Македонија
Презентиран иницијалниот Извештај за категоризација на езерата во Дримскиот басен
Клучните наоди на Иницијалниот извештај за категоризација на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро, подготвен во согласност со Рамковната директива за води на ЕУ, беа претставени во вторник во Скопје.
Извештајот е изработен во рамките на проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за регионална конзервација и одржлива употреба на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро и во него се претставени биолошките, хемиските и геоморфолошки елементите на состојбата на водните басени на езерата, а воедно ги дава и насоките за квалитетен мониторинг на состојбите и квалитетот на водите во езерата.
„Извештајот претставува завршување на една и поттик за почнување на втората фаза од Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен. Како што соработката со GIZ на ова поле беше интензивна и енергична во првата фаза, очекувам дека со ист и посилен интензитет ќе продолжи и во втората фаза, за која деновиве заеднички ќе ги утврдиме приоритетите на кои ќе се работи“, рече заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски.
На презентацијата се обрати и заменик амбасадорот на Р. Германија во Р. Македонија, Ханс Хелге Сандер.
„Ова е одличен прв чекор кон остварување на целта кон која се стремат земјите членки на ЕУ и земјите со кандидатски статус за пристап кон ЕУ – добар квалитет и одржливо управување на водите до 2015 година. Со оглед на задоволителната состојба на протечните и непротечните води на територија на Р. Македонија, вашата држава со релативно мали инвестиции ќе може да ја постигне таа цел“, рече Сандер.
Презентирањето на Иницијалниот извештај за трите езера претставува важен чекор за крајбрежните држави кон управување со речни сливови во согласност со европското законодавство и во исто време, почеток на следење на проект со ист наслов (CSBL), но со нови цели.
Иницијалниот извештај, во исто време ги рефлектира придобивките од прекуграничната и интердисциплинарна соработка меѓу министерствата, надлежните органи, универзитети, невладини организации и експерти од трите држави и придонесува за создавање на заедничка база на податоци на квалитетот на водата, а со тоа и подобрување на размената на знаења и управување. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.