Македонија
МОН во декември ќе одлучи дали ќе има екстерно тестирање на факултетите

Министерството за образование и наука најверојатно во средината на декември ќе донесе одлука дали ќе има екстерно тестирање на факултетите. Министерот Абдилаќим Адеми вели дека тој сака се воведе оваа реформа, но дека одлуката зависи од повеќе фактори.
„Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред сѐ од Одборот за акредитација кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, потоа универзитетите, студентите, политиките на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без нарушување на автономијата на универзитетите,без загрозување на Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар како за универзитетите така и за студентите“, изјави Адеми во вторник на отворањето на Деновите на државно учење.
Тој го оцени протестот на студентите, што се одржа во понеделник, 17-ти ноември, како легитимно и гарантирано право во демократско општество. Но, според него е несфатливо зашто имало протест кога сѐ уште не е одлучено дали ќе има екстерно тестирање или не.
Според него, студентите не биле вистинските организатори на протестот.
„Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање“, рече Адеми.
Во врска со моделот на проверка на знаењето доколку се воведе, Адеми рече дека сѐ уште не е одлучено дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма и кога ќе се донесе одлука истата ќе биде споделена јавно.
Тој вели доколку се воведе тестирање тоа ќе биде во функција на зголемување на квалитетот на високото образование.
„Не велам дека виското образование не е квалитетно. Квалитетно е, но има дел од неквалитетното кое може да го загрози целиот образовен систем. Има универзитети во кои студентите што се запишани не го знаат ни македонскиот, ни албанскиот јазик, им предаваат со слушалки. Има студенти кои не следат настава, а добиваат оценки. Ги следиме тие состојби, но мора да ставиме и правни механизми тие студенти сами да се исклучат од образовниот систем, а не сите студенти да ги ставиме во ист кош“, рече Адеми.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фрлил вазна кон сопругата пред нивните малолетни деца, а потоа ја навредувал и се заканувал: предложени мерки за претпазливост

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 и Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 5 мај ја загрозил сигурноста на својата сопруга, така што при вербална расправија пред нивните две малолетни деца почнал да и се заканува, по што зел вазна со која фрлил кон оштетената. Не ја погодил, туку удрил во ѕидот, а оштетената исплашена за својата безбедност веднаш ги зела децата и заминала кај нејзината мајка.
На 7 мај, осомничениот со своето возило го пресретнал патот на автомобил во кој била оштетената и уште едно лице, започнал да ги навредува и да им се заканува, а потоа со нога, тупаници и предмети удирал повеќе пати во возилото. Со овие насилнички дејствија предизвикал чувство на несигурност и страв кај оштетените.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиште, обврска да се јавува повремено на одредено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана на посетување на одредено место или подрачје, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти со оштетената.
Македонија
„Убиствата станаа секојдневие, Тошковски нема контрола над безбедноста“, велат од СДСМ

„Безбедноста во државата е целосно нарушена. Имаме убиства речиси секоја недела, и тоа пред очите на граѓаните, во најцентралните делови на градовите и маалата. Убиството во Штип е само последно во низата убиства што се случуваат јавно, пред сведоци. Луѓето стравуваат за својата безбедност кога ќе излезат во кафе-бар или ресторан“, велат од СДСМ.
„За само 10 месеци, во Скопје имаше неколку убиства – во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Значително е зголемен бројот на разбојништва и кражби, сè почесто има престрелки со огнено оружје, а во два наврати беа фрлени и бомби во дворови на граѓани. Убиствата се случуваат дури и во полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар.
Овие податоци јасно укажуваат дека МВР и министерот Тошковски ја немаат состојбата под контрола. Уште колку убиства се потребни за тој да сфати дека не може да ја води МВР како институција?
СДСМ бара целосно расчистување на случајот и одговори на сите прашања што ќе ги поставиме јавно“, соопшти СДСМ.
Македонија
ЛДП: Крајно време е да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери

Либерално-демократската партија ја поздравува одлуката на Владата за прифаќање на нивната идеја за враќање на можноста за референдумско отповикување на градоначалници – предлог што ЛДП подолго време го застапува и промовира преку јавни настапи и трибини.
Ваквата идеја станува реалност со ново предложените измени на Законот за локална самоуправа, кои денес влегуваат на комисиска расправа во Собранието, велат од ЛДП.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, посочи дека е крајно време да се стави крај на заштитата на неефикасни и нетранспарентни функционери. Таа ја поздрави иницијативата за нов закон, кој ќе бара двотретинско мнозинство, како шанса за вградување на силни механизми за отчетност.
Идејата, која беше дел од законот од 1996 година, повторно се враќа со цел да се зголеми одговорноста, отчетноста и транспарентноста во локалното управување. ЛДП активно учествуваше во промовирањето на ова решение преку јавни настапи, дебати и панел дискусии.
ЛДП потенцира дека е добро и корисно што Владата и владејачкото мнозинство конечно ги прифаќаат нашите идеи и предлози како што се референдумското отповикување на градоначалник и комуналната полиција. Овие измени ќе придонесат за поодговорно и поефикасно управување на локално ниво, во корист на сите граѓани.