Култура
Премиера на краткометражниот филм „Последните камбани“
Краткометражниот филм „Последните камбани“, работен по сценарио и во режија на Николче Поповски, а со Мето Јовановски во главната улога, ќе биде премиерно прикажан во четврток, со почеток во 20 часот во Кинотеката на Македонија.
Филмот кој говори за осаменоста и соочувањето со неа, ја носи приказната за старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.
Филмот се снимаше минатиот септември во селата Љубојно и Брајчино. Куриозитет на
„Последните камбани“ е што во него воопшто нема говор, а убавините на двете села играат важна улога и тие како да се дел од карактерите.
Директор на фотографија е Фејми Даут, продуцент е Гоце Кралевски, а филмот е во продукција на „ДНФ филмс“.
Актерската екипа на филмот ја сочинуваат и Сања Николовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска.
„Последните камбани“ е поддржан од агенцијата за филм на Република Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Друштвото на писателите на Македонија го прошири своето членство со пет современи автори
Друштвото на писателите на Македонија во изминатиов период го прошири своето членство со пет современи автор(к)и, кои на различни начини се одликуваат со своето творештво и со своите активности во областа на книжевноста: Митко Гогов, Искра Донева, Симона Јованоска, Хана Корнети и Милчо Мисоски.
Митко Гогов (1983, Скопје) пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво е застапено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји. Концептуален уметник и активист, Митко е организатор на фестивалот „100.000 поети за промена“. Има објавено две збирки песни во „Антолог“: „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019) и две во „Макавеј“: „Линијар [бројки]„ (2021) и актуелната „Бог на ба(к)терии“ (2024).
Искра Донева (1983, Скопје), завршила магистерски струдии по политички науки и дипломатија и по македонски јазик. Авторка е на трудот „Конфликтот на интерпретациите и разбирањето на наративните текстови“ („Восток“, Битола, 2018) и пред сè поетеса, најпрепознатлива и најпреведувана поради нејзината хаику поезија: „Татко“ (2013), „Скакулче игра плочка“ (2013), „Лазарополски хаикуа“ (2013), „Калеидоскоп“ (2015) и други.
Симона Јованоска (1985, Гостивар), дипломирала на економскиот факултет во Скопје, а досега има објавено четири книги: една збирка раскази, една книга за деца („Градот Вабу и потрагата на Нави“, Чудна шума, 2022), и два романи: „Денот на црвот“ (2021) и „Леска Брезоска“ (2024), кои како и збирката раскази се во издание на „Или-или“. Симона е добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски за романот „Денот на црвот“, и на други награди за проза.
Хана Корнети (1992, Скопје) дипломирала историја и филозофија во Анкара, а магистрирала на културолошки студии во Истанбул. Помеѓу другото, во „Или-или“ ги има објавено збирката раскази „Млечни заби“ (2021) и романот за деца „Илина и шумските тролови“ (2023). Добитничка е на прва награда за театарско сценарио во 2019 г., на втора награда на конкурсот за најдобар расказ на „Нова Македонија“, а била и финалист во регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.
Милчо Мисоски (1972, Струга) дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист микробиолог, примариус, магистер на медицински науки. Бил добитник на наградата „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата во 1992 г. и на други награди и признанија во земјава и во странство. Автор е на седум збирки поезија, од кои актуелна е „Зборови од хартија“ (Антолог, 2024).
Култура
Предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата со музичари од оркестрите на Вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и САД
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, припадниците на оркестарот на Армијата со музичари од оркестрите на Вооружените сили на Франција, Унгарија, Италија и САД под диригентската палка на потполковник Горан Илијевски, вчеравечер во Македонската филхармонија го одржаа традиционалниот предновогодишен концерт.
По интонирање на државната химна, аудиториумот во исполнетата сала имаше можност да проследи синхронизирана изведба на повеќе нумери од повеќе светски и македонски композитори. Концертот на воените оркестри од сојузничките земји, како и од земјите од регионот и пошироко, прерасна во проект во рамките на меѓуармиската соработка, кој традиционално се изведува неколку години во пресрет на Нова година или друг државен празник, претставувајќи го силното партнерство и трајните врски на пријателството и соработката.
Предновогодишниот концерт го проследија претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.
Воениот оркестар на Армијата во изминатиот период има реализирано голем број на концерти, а многупати и во останатите градови во Републиката. Особено забележителни беа настапите: на воените оркестри од армиите на Република Северна Македонија, Албанија, Хрватска и Словенија во 2023 година; со воениот оркестар на ВС на Албанија по повод 30-годишниот јубилеј на Армијата; трилатералниот предновогодишен концерт со воените оркестри на Албанија и Хрватска во 2019 година, во која година беше и заедничкиот концерт на пет воени оркестри во рамки на активностите за одбележување на „Недела на НАТО“, каде изведби имаа оркестарот на Армијата на САД за Европа, Грција, Словенија и Обединетото Кралство; потоа трилатералниот концерт во 2018 година со воените оркестри на Вооружените сили на Република Бугарија и Војската на Црна Гора, а уште претходно забележителен настап имаа и со воениот оркестар на Република Турција во 2014 година.
Култура
Голем концерт на „Мизар“ вечерва во МКЦ
Еден најпрепознатливи македонски рок-бендови „Мизар“ вчерва ќе одржи концерт во МКЦ со почеток од 20 часот.
Според организаторот „Чув де чув“, скопскиот концерт е најава на поголема активност на „Мизар“, ќе следува концерт и во Белград, а има планови за настап и во регионалните балкански центри во текот на 2025 година.
Групата на вечерашниот концерт ќе настапи со нова постава.
Во основата на бендот се Горазд Чаповски на гитара и Илија Стојановски на бас и процесор, а на нив ќе им се придружат Пеце Китановски (бас-гитара), Принц (клавијатури, придружни вокали), Драган Теодосиев (тапани), Нико Ѓоргиевски (вокал и перкусии) и вокалите од „Хармосини“ Сава Булатовиќ и Христијан Моневски (виола, кларинет, флаута, лира).
На концертот ќе бидат изведени новиот сингл „Псалм 135“, дел од новите песни на бендот, но и веќе химничните теми од претходните албуми, како „Дождот“, „Магла“, „Девојка од бронза“, „Градот е нем“, „Почесна стрелба“, „Златно Сонце“.