Филм
Британецот Кен Лоуч добитник на Златната палма во Кан
Филмот на британскиот режисер Кен Лоуч под наслов „Јас, Даниел Блејк“ (I, Daniel Blake) е прогласен за најдоброто остварување на штотуку завршеното 69-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Кан, соопшти на свечената церемонија во неделата вечерта жирито во Дворецот на фестивалот на шеталиштето Кроазет.
„Канскиот фестивал е многу важен настан за целиот свет. Останете силни“, им порача на француски јазик Кен Лоуч на организаторите на смотрата.
Златната палма ѝ припадна на социјалната драма за судбината на „малиот човек“. Главниот лик во филмот е повозрасниот столар Данеил Блејк, кому му е забрането да работи по преживеаниот срцев удар. Наоѓајќи се во тешка ситуација, тој се соочува со рамнодушноста на државната машинерија, но се обидува да продолжи да живее достоинствено.
Гран-при наградата, втората по важност по Златната палма, на годинешното издание на Канскиот филмскиот фестивал му припадна на канадскиот режисер Ксавиер Долан „Само крајот на светот“ (Juste la fin du monde).
Качувајќи се на сцената да го прими признанието, младиот канадски режисер одвај го додржа солзите. „Сé што правиме во животот, го правиме со цел да бидеме сакани, да бидеме прифатени. Ќе продолжам да правам филмови сиот мој живот, без разлика дали ќе ме сакаат или не“, рече Долан.
Херој во филмот на психолошката драма на Долан е успешен млад писател, кој во момчештвото го напушта домот поради несогласувањето со семејството поради неговата сексуална ориентација. Многу години подоцна тој се враќа во домот, за да им соопшти дека е смртно болен и оти наскоро ќе умре.
Главните ролји во филмот ги толкуваат ѕвездите на француската кинематографија, Марион Котијар, Венсан Касел, Леа Сејду. Сценариото е работено на основа на пиесата на францускиот писател Жан-Лук Лагарс, кој и самиот почина од СИДА во 1995 година.
Наградата за најдобар режисер годинава во Кан ја добија двајца режисери – Французинот Оливие Ассејас и Романецот Кристијан Мунгиу.
Францускиот режисер ја добри наградата за филмот „Личен купувач“ (Personal Shopper) кој се занимава со животот на млада Американка во Париз, која работи како асистент на славна личност, грижејќи се за нејзината гардероба. Хероината не ја сака својата работа, но не може да најде подобар начин да заработи за живото во Франција. Но одненадеж таа почнува да добива анонимни пораки.
Романецот, пак, е награден за филмот „Bacalaureat“. Во центарот на оваа социјална драма е историјата на провинциско романско семејство во кое единствената ќерка се подготвува за матурскиот испи. Високата оценка би ѝ овозможил на девојката да го продолжи школувањето во Англија, за што мечтае таткото. Но пред самиот испит сите надежи потонуваат, на само неколку чекори од училиштето таа доживува обид за силување и паѓа на испитот.
Наградата Златна камера за прв игран филм за која годинава претендираа 23 дебитанти, отиде кај францускиот со мароканско потекло Худ Бенјамин за филмот „Божествена“ (Divines). Ова е негово дебитантско режисерско остварување во кој двата лика се две тинејџерки најдобри пријателки кои живеат во едно проблематично предградие во Франција.
Иранскиот актер Шахаб Хосеин ја доби наградата за најдобра машка улога во филмот „Forushande“ на иранскиот режисер Асгар Фархади. Социјалната драма раскажува за 51-годишен маж кој по 20-месечно барање работа добива задолжение, кое го става пред етичка дилема и од неговиот избор зависи дали ќе го сочува тешко добиената работа.
Добитничка на наградата за најдобра актерка е филипинската глумица Жаклин Хозе, „Не знам што да кажам.. Не го очекувам ова“, изјави возбудената актерка.
Жаклин Хозе ја доби наградата за улогата во филмот „Ma’Rosa“ (Мама Роза) на филипинскиот режисер Брилијанте Мендоза, во кој е мајка на четири деца и држи мало кафуле во една од најсиромашните населби во Манила. За да врзат крај со крај, таа и сопругот се решаваат и да препродаваат дроги.
За најдобар режисерка на 69-от Кан жирото ја прогласи британската режисерка Андреа Арнолд за филмот „Американски мед (American Honey). Неговиот филм ја следи приказната за млада девојка која крстосува по американскиот Среден Запад продавајќи претплата на списание, но наскоро наоѓа ново друштво со кое влегува во авантури и искушенија.
За Арнолд ова е веќе трета награда во Кан, откако претходно во 2006 година ја освои за филмот „Црвениот пат“ (Red Road), и за „Аквариум“ во 2009 година.
Почесната палма годинава му беше доделена на францускиот актер Жан-Пјер Лео, за достигнувања во светската кинематографија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ана Василевска во Битола ќе ја промовира книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – книгата на македонската филмска критичарка, Ана Василевска, со капучино и пладневна дружба пристигнува во Битола.
Промоцијата на нејзиното дело ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“, а промотор е критичарот Влатко Галевски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.
Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.
Култура
„Браќа Манаки“: „Состојба на умот“ од кинематограферот Душан Кардалевски и во режија на Александра Кардалевска денеска во киното „Манаки“
„Состојба на умот“, штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
Краткометражниот филм „Состојба на умот“ (Frame of Mind) ќе биде прикажан денеска во 17 часот во киното „Манаки“ како дел официјалната краткометражна програма во компетиција за наградата „Златна камера 300“.
„Состојба на умот“ штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
„Чест е да се има ова дело на токму ваков фестивал што ги вреднува кинематографските квалитети, кои веќе беа забележани во други земји. Филмот зборува за едноставна, но универзална приказна, за љубовта, загубата…“, велат авторите.
На денешната краткометражна програма ќе бидат прикажани и „Вистинската вистина за борбата“ на Алана Мехија Гонзалес, „Овца“ на Адиб Собхани. „Оддалечување“ Петер Колањи и „Добро момче“ на Кинан Масарани.
По проекциите, публиката ќе има можност за дискусија (Q&A).
Култура
Европски филмови на плажа и на брод во Охрид секоја вечер до недела – „Живи и здрави“ го отвори 7. издание на „Бич филм фестивал“
Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Филмот кој на комичен и сатиричен начин ја раскажа приказната за една традиционална црногорска свадба која целосно излегува од контрола, успеа да ги изнасмее од срце присутните на плажата, но истовремено и да отвори бројни теми како што се бракот, патријархот, личните дилеми, бегството и прифаќањето на себе си, а најпосле и на реалноста.
На проекцијата присуствуваше дел од екипата, како и режисерот Мариновиќ, со кои потоа публиката имаше можност да ги сподели впечатоците од филмското дело и да се запознае подобро.
Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави, меѓу кои и Македонија. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Музиката во филмот е на Тони Китановски, а дел од актерската екипа е македонскиот актер, Никола Ристановски кој беше беспрекорен во својата улога.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
Интересна беше и проекцијата на краткометражниот „Гнев“ – изработен од млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.