Свет
Американски бизнисмени заинтересирани за инвестирање во Македонија
Најниските трошоци за компаниите за водење бизнис во Европа, претставени преку ниските и рамни даноци и погодностите во технолошко – индустриските развојни зони и континуираната заложба на Владата за дијалог со бизнис заедницата, беа дел од поентите што ги истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Њу Џерси, на кој присуствуваа поголем број бизнисмени од компании од поголем број сектори.
„Ние сме многу фокусирани на подобрување на бизнис климата. Всушност, тоа е нашата главна преокупација во последните седум/осум години на која работиме на повеќе начини, и тоа за сите инвеститори во земјата, домашни или странски. Како резултат на многу чекори коишто ги направи Владата, бизнис климата сериозно се подобри, што се рефлектираше во повеќе извештаи на меѓународни финансиски организации“, рече Груевски во своето обраќање пред присутните.Ги претстави позитивните макроекономски индикатори, како што се растот на бруто домашниот производ (БДП) и извозот од зоните, ниското и умерено ниво на надворешен државен долг и стабилната стапка на инфлација. Во неговото обраќање се осврна и на владините проекти за намалување на административните бариери, и обезбедувањето на поголем пазар за производителите преку потпишаните договори за слободна трговија на Македонија со сите земји од континентот Европа. Премиерот се осврна и на проектите во образованието чијашто цел е градење конкурентна и талентирана работна сила, како еден од аргументите за привлекување на странски инвеститори и во функција на обезбедување на вработување и професионален развој и надградба на македонските работници.Присутните бизнисмени дадоа позитивна оценка за бизнис климата во Македонија, со особен акцент на даночната политика која обезбедува поволност за бизнис секторот.„Во прв ред, сакам да кажам дека вашите даноци се соодветни и за граѓаните и за компаниите, целиот ваш даночен систем е добро осмислен и обезбедува долгорочност, со други зборови стабилност, и земјата нема потреба да се грижи за зголемување на даноците, а компаниите не треба да прават промена на нивните инвестициски планови. Слободно можам да кажам дека за некои нешта можеме да учиме од вас“, изјави Џон Кулбертсон, од енергетската компанија Кулбертсон.Дел од компаниите истакнаа дека како резултат на работа на тимот за привлекување на инвестиции на Владата, промоторите во САД, и денешната презентација, тие добро ги имаат проучено поволностите за инвестирање кои ги нуди нашата земја, и потенцираа дека кај нив постои сериозен интерес за разгледување на Македонија како опција за инвестиции и проширување на нивниот бизнис.Хари Чо, сопственик на компанијата AFM и претседавач со Американско-индонезискиот бизнис совет, кој се занимава со производство на мебел за луксузни клиенти и на светлечки уреди, истакна дека поволностите кои ги нуди нашата земја се поволни и дека има намера да оствари посета на Македонија како дел од неговата финална анализа за потенцијални инвестиции.„Мислам дека македонската Влада е од голема помош за бизнисот во насока на поддршка на инвеститорите. Јас се занимавам со производство на мебел за луксузни хотели и сакам да работам со домашните производители и затоа прво планирам да ја посетам Македонија, да се сретнам со луѓето таму и да видам со што се занимаваат“, изјави Хари Чо. Едвард Мајлс од компанијата за медицински услуги Биосити, истакна дека поволностите кои се овозможуваат за странските инвеститори се позитивни и дека неговата компанија ја разгледува нашата земја како сериозна потенцијална дестинација за отворање капацитети од нивната дејност.„Моите партнери веќе ја посетија Македонија со цел да направат евалуација на можностите за отворање на центар за трансплантација и медицински центар. Работите кои не заинтересираа се едуцираната работна сила и ниските даноци“, изјави Едвард Мајлс./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ердоган ветува поддршка за сирискиот народ по падот на Асад
По пауза од 12 години, Турција повторно ја отвори својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе го поддржи сирискиот народ во процесот на обновување и закрепнување, оценувајќи дека Турција ќе продолжи да биде клучен фактор за стабилност во регионот.
На провинцискиот конгрес на Партијата на правдата и развојот, Ердоган истакна дека сирискиот народ извојувал значајна победа со соборувањето на режимот на Башар ал Асад. Потсети и дека Турција пред 13 години ги отворила своите граници за милиони бегалци од Сирија, обезбедувајќи засолниште за околу четири милиони луѓе кои побегнале од конфликтот.
„Турција останува како остров на стабилност среде хаосот и превирањата во регионот“, рече Ердоган, истакнувајќи ја улогата на неговата земја во решавањето на регионалните кризи.
Денеска, турското знаме повторно се вее пред зградата на амбасадата во Дамаск, лоцирана во дипломатскиот кварт. За привремен вршител на должност на амбасадор е назначен Бурхан Короглу, кој досега беше амбасадор на Турција во Мавританија.
Амбасадата на Турција ја прекина својата работа на 26 март 2012 година, поради влошувањето на односите меѓу Анкара и режимот на Асад, но со денешното отворање, активностите се официјално обновени.
Економија
Јавниот долг на Франција за првпат се изедначува со грчкиот
Франција за првпат ги изедначи трошоците за задолжување на Грција, со висок јавен долг и слабо балансирање на владата меѓу незадоволството на граѓаните и крајниот рок за усвојување на буџетот за следната година.
Во екот на должничката криза во еврозоната во 2012 година, трошоците за задолжување на Грција, мерени преку приносот на 10-годишните државни обврзници, беа за 37 процентни поени повисоки од приносот на француските обврзници со таа рочност, потсетува Ројтерс.
Приближно 12,5 години подоцна, приносите на долгорочниот грчки долг се движат околу три отсто и се само 0,02 процентни поени повисоки од приносите на францускиот долг.
Грција и натаму е членка на еврозоната со највисок јавен долг, мерено како удел во БДП, од 163,6 отсто на крајот на јуни. Во меѓувреме, Франција се доближи до неа и го зазеде третото место на скалата „должник“, со јавен долг од 112,2 отсто од БДП.
Економија
На Германија годишно ѝ се потребни 288.000 странски работници: „Пред нас е огромен предизвик“
Дологорочно, германскиот пазар на труд секоја година во значителна мера зависи од имигрантите – ова е заклучокот од анализата нарачана од Фондацијата „Бертелсман“.
Со цел да се задоволат потребите за работна сила и да се обезбеди благосостојба на Германија, имиграцијата на меѓународни работници, особено од трети земји, станува сè поважна. Затоа, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 288.000 меѓународни работници годишно за да се обезбеди доволна понуда на работна сила.
Според студијата, бројот на работници, без дополнителни имигранти, ќе се намали до 2040 година од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милион. До 2060 година тој број, без дополнителна имиграција, би можел да се намали за една четвртина, на само 35 милиони, пишува „Дојче веле“.
„Демографските промени, кои во наредните години поради пензионирањето на генерацијата ќе претставуваат големи предизвици за германскиот пазар на труд, бараат и имиграција“, вели Сузане Шулц, експерт за миграција од Фондацијата „Бертелсман“.
„Се разбира, пред сè, мора да се развие домашниот потенцијал на работната сила – и локалните жители и луѓето што веќе се преселиле тука и да се зголеми нивното учество на пазарот на трудот. Сепак, идните потреби до 2040 година не може да се задоволат само на овој начин“.
Реформираниот закон за имиграција на квалификувана работна сила дава нови можности за работниците заинтересирани за Германија. Сепак, според студијата, тие нема да дојдат без изразена култура на добредојде во институциите, компаниите и заедниците, како и без долгорочни изгледи за престој.
До 2024 година нема да бидат еднакво погодени сите германски сојузни покраини од недостигот на имиграција. Според студијата, најголем пад на работната сила ќе биде забележан во Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар, со повеќе од десет проценти. Помал пад, под десет проценти, се очекува во Хамбург, Берлин и Бранденбург.
Нивото на потребите за имиграција во сојузните покраини зависи од проекцијата на потребната работна сила до 2040 година.