Контакт

Истражувања

(Видео) Дојавувачи укажуваат на злоупотреби во Дирекцијата за заштита на лични податоци

Објавено пред

„Судир на интереси“, „злоупотреба на службена должност“ и „тргување со влијание“ се дела кои вработени во Дирекцијата за заштита на лични податоци му ги припишуваат на генералниот секретар во Дирекцијата, Игор Кузевски. Тој приватно правел обуки на тема заштита на лични податоци, кои, според вработените, може да ги прави и Дирекцијата и да обезбеди дополнителен приход како гарант на самостојноста на институцијата. Тие сметаат дека со организирањето приватни обуки кои слушателите ги плаќаат, а парите не завршуваат во институцијата, генералниот секретар го намалува интересот за обуките што ги организира Дирекцијата и ја намалува можноста за осамостојување.

dobivaj vesti na viber

Генералниот секретар Кузевски потврди дека приватно правел обуки, но смета дека не го нарушил ниту конкурирал на работењето на Дирекцијата. Обуките вели дека биле придружен дел од промоцијата на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци“, која тој ја напишал.

„Ја пишував речиси две години и по тој повод имав три настани како промоција на книгата на коишто се спроведуваше обука.  Обуката беше со работен наслов ‘ЕУ регулатива за заштита на лични податоци’, но во основа целата обука се однесува на набројување на основните начела во ЕУ. Тоа нема директна па јас би рекол ниту индиректна врска со заштита на лични податоци. Тоа се технички алатки. Предавањето не е во сегментот на лични податоци туку е во врска со промоцијата на книгата и беше инцидентно. Не е нешто што го правам со години. Се случи трипати откако е објавена книгата и нема повеќе, барем така знам. Ако е проблем што поради промоција на книга се одржани три обуки во кои се кажуваат најзначајните  сегменти што би ги поттикнале слушателите да направат прилагодувања на  својата машина, тогаш…“, вели генералниот секретар Кузевски.

Вработените сметаат дека Кузевски тргува со влијание оти приватните обуки ги држи не како експерт за заштита на лични податоци туку се претставува како генерален секретар во Дирекцијата.

„Книгата ја напишав во време кога не бев и не сонував да бидам генерален секретар. Напишав книга и во меѓувреме станав генерален секретар. Да речам сега дека не сум генерален секретар би било лажно претставување. Како да се претставам? Само како експерт за заштита на лични податоци? Па тогаш некој ќе ме праша кој ти ја даде титулата експерт“, вели Кузевски.

Кузевски ја напишал книгата пред да стане генерален секретар, а ја промовирал и држел обуки откако бил назначен на функцијата

Тој извршува три функции во Дирекцијата. Освен што е генерален секретар, тој членува во Комисијата за обуки и назначен е за лице за пријава на неправилности и сомнежи за измами или корупција во Дирекцијата за заштита на лични податоци. Кај него се пријавуваат нерегуларностите во работењето на Дирекцијата па вработените велат дека токму затоа се обесхрабрени да пријават случај поврзан лично за него. На официјалната веб-страница на Дирекцијата Кузевски е единственото лице за пријава на нерегуларности.

„Бев претседател на Комисијата за спроведување обуки пред да станам генерален. Во моментот кога станав генерален побарав да ме тргнат од тоа поради овие работи па бев ставен како заменик-претседател и од тогаш, реално, предавам само кога ќе зачестат обуките. И да, определен сум за лице за пријава на неправилности во работењето затоа што некој одлучил тоа да биде така. Затоа што некој ги проценил моите морални вредности. Ви кажав и претходно дека имаме уште еден службеник. Назначивме по заклучокот на Владата. Лицето требаше да исполнува некои профили од подзаконот, да има безбедносен сертификат и еден куп други работи. Се увиде дека само јас ги исполнувам“, рече Кузевски.

Од обуките на кои предвач е генералниот секретар на Дирекцијата за заштита на лични податоци

Последна забелешка за однесувањето на Кузевски од вработените е тоа што во период кога ги држел обуките се пријавувал дека е на работа, за што тој вели дека е уште една лага за него.

Директорот на Дирекцијата, Горан Трајковски, за случајот со генералниот секретар не сакаше да зборува пред камера. Вели дека знае за книгата што ја објавил Кузевски и за уште два настани кои биле одржани за промоција на книгата, но не знае за какви приватни обуки станува збор. Тој не ја исклучи можноста за постоење судир на интереси.

„Дали има судир на интереси во овој случај треба да се разговара, но јас како прв заштитник на приватноста навистина не можам ниту сакам да навлегувам во приватноста на моите вработени. За каква приватност се залагаме во таков случај? Во крајна линија секој може да држи обуки, но без сертификат. Само Дирекцијата издава сертификати“, рече директорот нагласувајќи дека сознанија за приватни обуки не стасале до него за да може да зборува за тоа.

За директорот е оправдано што Кузевски е носител на три функции во Дирекцијата бидејќи имаат недостиг од луѓе.

Во услови на нефункционалност на Државната комисија за спречување корупција, став за  случајот со генералниот секретар во Дирекцијата за заштита на лични податоци побаравме од Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнал“. Таа вели дека вообичаено не се дозволува извршување вакви дејности дури ни за професори на факултет и тврди дека секако треба да се испита случајот.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 часа

Ова беше година на револуционерни реформи, не потклекнавме на обидите за политички притисок, рече претседателот на Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска одржа прес-конференција на која даде свое осврт за 2024 година, од аспект на...

Македонија10 часа

(Видео) По тротинети ќе се изнајмуваат и електрични автомобили

Министерството за енергетика рударство и минерални суровини и министерството животна средина и просторно планирање, денес објавија чекор напред кон одржлива...

Македонија11 часа

(Видео) Се одбројуваат денови до отворање на ски-центарот „Михајлово“, граѓаните предлагаат доживотен мандат за градоначалникот Јанчев

По интензивните врнежи од снег во Михајлово, се одбројуваат деновите за отворање на скијачкиот центар, напиша градоначалникот на Кавадарци, Митко...

Македонија11 часа

(Видео) Курто Дудуш ги повика скопјани Новата година да ја дочекаат во Шуто Оризари: „Данела има недостиг на идеја“

Градоначалникот на Шуто Оризари ги повика скопјани на 31 декември да дојдат на плоштадот во општината најавувајќи богата музичка програма....

Топ13 часа

Пронајден скопјанец: прегазил жена, па се обидел да избега

Вчера во 09.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Македонско- косовска бригада“ и ул.„Св. Прохор Пчински“...

Економија14 часа

МЕПСО го раскина договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија

АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV...

Македонија15 часа

ДУИ бара ревизија на приватизацијата: Владата да ги стави интересите на граѓаните пред оние на олигарсите

Јасно е дека олигарсите кои ја заробија државата објавија војна на еднаквоста и на принципите на еднакви можности за сите...

Македонија15 часа

СДС тоне според рејтингот, но се обидува да го спаси и заштити Груби, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС со секој изминат ден тоне во сопственото политичко мочуриште, СДС се губи на политичката мапа а рејтингот им е...

Македонија16 часа

„Измамата со кошничката се гледа во маркетите – повисоки цени наместо пониски“, велат од СДСМ

„Зголемените трошоци за живот се претворија во сериозен товар за македонските семејства. Наместо да се намалат цените сега се зголемија....

Македонија16 часа

Утрово, најладно во Берово, најмногу снег на Попова Шапка

Утрово најладно било во Берово каде што се измерени -7 степени, -6 се измерени во Попова Шапка, -5 во Скопје-Петровец,...

Европа16 часа

Сопругата на Асад побара развод, не сака да живее во Москва

Сопругата на соборениот сириски претседател Башар ал Асад, Асма ал Асад, поднесе барање за развод откако во Москва изрази незадоволство...

Регион17 часа

Ранетата учителка од „Пречко“ закрепнува: „Со телото спасила можеби 10 животи“

Незапаметената трагедија во петокот ја шокира, ја разбесни и најмногу ја растажи Хрватска, но и многу соседни земји. 19-годишен млад...

Регион18 часа

(Видео) Српската полиција: На протестот имаше помалку од 30.000 луѓе; Архивата на јавните собири: Имаше 2-3 пати повеќе

Архивата на јавни собири во Србија објави проценка колку луѓе учествувале на протестот што се одржа вчера на белградскиот плоштад...

Свет18 часа

Мал авион се урна во шума во Мексико, најмалку седум загинати, објавени фотографии

Најмалку седум лица загинаа во падот на мал авион синоќа во шумска област во западната мексиканска држава Халиско. „Авион Цесна...

Свет18 часа

(Видео) Се урна мост во Бразил: едно лице загина, сулфурна киселина заврши во реката

Мост кој поврзува две бразилски провинции на северот на земјата се урна синоќа, при што загина најмалку едно лице, а...

Македонија18 часа

Студен бран со врнежи од дожд и снег

Под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи...

Македонија1 ден

(Видео) Мицкоски: Ако Груби бил чист како солза, немало да бега

Ако Артан Груби бил чист како солза, немало да има потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука...

Македонија2 дена

Водата во Скопје е санитарно исправна и може непречено да се користи, велат од Водовод

Секторот Санитарна контрола на ЈП Водовод и канализација Скопје на ден 22.12.2024 година изврши вонреден мониторинг на водоснабдителниот систем на...

Свет2 дена

(Фото+видео) Медицински хеликоптер падна врз болница во Турција, има загинати

Најмалку четири лица загинаа кога хеликоптер на брза помош падна врз болница во Турцијa. Несреќата се случила во градот Мугла,...

Свет2 дена

(Фото) Одреден притвор за мажот кој со автомобил влета на божиќен пазар во Германија, познати се нови детали за нападот

Мажот обвинет за убиство на четири жени и деветгодишно момче удрирајќи со автомобил во нив на божиќен пазар во германскиот...