Свет
Обама ја намали казната за Менинг, за одавање тајни на WikiLeaks

Американскиот претседател на заминување Барак Обама ја намали во вторникот затворската казна на информаторот на WikiLeaks, американскиот војник Бредли Менинг, кому судот во 2015 година му го призна променувањето на полот и името во Челзи Менинг, со што таа ќе биде ослободена во мај, објави Белата куќа.
Во вторникот, три дена пред напуштањето на должноста, Барак Обама ги намали казните за 209 осуденици и помилувал други 64 лица.
Бредли Менинг по изрекувањето на пресудата за шпионажа објави дека се идентификува како жена. Таа во август 2013 година беше осудена на 35 години затвор, бидејќи на разобличувачкиот интернет портал WikiLeaks му предала 700.000 тајни документи за американските војни во Авганистан и во Ирак.
Во ноември 2016 година, Менинг поднесе молба до американскиот претседател Барак Обама да ја намали нејзината казна пред тој да ја напушти Белата куќа, и тогаш рече дека не бара помилување.
„Единственото олеснување кое го барам е да излезам од воен затвор, откако минав шест години во изолација“, напиша Челзи Менинг, според пишувањето на The New York Times.
Менинг, која ја издржува казната во воениот затвор Форт Ливенворт во сојузната држава Канзас, во ќелијата штрајкуваше со глад и двапати се обиде да изврши самоубиство. Нејзината казна истекува на 17-ти мај 2017 година, објави Белата куќа.
Тога Бредли Менинг работел како разузнавачки аналитичар во Багдад во 2010 година кога на WiiLeaks му предал тајни документи и извештаи од боиштето, а материјалот содржеше и видоснимки од нападот на американски воен хеликоптер на наводни бунтовници во Ирак, во кој повеќе десетици беа убиен, вклучително и двајца соработници на агенцијата Reuters.
Документите кои ги предаде Менинг содржат извештаи за инциденти на боиштата во Авганистан и Ирак, досие за затвореници во Гвантанамо и околу 250.000 дипломатски извештаи на американскиот Стејт департмент кои открија меѓу другото и непријатни зајадливи коментари на сметка на многу светски државници,
Три години откако беше уапсен во Багдад, Менинг кон крајот на август 2013 година беше осуден на 35 години затвор.
Во февруари 2015 година беше објавено дека на Менинг, првпат во историјата на американските вооружени сили му е дозволено да се подложи на третман со хормонална терапија за менување на полот, додека беше во затворот во воената база Форт Левенворт. Претходно во април 2014 година, судот на државата Канзас му дозволи да го промени името во Челзи Елизабет. Изјавата на Менинг дека се чувствува жена, сериозно го комплицираше прашањето за неговото затворање, бидејќи во затворот во Форт Левенворт, казните ги издржуваат само мажи. Во март 2015 година, воениот апелационен суд во Вашингтон го призна женскиот пол на Менинг. Покрај тоа, нејзиниот адвокат тврдеше дека досеудената казна далеку ги надминува меѓународните законски норми.
Белата куќа и претходно навести дека може да ја преиначи казната на Менинг, што не е случај и со Едвард Сноуден, поранешниот аналитичар на Агенцијата за национална безбедност (NSA), кој преку британскиот весник The Guardian во 2013 година го откри постоењето на програмите за масовно следење на електронските комуникации милиони луѓе во светот, вклучително и челниците на американските сојузници во Европа. Сноуден на патот од Хонгконг каде и предаде тајните документи на медиумите, кон Латинска Америка, поради блокадите на европските воздухопловни и цивилни власти остана блокиран на аеродромот во Русија, каде што подоцна добива азил за привремен престој.
Основачот на WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж кој пет години се крие во еквадорската амбасада во Лондон, за да не биде предаден во Шведска каде е баран по истрага за наводни силувања, и стравува да не биде предаден на САД каде може да му се суди за шпионажа, претходно изјави дека ќе им се предаде на американските власти, доколку Обама ја помилува Менинг.
И Асанж и Сноуден во вторникот вечерта му се заблагодарија на Обама за помилувањето на Менинг, а WikiLeaks објави дека тоа е „победа“.
„Ви благодарам на сите кои ја водевте кампањата за намалување на казната на Челзи Менинг. Вашата храброст и одлучност го направи невозможното можно“, објави Асанж на Twitter.
„Заслужува да се каже со најголема сериозност, со добро срце: Благодарам Обама, објави Сноуден на Twitter. Исто така им се заблагодари на луѓето кои ја водеа кампањата за намалување на казната на Менинг и истакан дека тие придонеле за ваквата одлука./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Телескоп на НАСА ја сними поларната светлина на Јупитер

Впечатливите поларни светлини на Јупитер се стотици пати посветли од оние на Земјата, откриваат нови слики од вселенскиот телескоп Џејмс Веб, објави Асошиејтед Прес.
На најголемата планета во Сончевиот систем, се гледа импресивен светлосен феномен како „танцува“ кога честички со висока енергија од вселената се судираат со атоми на гас во атмосферата во близина на магнетните полови на планетата.
Аурорите на северната и јужната светлина на Јупитер и Земјата (aurora borealis и aurora australis) се движат од истиот механизам – честички со висока енергија што Сонцето ги исфрла за време на сончевите бури. Но, аурорите на Јупитер се уште поинтензивни бидејќи силното магнетно поле на планетата, исто така, ги заробува честичките исфрлени во вселената од џиновските вулкани на нејзината месечина Ио.
Телескопот Веб претходно го сними сјајот на аурорите на Нептун со највисока резолуција досега, децении откако тие беа првпат слабо видливи за време на прелетот на Војаџер 2.
Телескопот го снимил феноменот на аурора користејќи специјална камера во близок инфрацрвен спектар. Набљудувањето на Јупитер беше спроведено на 25 декември 2023 година, а го водеше тим научници предводен од Џонатан Николс од Универзитетот во Лестер во Обединетото Кралство. Резултатите од истражувањето беа објавени денес во научното списание „Nature Communications“.
Свет
Хамас го ослободи последниот американски заложник од Газа

Палестинската милитантна група Хамас објави дека го ослободила израелско-американскиот заложник Едан Александар и го предала на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Израел потврди дека 21-годишниот Александар е ослободен.
Александар бил член на воена единица стационирана на границата со Газа кога бил заробен од милитантите на Хамас за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Хамас изјави дека ослободувањето на Александар е „гест на добра волја“ насочен кон оживување на разговорите за ставање крај на 19-месечната војна меѓу Израел и Хамас.
Објавувањето доаѓа пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Блискиот Исток, која започнува утре.
Свет
„Имате рок до крајот на денот“: Европа ѝ постави ултиматум на Русија, пристигна експресен одговор од Москва

Европските земји се подготвуваат да воведат нови санкции кон Русија доколку Москва не почне да го почитува предложеното 30 дневно примирје во војната против Украина до крајот на денешниот ден, објави денес германската влада.
Портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин изјави дека „часовникот отчукува“ за Русија и дека е време да се покаже сериозност во врска со мирот.
Заканата со санкции доаѓа во време на интензивирање на дипломатскиот притисок од Брисел, Берлин и Париз, а се очекува дека меѓу мерките би можело да биде и прекинувањето на гасоводот „Северен тек 2“, што го објави претходно денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во разговор со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Сепак, од Москва брзо дојде остар одговор. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „јазикот на ултиматумот е неприфатлив за Русија“ и дека „не е можно да се разговара со Русија на тој начин“. Песков потсети дека ова е второ предупредување од Европа за само неколку дена, нарекувајќи го тонот на пораката „ултимативен и недипломатски“.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин предложи одржување директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул на 15 мај, без претходни услови. Портпаролот Песков го опиша предлогот како „сериозен сигнал за мировна намера“, нагласувајќи дека целта на Москва останува да постигне траен мир и да ги реши „коренските причини за конфликтот“, а воедно да ги зачува интересите на Руската Федерација.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори позитивно на предлогот на Путин, изразувајќи подготвеност лично да се сретне со рускиот лидер. Доколку средбата се одржи, тоа би бил нивниот прв состанок од декември 2019 година. Сепак, Кремљ сè уште официјално не одговорил на согласноста на Украина.
За време на нивната посета на Киев во саботата, лидерите на Франција, Германија, Велика Британија и Полска упатија заеднички повик до Русија за безусловно примирје, нагласувајќи дека мирот во Украина е од суштинско значење за стабилноста на Европа.
Сепак, на терен насилството не стивнува. Украинската војска соопшти дека во текот на претходниот ден, Русија извршила десетици напади по должината на источниот фронт, вклучувајќи повеќе од 100 напади со беспилотни летала преку ноќ.
И покрај предлогот за преговори, фактот дека Русија не се согласи на моментален прекин на огнот ги наведува европските лидери сè посериозно да разгледуваат дополнителни мерки за притисок. Брисел вели дека подготвеноста на Русија за компромис е клучна за избегнување на нов пакет санкции, што би можело дополнително да влијае на рускиот енергетски и финансиски сектор.