Надворешна политика
Попоски: Одложувањето на евро и евроатланските интеграции не ја подобрува климата во регионот
Министерот за надворешни работи Никола Попоски во вторникот учествува на форумот за западниот Балкан што се одржува во Берлин во организација на „Меѓународниот Аспен институт“, на кој актуелни се две теми од клучен интерес за земјите од Југоистична Европа: евроинтеграциите и бегалската криза.
Според шефот на дипломатијата Попоски, Европа останува на принципиелниот став дека сите земји од Балканот ќе бидат членки на Европската унија и за тоа се подготвени да помогнат но главниот товар ќе падне на земјите аспиранти.
„Тоа нема да значи дека ќе се впуштиме во проект во кој Европа ќе ги преземе одговорностите за создавање на добри услови за живеење на Балканот туку дека земјите сами ќе ги спроведуваат реформите. Ние го истакнваме нашето видување дека е неопходно да се зацврсти тој процес и да се отпочнат преговорите со Македонија и конечно да се заокружи и членството во НАТО бидејќи одлагањето на овие прашања не ја подобрува климата во регионот. Сосема спротивно дококу барање сигурен и предвидлив Балкан е неопходно, час поскоро тоа треба да се случи“, изјави Попоски по форумот.
Една од темите на форумот беше и мигрантската криза, пришто Попоски од своите европски домаќини побарал соодветни информации за плановите на ЕУ во врска со бегалците, за да може земјата и регионот подобро да се подготват за евентуални тензии на главната рута преку која што бегалцигте и економските мигранти заминуваат за ЕУ.
„Република Македонија е дел од трасата и значајно е да имаме определена предвидливост за мерките кои што би ги преземале земјите членки на ЕУ во поглед на одвојување на бегалците од од конфликтните региони од економските мигранти. Очигледно е дека не постои клима за понатамошен продолжен прилив на мигранти особено во земјите на прием на пример Германија. Но од друга страна Германија се уште размислува да не презема никакви унилатерални чекори кои би значеле дека бројка од 80 илјади мигранти кои што во овој момент се наоѓаат меѓу Грција и Германија би биле заглавени на тој пат“, изјави Попоски, додавајќи дека за Македонија е неопходно да ги преземе сите мерки за контрола на границите, за насочување на мигрантите и обезбеднување на што е можно подобар систем регистрирање на хуман и безбеден проток на бегалците.
Во неформалниот дел од состанокот учесниците ги коментирале последните тензии меѓу Турција како членка на НАТО и Русија по уривањето на рускиот авион на турско – сириската граница при што од дел од балканските министри било посочено дека сите земји имаат единствен приоритет членство во ЕУ, но и дека доколку предолг период постои вакуум во евроинтеграциите би можело да дојде до обиди за пополнување на тој вакуум од неевропски земји кои што немаат план за членство во ЕУ./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.