Свет
Плажите ќе ги дели Министерството за транспорт и врски
Министерот за транспорт и врски треба спогодбено да ги раскине веќе потпишаните договори со Охрид и со Струга и да распише нов тендер за плажите
ВЛАДАТА ДОНЕСЕ НОВА ОДЛУКА ЗА ОХРИДСКОТО КРАЈБРЕЖЈЕ
Министерот за транспорт и врски треба спогодбено да ги раскине веќе потпишаните договори со Охрид и со Струга и да распише нов тендер за плажите
Плажите на охридското крајбрежје место локалната самоуправа, под закуп ќе ги издава Министерството за транспорт и врски, а закупците, доколку не ги уредат плажите со квалитетен песок, санитарни јазли и друга опрема, нема да добијат дозволи за работа. Вака одлучи Владата на последната седница, откако ја разгледа информацијата за незаконитоста на договорите склучени меѓу Република Македонија и општините Струга и Охрид, со кои плажите лани им беа дадени под долготраен закуп од 99 години, без надомест за државата.
На барање на Министерството за транспорт и врски договорите биле анализирани во Јавното правобранителство каде што било утврдено дека тие се спротивни на одредбите од Законот за спречување на корупцијата бидејќи се склучени непосредно по завршување на парламентарните избори. Нив со непосредна спогодба ги склучил поранешниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази. Договорот со Охрид бил склучен на 19.07 2006 година, а договорот со Струга на 27.07.2006 година, веднаш по завршувањето на парламентарните избори.
Јавното правобранителство утврдило и дека во документацијата недостигало мислење од Министерството за животна средина за долготрајниот закуп на плажите, кој бил задолжителен. Правобранителството открило дека на склучувањето на договорите не претходел соодветен акт од општините со кој тие официјално ќе ги побараат плажите за потребите на општината. Таков документ во Министерството не бил доставен ниту, пак, Министерството побарало да му се достави, а со склучувањето на договорите прекршен бил и Законот за градежното земјиште кој не дозволува такво земјиште да се даде под долготраен закуп туку само под концесија или под краткотраен закуп.
На последната седница Владата донесе заклучок министерот за транспорт и врски во рок од 15 дена спогодбено да ги раскине договорите со општините Охрид и Струга, а доколку не се раскинат договорите, да побара од Јавното правобранителство нивно поништување. Во рок од 15 дена по раскинувањето или поништувањето на договорите, Министерството за транспорт и врски ќе распише јавен тендер за издавање под краткотраен закуп на конкретни градежни парцели на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески веќе имал средба со претставници од Општина Охрид на која било договорено спогодбено раскинување на договорот и преземање заеднички активности за распишување на тендерот за плажите.
На овој тендер за давање под закуп нема да бидат понудени крајбрежјата на Преспанското и Дојранското Езеро, како и бреговите на сите останати природни и вештачки езера. Од Министерството велат дека ќе направат анализа за бреговите на другите езера и ќе ја испитаат можноста за да бидат и тие, евентуално, дадени под закуп. (М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден зборуваше за дебатата со Трамп, но и за детали од неговиот личен живот
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека ќе учествува на дебата со Доналд Трамп, неговиот републикански противкандидат на ноемвриските избори.
„Не знам кога“, изјави Бајден во интервјуто со Хауард Стерн и додаде дека со нетрпение го очекува тоа, пренесе Ројтерс.
Бајден раскажуваше семејни приказни и рече дека пелтечењето било подготовка за тешките удари во животот. Тој рече дека пелтечењето како дете било најдоброто нешто што му се случило. Додаде дека на крајот го надминал пелтечењето, но дека повремено му се враќа кога зборува во јавност.
Интервјуто со Хауард Стерн се случи додека Бајден присуствуваше на политички настан во Њујорк.
За време на интервјуто, тој презентираше многу биографски детали, обидувајќи се да се претстави пред гласачите. Бајден, исто така, рече дека неговиот татко, Џозеф Робинет Бајден постариот, ретко покажувал љубов и раскажал приказна што напраавил кога бил нокаутиран додека играл рагби кога бил во четврто одделение.
„Татко ми излезе со нас и рече Џои стани. Само стани. Мора да станеш“, раскажал Бајден.
Свет
(Видео) Снимка од Ердоган хит на социјалните мрежи: Телохранител му подаде чешел на турскиот претседател, а потоа цела делегација мораше да застане
Видео од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган како се чешла стана хит на социјалните мрежи.
Ердоган, кој во четвртокот дојде на прославата на Уставниот суд во Анкара, цело време беше придружуван од телохранител кој ненадејно му подава чешел пред да влезе во салата. Турскиот лидер застана и почна да се чешла додека целата делегација, вклучително и претседателот на Уставниот суд, чекаше.
— Pluton (@Pluton45873221) April 26, 2024
Откако заврши со средувањето на косата, Ердоган му го даде чешелот на еден од своите советници, а потоа продолжи да се шета со претседателот на Уставниот суд, Кадир Озкај, насмеан.
Ердоган присуствуваше и на прославата на 62-годишнината од формирањето на Уставниот суд.
Свет
Се слушнало тропање и силни вибрации: Боинг изгубил дел за време на лет, извршил принудно слетување
Авионот на „Делта ерлајнс“ кој утрово полета од аеродромот „Џон Кенеди“ во Њујорк мораше да се сврти и да се врати на аеродромот поради дефект на опремата за итни случаи, пренесува „Индекс“.
Летот 520 на „Делта ерлајнс“ безбедно се врати на аеродромот околу 8:35 часот откако екипажот пријавил вибрации, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА). Пилотите веднаш по полетувањето пријавиле во контролата на летање дека почувствувале чудни вибрации и слушнале звук на тропање.
Авионот летал 33 минути пред да се врати на ЏФК, пишува „ABC7 New York“.
„Откако леталото безбедно слета, беше забележано дека во одреден момент отпадот за итни случаи паднал“, рече портпаролот на „Делта“. За време на инцидентот во „Боингот 767“ имало 176 патници, двајца пилоти и пет стјуардеси. Нема извештаи за повредени.
Патниците биле префрлени во друг авион, кој полетал во 10:59 часот, околу три часа подоцна. Авионот чиј дел за итни случаи паднал е стар 33 години и нема да биде во служба додека „Делта“ не ја процени неговата соодветност. Од ФАА велат дека ќе го истражат целиот инцидент.