Европа
Напаѓачот од Париз бил во контакт со терористи од Јемен и следен од полицијата на Италија
Еден од осомничените за нападот врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo во средата во Париз во кој беа убиени 12 луѓе, во 2011-та престојувал во Јемен каде што се сретнал со американскиот државјанин терористот Анвар ал-Авлаки, кој подоцна беше убиен од американските тајни служби, а исто така бил следен и од италијанските безбедносни служби поради регрутирање џихадисти за борбите во Ирак.
Според информациите до кои дошла агенцијата AFP од неименуван извор на висока позиција во разузнавањето во Јемен, Саид Каши бил еден од странските државјани кои во оваа земја дошле за изучување на исламската религија. Сепак, изворот на агенцијата не можел да прецизира дали тој бил обучен во Јемен во еден од тамошните кампови на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
Претходно имаше информации дека 34-годишниот Саид Каши неколку месеци минал во камп за обука на Ал Каеда во Јемен. Неговиот две години помлад брат Шариф пред десет години бил осуден и одлежал една ипол година поради учество во мрежа за регрутирање исламистички борци за борбите во Ирак.
Шариф, исто така, за истите активности бил осомничен и следен и од италијанските безбедносни служби. Во петокот министерот за внатрешни работи на Италија Анџелино Алфано изјави дека еден од осомничените за масакрот во Париз им бил познат на италијанските полициски служби како една од алките во синџирот за испраќање исламски екстремисти во Ирак.
Обраќајќи се пред пратениците во италијанскиот парламент, Алфано прецизираше дека станува збор за 32-годишниот Шариф Каши. „Тој им беше познат исто така и на италијанските безбедносни сили“, рече Алфано, но додаде дека помладиот Каши никогаш не бил забележан на територијата на Италија./крај/мф/сн
Извор: AFP/Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени две млади момчиња: планирале напад со нож на верници во синагога во Германија
Германските власти денеска соопштија дека уапсиле двајца мажи осомничени дека планирале напад со нож врз верници во синагога во Хајделберг, на југозападот на земјата.
Осомничените, на возраст од 24 и 18 години, беа приведени за време на одделни полициски операции во покраината Баден-Виртемберг на почетокот на овој месец, соопштија државните обвинители и полицијата, пренесе АП.
Тие разговарале за убиство на еден или повеќе верници во напад на синагогата, по што ќе следуваше нивна „маченичка смрт“, а сакаа полицијата да ги убие, се вели во заедничкото соопштение на германските власти.
Осомничените се соочуваат со обвиненија за заговор за убиство.
Полицијата го открила заговорот со претрес на домот на повозрасниот осомничен на 3 мај.
При претресот, полицаецот пукал и ранил еден од осомничените откако се фатил за нож.
Доказите запленети за време на претресот вклучуваат размена на онлајн пораки меѓу двајцата осомничени во април, во кои тие разговарале за можен напад на синагогата, соопштија властите.
На 18 мај полицијата го приведе помладиот осомничен и изврши претрес во неговиот стан.
Двајцата осомничени се германски државјани, а 18-годишникот има и турско државјанство, соопштија властите.
Нивните имиња не се објавени.
Германските лидери предупредија на ризиците од напади врз Евреите и го осудија порастот на антисемитизмот по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
Европа
Филипинка се породила на крузер и го сокрила бебето: тоа починало
Истражен судија во Гросето, Италија го отфрли обвинението за убиство против Чан Џенсел Пиа Салахид, 28-годишна Филипинка која се породила на бродот за крстарење „Сребрен шепот“ на 17 мај, а потоа беше уапсена за смртта на детето.
Истражниот судија го потврдил приведувањето, а младата жена останала во затвор, но под обвинение за напуштање дете кое починало. Нејзините двајца колеги, кои ја делеле кабината со неа и кои исто така биле уапсени поради смртта на бебето, биле ослободени.
Тие и помогнале да се породи и биле соучесници во прикривањето.
Како што пишува „Rai News“, по добивањето на резултатите од обдукцијата, судот ги отфрли обвиненијата за убиство. Засега не се знае за што точно ќе биде обвинета жената освен за напуштање на детето.
А, таа цело време пред истражителите, според италијанските медиуми, тврдела дека не сакала да го убие својот син, кого го нарекла Тејлор.
Само се плашела дека ќе остане без работа, па го сокрила. Секогаш кога можела, доаѓала да го дои, според исказите. Бебето го оставала во плакарот со подотворена врата за никој да не го види или слушне неговиот плач.
Европа
Состојбата на Фицо е стабилна, забележително е благо подобрување, велат од болницата
Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо по минатонеделниот атентат е стабилна со благо подобрување, соопштија денеска од болницата каде што е сместен Фицо.
„Состојбата на премиерот е стабилна со благо подобрување. Веруваме дека напредокот ќе продолжи“, соопшти болницата на платформата Х (Твитер), пренесе Ројтерс.
Фицо минатата среда беше застрелан од 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој веднаш беше приведен од полицијата.
Словачкиот премиер во тешка состојба беше пренесен во болницата каде му беше извршена операција.
Словачкиот суд во саботата одлучи Цинтула да биде задржан во притвор, а тој се соочува со казна од 25 години до доживотен затвор.