Македонија
Судењето за случајот во кој обвинет е Груевски е закажано за 21 ноември

Судијката Татјана Михајлова кај која беше распореден предметот на Специјалното јавно обвинителство за насилството во општина Центар го закажа судењето за на 21 ноември, соопштуваат од Основниот суд Скопје 1.
„Судечкиот судија кај кого беше распореден обвинителниот предлог на Обвинителството за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) против 14 лица, по разгледување на предлогот, оформи предмет со К.бр 1904/16, а со оглед на распоредот на претходно закажани судења на судијата кој постапува по притворски предмети, а и големиот број на обвинети опфатени во овој предмет, главната расправа е закажана за 21.11.2016 година во 10:00 часот за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог“, се вели во соопштението на Судот.Во судот тогаш се очекува да се појави поранешниот премиер и сегашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се првообвинети за овој случај. Ова е едно од првите две обвиненија што ги поднесе СЈО, по една година од своето работење. Груевски и Јанакиески се обвинети за поттикнување на насилство односно дека ги организирале насилните протести пред општина Центар. Пет лица се товарат за поттикнување на насилство, а девет лица дека учествувале во насилните протести.Во јуни 2013 година во општина Центар беше закажана седница на општина Центар за поништување на повеќе Детални урбанистички планови меѓу кои и ДУП-от „Мал ринг“. Според доказите на СЈО, Груевски, Јанакиески и други високи функционери го поттикнале членството на ВМРО-ДПМНЕ да организираат насилни протести и да извршат насилство врз градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и членовите на советничката група на СДСМ.Групата била организирана заради наводно рушење на црквата „Свети Константин и Елена“, точка која воопшто не била на дневен ред на седницата. Според СЈО, вистинските причини за организирање на протестите биле лукративните мотиви на Груевски и бизнис интересите на партијата на власт.Во насилните протести во Центар беа скршени сите прозорци на бараката каде се одржуваше седницата, а едно лице беше повредено. Како сведок во СЈО изминатите период се појави и Жерновски. СЈО поднесе обвинение и за уништување на документите за работата на опремата за следење во УБК, а првообвинет во овој случај е шефот на Петтата управа при УБК, Горан Грујевски. Овој предмет е прераспределн кај судијката Лидија Петровска, но СЈО побра нејзино изземање ,бидејќи нејзиното име се споменува во објавените прислушувани разговори./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.