое за потребите на ОРМ го спроведе Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, покажува загрижувачки тренд на намалување на вкупната продуктивност на македонските компании, што укажува на тоа дека фирмите во земјава стануваат сѐ помалку ефикасни во користењето на основните фактори на производство – трудот и капиталот. Дополнително, компаниите со странски сопственици имаат дури четири пати повисока продуктивност од домашните, додека извозно ориентираните компании се значително попродуктивни од оние што работат исклучиво на домашниот пазар.
„Продуктивноста е темелот на секоја успешна компанија и движечка сила за одржлив економски развој на целата земја. За да ја зголемиме, потребно е да почнеме да делуваме веднаш, преку добро обмислени и решителни реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата, ќе значат елиминирање на системската корупција, ќе го подобрат пристапот на фирмите до финансии и ќе ги поттикнат инвестициите и иновациите во модернизација на домашната економија“, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
На конференцијата ОРМ презентираше и сет од конкретни препораки за раст на продуктивноста и деловната ефикасност, меѓу кои: обезбедување поголема финансиска поддршка за мали и нови компании преку поволни кредити, субвенции, даночни олеснувања за инвестиции во иновации и нови технологии; зајакнување на борбата против корупцијата преку зголемена транспарентност на институциите, независно и ефикасно судство; реформа на регулативата заради намалување на административниот товар и зголемување на предвидливоста на пазарните услови; ефикасна борба против нелојалната конкуренција и сивата економија преку дигитализација на услугите во јавниот сектор, засилен и координиран инспекциски надзор и ревизија на државната помош; и подобрување на инфраструктурата, особено дигиталната и енергетската, како клучен предуслов за технолошка модернизација.
„ОРМ, како единствена репрезентативна организација на работодавачите во рамки на социјалниот дијалог со владата и синдикатите, останува посветена на тоа да биде гласот на бизнисот. Ќе продолжиме да креираме решенија во соработка со институциите, синдикатите, експертите и граѓанското општество, со цел да го поттикнеме економскиот раст, да создадеме нови перспективи за младите и да обезбедиме социјална сигурност за сите“, најави Трајкоска.
Во рамки на конференцијата се одржа и панел-дискусија на која своите размислувања, ставови и предлози за тоа како продуктивноста да стане приоритет на економските политики во државата ги изнесоа претседателот на Собранието на ОРМ Ангел Димитров, професорката на Економскиот факултет при УКИМ д-р Даниела Бојаџиева, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и директорот на Државниот завод за статистика доц. д-р Дејан Станков.
Истражувањето и националната конференција со која се одбележа 20-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија беа поддржани од Меѓународната организација на трудот, преку проектот Платформа за вработување и социјални прашања – ЕСАП 3, финансиран од Европската Унија.
Економија
„Алкалоид“ со јубилејна плакета од Црвениот крст

По повод 80-годишниот јубилеј на Црвен крст, во Македонскиот народен театар се одржа свечена академија под покровителство на претседателката на државата, н.е. Гордана Сиљановска-Давкова.
Под мотото „Осум децении ние гледаме луѓе“ беше одбележан јубилејот на Црвен крст, хуманитарна организација која осум децении им дава помош и поддршка на најзагрозените категории граѓани, промовирајќи хуманост и човечка солидарност.
Формиран на 17 март 1945 година, Црвен крст на Македонија годинава не го одбележа јубилејот на денот на своето основање поради трагедијата во Кочани, која наложи целосна мобилизација на организацијата заради обезбедување помош и поддршка на погоденото население. Токму во знак на благодарност за поддршката на настраданите во трагедијата дадена од „Алкалоид“, како и за придонесот на компанијата при хуманитарните апели на Црвен крст, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, г. Живко Мукаетов, беше одликуван со јубилејна плакета.
Признанието на г. Мукаетов му го врачи д-р Лилјана Ристевска, потпретседателка на организацијата Црвен крст на РСМ. Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, кое во 2024 година доби специјално признание за масовен одзив во рамките на крводарителските акции организирани од Црвен крст и од Институтот за трансфузиона медицина. Изминативе неколку години „Алкалоид“ континуирано спроведува акции за донирање облека и храна.
Компанијата во континуитет ги поддржува апелите на Црвен крст за поддршка на бездомниците, бегалците и мигрантите како едни од најгорливите категории на полето на хуманитарната помош. Во 2015 година, на организираниот хуманитарен пикник, колективот на „Алкалоид“ собра повеќе од 750.000 денари, донација наменета за Солидарниот фонд на Црвен крст.
Последната донација за истиот фонд, во износ од 15 милиони денари, компанијата ја намени за настраданите од трагедијата во Кочани и за нивните семејства. На јубилејната свеченост Црвен крст додели и четири златни медали, а беше официјализирана и донацијата во износ од 20.000 евра за Универзитетската клиника за трауматологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Како што посочија организаторите на настанот, 80-годишниот јубилеј на Црвен крст претставува момент на благодарност и на сеќавање и признание за сите волонтери, членови, вработени и партнери кои ги оставиле и сè уште ги оставаат своите траги на хуманост.
(ПР)
Компании
Самир Мане беше единствениот претставник од регионот на „FII PRIORITY Europe Summit“

Албанската престолнина беше домаќин на еден од најпрестижните меѓународни форуми во светот — „FII PRIORITY Europe Summit“, кој за првпат се одржа во Тирана на 16–17 мај 2025 година.
Овој самит ги обединува светските лидери од владите, бизнис-секторот, науката, технологијата и филантропијата, со цел да се дискутираат глобалните приоритети што ја обликуваат иднината во клучен момент за човештвото. Главната тема на ова европско издание на „FII PRIORITY“ беше: „Приоритизирање за поодржлива, поправедна и попросперитетна иднина“.
Самир Мане, претседателот на „BALFIN Group“, беше единствениот официјален претставник од Албанија поканет да учествува на дискусионите панели заедно со некои од највлијателните личности од светот. Тој учествуваше на главниот панел со наслов „Board of Changemakers“: Може ли капиталот да го поврзе расцепканиот свет?, каде што ја делеше сцената со меѓународни лидери од политиката и финансиите.
За време на самитот, г. Мане одржа средби и размени мислења со високи личности како Матео Ренци, поранешен премиер на Италија, Бернард Менсах, претседател на „Bank of America International“, Анри Пупар-Лафарж, извршен директор на Alstom, меѓу другите.
еговото учество на самитот како глас на регионалниот бизнис го истакнува и неговото лично лидерство, и сè поголемата улога на Западен Балкан во обликувањето на идниот развој на Европа и пошироко.
„FII PRIORITY Europe Summit“ е дел од серија глобални форуми кои промовираат меѓусекторски дијалог и поттикнуваат конкретна акција за справување со најгорливите предизвици на денешницата, вклучително и климатските промени, одржливиот развој и технолошката трансформација.
Комерцијален текст