Македонија
Затруените ученици пуштени на домашно лекување
Затруените ученици од средното училиште „Арсени Јовков“ во Скопје, се пуштени на домашно лекување откако на сите им укажана помош на скопските клиники.
Имено, во среда, околу 15.50 часот, од лице вработено како обезбедување во СУГС „Арсени Јовков“, пријавено е дека во училиштето за време на големиот одмор засега непознато лице или лица испрскале непозната иритирачка материја во вид на спреј, од која 13 ученици и двајца професори од училиштето со возила на итна медицинска помош се пренесени во болница. Тие се жалеле на печење во грлото, носот и очите. Веднаш по пријавувањето на настанот од полициски службеници од СВР Скопје разговарале со сведоци при што констатирано дека истиот ден за време на големиот одмор од втората смена, повеќе ученици почнале да излегуваат во училишниот двор и да се жалат на печење во грлото, носот и очите.Одговорното лице за физичко обезбедување во училиштето, кој бил во училишниот двор за настанот веднаш ја известил директорката на училиштето, која повикала итна медицинска помош, со чии возила 10 ученици се пренесени и хоспитализирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на Институтот за токсикологија, а други три ученици и двајцата професори се хоспитализирани во Градската општа болница „8-ми Септември“. На сите им е констатирана иритирачка кашлица и гушење, предизвикана од непозната материја и по укажаната помош сите се пуштени на домашно лекување. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Распишана потерница и предложен притвор за осомничен во предметот „Адитив“
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го прими Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.
„Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.
Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР доставија Наредба за распишување на национална потерница и Изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице“, соопштија надлежните.
Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.
Македонија
Анѓушев и Шалев предновогодишно со работниците на „БРАКО“
Сопствениците и менаџери на „БРАКО“, Кочо Анѓушев и Благој Шалев, предновогодишно ги посетија производните погони во фабриката и на сите работници им посакаа среќни празници и добро здравје во новата 2025 година, лична и семејна среќа, заеднички деловен успех и нов елан на работните места за новите проекти на „БРАКО“.
Фабриката „БРАКО“ ја заврши 2024 година со позитивни резултати, и покрај економската криза во Европа која погоди дел од западноевропските клиенти на БРАКО, како и кризата со производството на жица предизвикана, пред се, од војната во Украина, која беше извор на евтина суровина, и европските економски санкции кон трети држави.
Од друга страна, во 2024г БРАКО успеа значајно да го зголеми производството и продажбата на возилата за чистење Грин Машинс, да одржи стабилно производство на медицински мебел за странски брендови, и да произведува автоматизирани машини за клиенти од развиените земји.
2025г се очекува да донесе ширење на производите на БРАКО на светскиот пазар, но и борба за зголемување на вкупниот македонски извоз, како клучна основа за економски развој на нашата држава, а со тоа и поголем стандард за нашите граѓани.
ПР
Македонија
Меџити: Албанскиот простор не е засолниште за корумпираните
Првиот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, со реакција на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за неговиот партиски колега Артан Груби, кој по ставањето на црната листа на САД и прогонувањето од страна на македонските органи за истрага, се сомничи дека се наоѓа скриен во албанскиот простор.
„Албанскиот простор не е засолниште за корумпираните и нон-грата! Не ја дампирајте албанската просторија со печатот на корупцијата и не вклучувајте ја во криењето на обвинетите за корупција и злоупотреба на службената позиција,“ напиша Меџити.
Тој нагласи дека албанскиот простор треба да остане симбол на гордост и достоинство.
„Личностите од црниот список на САД не смеат да ги прават албанските држави заложници на правдата и да ги вклучуваат во нивните злоупотреби. Ова е срам за политиката и политичарите албанци во Северна Македонија,“ заклучи Меџити.
Неговиот одговор следува по критиките кон политиките на ДУИ и улогата на партијата во заштитата на личности вклучени во корупциски скандали.