Дијаспора
Македонците во Албанија бараат да се формираат општини Голо Брдо и Гора
Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана огранок Голо Брдо, бара од албанската влада да донесе нов закон за територијална поделба и притоа да формира општини во Голо Брдо и Гора, каде живее македонско малцинство.
Македонското друштво смета дека територијалната поделба во Република Албанија што се спроведе во 2014 година се базира на фер и правна одлука на Уставниот суд како независна институција и гарант на Уставот. Но, одлуката на Уставниот суд во Тирана беше неправилна, нагласува претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај. Македонското малцинство во областите Голо Брдо и Гора, спојувањето на општините го смета како чекор назад во почитувањето на малцинските права во областите Голо Брдо и Гора. Спојувањето на општините не ги подобри условите на Македонците во областите Голо Брдо и Гора, туку го отежна животот на жителите. Имено, за еден извод треба да се патуваат два часа, а да не говориме за други катадневни неоходности. Поради тоа, Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана огранок Голо Брдо бара од Владата на Република Албанија и Министерот за локална самоуправа да форимираат посебни две општини и тоа општина Голо Брдо и општина Гора. Впрочем, ваков беше и предлогот на македонското малциство во Република Албанија предложи пред да почне терторијална поделба се нагласува во информацијата на Македонско друштво “Илинден”- во Албанија. /крај/мн
Извор:
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Дијаспора
Османи однесе втора, мобилна, станица за пасоши во Берн, Швајцарија
Во продолжение на серијата посети на дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија со значително зголемен обем на конзуларна работа, денеска, министерот за надворешни работи Бујар Османи престојува во Амбасадата во Берн, Швајцарија.
Во оваа Амбасада покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку базната станица се врши фотографирање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи, а од денес паралелно со базната станица се става во функција и дополнителна мобилна станица.
“Дојдов овде за да ги охрабрам дипломатите кои им служат на околу 300 наши државјани дневно, но и да гледам како тече процесот на издавање на нови патни исправи. Донесов уште една мобилна станица за фотографирање, што значи дека и овде во Берн работиме со два пункта паралелно, што значи два тима паралелно фотографираат и врачуваат нови патни исправи” истакна Османи.
Амбасадата во Берн e една од најоповарените амбасади во Европа во кои има базна станица. Како и во нашите дипломатско-конзуларни претставништва во Брисел, Бон и Берлин, и Амбасадата во Берн ја реаорганизираше својата работа во конзуларниот дел со цел да се скрати времето на давање услуги и нашите граѓани во најбрз можен рок да се снабдат со документи за патување.
“Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација. Олеснувачки фактор претставува одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи. Како и да е, сме се реорганизирале со дополнителни дипломати, работа во две смени и работа за време на викенд”, заклучи Министерот.
Од Швајцарија, Османи продолжува за претставништвото во Венеција, со цел запознавање од блиску со ситуацијата и спроведување на реорганизацијата за да им се излезе во пресрет на интересите на нашите државјани во Италија.
Дијаспора
За две години 85.000 македонски граѓани се иселиле во Германија со што Македонија загубила 4,6 отсто од населението
Истражувањето на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ покажува дека во Германија живеат 222.000 луѓе од Македонија. Истражувањето се повикува на последниот попис на населението во Германија (од 2022). Од оваа бројка, 158.000 биле родени во Македонија, се вели во истражувањето.
„Од 2020 до 2022 година, бројот на граѓани со потекло од Северна Македонија е зголемен за 44 отсто, од 154.000 на 222.000. Околу 32.000 граѓани на Северна Македонија заминале во Германија во 2021 година, а уште 53.000 во 2022 година“, се вели во истражувањето.
Така, за само две години, 85.000 македонски граѓани заминале во Германија, односно земјата за две години изгубила 4,6 отсто од резидентното население поради масовното иселување во Германија. оценува ИПП „Арбен Џафери“.
Дијаспора
МНР ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат како Македонци
Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели, Министерството за надворешни работи ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, се вели во соопштението од МНР.
Од македонското МНР велат дека „Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство“.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави, велат од МНР.
Северна Македонија и Албанија се земји со исклучителни пријателски односи. Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.