Свет
Трамп и Путин го завршија првиот официјален телефонски разговор
Во саботата вечерта по средноевропско време, по 50 минути заврши долгоочекуваниот во светот телефонски разговор меѓу новиот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој се смета за историски и од кој се очекува да ги ресетира американско-руските односи кои се на најниското ниво од крајот на Студената војна, а во чиј тек било разговарано за сите отворени прашања меѓу двете земји, особено за заедничката соработка на рамноправна основа.
Засега Белата куќа не излезе со соопштение за темата и текот на разговорот меѓу двајцата челници, но Кремљ оцени дека телефонскиот разговор меѓу претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на САД Доналд Трамп, минал во „позитивна атмосфера“, и оти двајцата челници разговарале за „борбата против тероризмот, сирискиот конфликт и ситуацијата во Украина“.
На разговорот кој Трамп го водел од Овалната соба, присуствувале и потпретседателот Мајк Пенс, шефот на администрацијата на Белата куќа Рајнс Прибас, советникот на американскиот претседател за национална безбедност Мајкл Флин и советникот за стратешки прашања Стивен Бенон.
Се истакнува дека „во текот на разговорот двете страни покажаа насоченост за активна заедничка работа на стабилизацијата на руско-американската соработка на конструктивна, рамноправна и основи коишто ќе бидат заемно полезни“, се наведува во соопштението на Кремљ.
„Беше истакната важноста на обновувањето на заемните трговско-економски врски меѓу бизнис заедниците во двете земји, што би можело дополнително да стимулира прогресивен и стабилен развој на билатералните односи“, се додава во соопштението на службата за информирање на рускиот претседател.
„Темелно беа разгледувани актуелните меѓународни проблеми, вклучително и борбата против тероризмот, ситуацијата на Блискиот исток, арапско-израелскиот конфликт, сферата на сратешката (нуклеарна – з.р.) стабилност и неширењето на оружјето, ситуацијата околу иранската нуклеарна програма и на Корејскиот полуостров“, се наведува во соопштението објавено на страницата на Кремљ.
Се додава и дека била отворена и темата на „главните аспекти“ на кризата во Украина и се истакнува дека „беше договорено да се воспостави партнерска соработка за сите овие и други области“, се додава во руската изјава за текот и темите од разговорот меѓу Путин и Трамп.
Бил истакнат и приоритетот на заедничките напори во борбата против најголемата закана – меѓународниот тероризам, при што претседателите повикале на воспоставување вистинска координација на американските и руските акции со цел да се победи џихадистичката организација Исламска држава, како и другите терористички групи во Сирија, според изјавата од Москва.
Исто така, Путин и Трамп се договориле да им дадат инструкции на своите соработници да работат на можните термини и местото на нивната лична средба, и се согласиле да ги продолжат меѓусебните директни контакти.
Русија смета дека по преземањето на должноста на републиканецот Трамп односите меѓу Москва и Вашингтон, коишто според оцените на руските челници во двата мандата на демократскиот претседател Барак Обама биле целосно деградирани, ќе почнат да се подобруваат.
Од друга страна, американските и медиумите во другите западни земји, исто така, со големо внимание го исчекуваа исходот и соопштенијата од разговорот меѓу Трамп и Путин и го сметаат за првиот тест за „ресетирањето“ на руско-американските односи.
Во написите се истакнува дека руските челници го поздравиле разговорот, но со загриженост го следат критичарите на Путин во Вашингтон и во Европа кои стравуваат дека Трамп може, во желбата да ги подобри односите со Кремљ да ги укине санкциите против Русија, наметнати од администрацијата на Обама а потоа и со негов притисок и од Европската унија, поради присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим на Руската Федерација, по референдумот од 2014 година на тамошното мнозинско руско и рускојазично население по револуцијата и промената на власта во Киев.
Досега Западот го сметаше тоа за нелегално според меѓународното право руско анектирање на украинската територија, меѓутоа како и што навестуваше Трамп во својата кампања, и многу европски политичари кои пледираат да ја освојат власта, минатата година најавуваа преиспитување на ваквите ставови околу Крим./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.