Регион
Албин Курти предупредува: Косово ќе се подели како БиХ
Водачот на косовското движење Самоопределување, Албин Курти, кој е еден од можните идни премиери, изјави дека тој е за дијалог со Србите но не и за дијалог со Србија, бидејќи таа не го сака тоа. Според него, спроведувањето на планот за Заедница на српски општини ќе ја подели државата на косовски и српски ентитет и затоа не го поддржува.
Како што оцени тој, сегашниот дијалог во Брисел “не поставува никакви услови за Белград”, така што создава впечаток на нормализирање на односите, но, всушност, само се продлабочува етничката поделба.
“Ние не сме против дијалог, но против дијалог кој Косово го претвора во тема а Србија во предлагач на агендата“, рече Курти во интервју за “Вечерње новости”.
Тој вели дека ако стане премиер на Косово, еден од приоритетите ќе му биде дијалог со Србите во Косово и дека неговото движење има план за северните општини на Косово, со кој се предвидуваат комбинирани економски и социјални мерки. Според него Заедницата на српски општини се коси со Уставот на Косово и е „проект на Белград“.
“Корумпираната влада во Приштина го прифатила овој проект. Преку него ќе се случи федерализација на Косово на косовски и српскиот ентитет при што Србија не го признава Косово како суверена држава”, рече Курти, додавајќи дека Косово ќе се претвори во “уште една Босна”.
Запрашан за злосторствата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и дали сторителите ќе одговараат, Курти рече дека не верува дека ОВК извршила воени злосторства, но верува дека има поединци кои се кријат зад нејзиното име.
Според него, по УНМИК, Меѓународниот суд на правдата и ЕУЛЕКС на Косово му треба “универзална правда” наместо дополнителни судови, како што е сега новоформираниот суд за злосторствата на ОВК.
Албин Курти смета дека на Косово му треба “армија за мир”, сразмерна на бројот на населението, односно во редовите на полицијата и армијата да има вкупно 18.000 до 20.000 членови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.