Регион
Посетата на Рама на Белград одбележана со политички провокации за Косово
Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Белград, прва ваква посета на највисоко политичко ниво по 68 години, мина во знакот на политичките провокации кои Рама ги упати до своите домаќини, говорејќи за независноста на Косово, пренесуваат српските медиуми.
Српскиот премиер Александар Вучиќ по средбата со Рама потенцирал дека „нема да дозволи никој во Белград да ја понижува земјата, и дека Косово е дел од Србија и нема никаква врска со Албанија“.
Рама во својот говор во Палатата на Србија неколкупати напоменал дека независноста на Косово е реалност.
„Можеме да говориме за различни пристапи, но не мислам дека што било треба да нé спречи да ја кажеме вистината“, рекол Рама, додавајќи дека независно Косово е реалност која треба да се прифати и дека голем број земји тоа веќе го направиле.
„Жал ми е поради овој инцидент, поради тоа што се спомна Косово. Реалноста е дека ставот на Србија е дека Косово е дел од Србија, мило ми е што можам тоа да го повторам и пред господинот Рама“, изјавил српскиот премиер Вучиќ.
Говорејќи за односите со Тирана, српскиот премиер изјавил дека Србија ќе направи сé што е потребно од нејзина страна за да ги потпише сите важни договори со Албанија.
„Секогаш ќе даваме сé од себе за да развиваме добри и пријателски односи. Се надевам дека Србија и Албанија ќе продолжат со разговорите“, рекол Вучиќ, додавајќи дека Рама е секогаш добредојден во Србија и дека се надева дека нема да минат уште 60 години до следната посета на албански владин претставник на Белград.
Српскиот премиер, исто така, потенцирал дека посетата на Рама претставува нов почеток во односите меѓу двете земји, а со тоа и напредок во односите во целиот регион, и дека Србија и Албанија го делат заедничкиот пат кон Европската унија (ЕУ).
За време на посетата на албанскиот премиер, двете страни потпишаа и договор за заемна помош во спречувањето, истражувањето и сузбивањето на царинските прекршоци.
Инаку посетата на Рама на Белград е прва официјална посета на албански државник на Белград по 68 години, кога во тогашна Југославија, во посета беше тогашниот албански претседател Енвер Хоџа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Захарова: Западот планира да ја дестабилизира Србија со механизмите на „обоени револуции“
Западните земји прават планови за дестабилизација на ситуацијата во Србија, користејќи механизми на „обоени револуции“ и вршат притисок врз легитимните власти на земјата, додека Русија бара да престане мешањето во внатрешните работи на суверената држава, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Го следиме она што се случува во Србија во контекст на плановите на Западот да ја дестабилизира ситуацијата во земјата. Тие се обидуваат да го турнат неговото раководство до границата каде што ќе треба да избере: да ја продолжи политиката во корист на својот народ или да се сврти кон патот на договор“, вели Захарова, а пренесува агенцијата „Срна“.
Таа посочи дека Приштина со поддршка на САД и ЕУ прави напори да создаде неподносливи услови за српското население на Косово, што всушност е обид да ги истисне од регионот, објавено е на веб-страницата на руското Министерство.
„Судејќи според некои информации, косовскиот премиер Курти планира нови меѓуетнички инциденти за време на новогодишните и божиќните празници, за кои одговорноста однапред беше јавно поставена на српската партија и на православната заедница, изјави Захарова.
Таа додаде дека овие постапки се грубо кршење на основните права и слободи на граѓаните и се закануваат со нагло ескалирање на состојбата со најстрашни последици во регионот.
„Западните престолнини сè уште имаат можност да влијаат на своите штитеници во Приштина и да спречат политичка одмазда против претставниците на српската заедница. Силно ја поддржуваме пријателска Србија и братскиот српски народ на суверената држава“, рече Захарова.
Регион
Хрватска под ударот на страшно невреме: на сила е црвен метеоролошки аларм
Во делови на Хрватска денеска е во сила црвен метео alarm поради силно невреме на брегот и удари на ветер до 185 километри на час, јавува порталот „24сата“.
Црвеното предупредување е активирано во Кварнер, каналот Велебит и подрачјето на Централна Далмација, каде се очекува силно невреме со ветрови со урагански сили до 185 километри на час.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод, исто така, предупреди на можни штети по инфраструктурата и здравствени опасности од ваквото невреме.
Истовремено, големо количество снег наврна и во Лика, каде во текот на денот се очекуваат температури меѓу нула и четири степени.
Бурните ветрови и снегот веќе неколку дена го отежнуваат сообраќајот во Хрватска, дел од земјата е покриен со снег, а ветровите со урагански сили го вклучија метеоролошкиот аларм.
Регион
(Видео) Снежно невреме во Хрватска, 48 луѓе останаа заробени во автомобили меѓу нив и деца: Го поминавме Божиќ смрзнати
Вчера неколку лица, меѓу кои и пет деца, останаа заробени во автомобили кои беа покриени со снег кај Кореница. Јавната противпожарна станица на Плитвичките езера на својот Фејсбук објави дека нешто по 17 часот добила дојава од полицијата дека има завеани возила во областа.
Спасувањето, велат, се одвивало во најтешки можни услови, а од возилата биле извлечени 48 лица.
„Подигнати беа и силите на ДВД Плитвички езера, а на локацијата Кељево Брдо беа испратени пожарникари на ЈВП Плитвички езера и 9 пожарникари на ДВД Плитвички езера во 4 возила.
Успеваме да се пробиеме делумно со возила, а остатокот пешки на најсилните налети на ветерот и да се погрижиме за сите заглавени патници.
11 лица, од кои пет деца, се сместени со добри луѓе во топли домови, 35 лица се симнати од погрешно поставени возила пеш до Бјело поље, каде полицијата со комбиња ги носи во Удбина. Две лица пеш придружувавме до Кореница и ги ставивме на топло место.
Така го поминавме Божиќ на снег, смрзнати, но среќни бидејќи сите беа згрижени“, напишаа надлежните на Фејсбук како резиме од спасувањето и додадоа дека во текот на денот имале уште две интервенции, згрижување животно и една поплава поради покачувањето на нивото на реката, пренесува Јутарњи.