Европа
Осомничените за убиството на Немцов припадници на криминална група

Двајцата осомничени за убиството на рускиот опозициски политичар Борис Немцов биле припадници на злосторничка организација и извршители на повеќе криминални дела, објави во саботата Истражниот комитет на Руската Федерација.
Претходно во саботата наутро директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, за новинарите изјави дека се приведени две лица осомничени за убиството на 55-годишниот политичар Борис Немцов, извршено малку пред полноќ на 27-ми февруари, додека со својата партнерка, 23-годишниот украински модел Ана Дурицка се шетал по Големиот мост преку реката Москва, недалеку од Црвениот плоштад и Кремљ. Еден од најпознатите опоненти на рускиот претседател Владимир Путин, беше застрелан со четири куршуми во грбот, што предизвика жесток осуди и во светот и во самата Русија, вклучително и од самиот Путин, кој ликвидацијата на Немцов ја нарече „политичко“ и „срамно“ убиство.
Според Бортников, во врска со убиството на Немцов се уапсени Анзор Губашев и Заур Дадаев, кои потекнуваат од подрачјето на немирниот Кавказ, каде што се активни радикални исламистички групи. Една од варијантите кои ги разгледуваа руските истражни органи беа радикални мотиви во врска со изјавите на Немцов, кој инаку по потекло е Евреин, околу терористичките исламистички напади во Париз од јануари и конфликтот во источна Украина, како и за нарачана ликвидација.
Од своја страна адвокатот на убиениот Немцов, Вадим Прохоров изјави дека се’ уште не бил известен за имињата на уапсените лица во врска со убиството на неговиот клиент, пренесува РИА Новости.
„Во рамките на истрагата за убиството на Борис Немцов, иследниците од Истражниот комитет, заедно со оперативците на ФСБ и Министерството за внатрешни работи ги уапсија осомничените Анзор Губашев и Заур Дадаев“, потврдил за агенцијата ТАСС портпаролот на Истражниот комитет, Владимир Маркин без да соопшти за возраста на приведените и други детали од нивното апсење.
„Според сознанијата на истрагата, двајцата биле припадници на организирана група и учествувале во извршувања убиства“, додал Маркин.
Од партијата РПР-Паранас, чиј соосновач беше убиениот Немцов, во саботата изјавија дека главна задача на истрагата е да ги пронајде нарачателите на убиството на опозицискиот политичар.
Еден од челниците на оваа партија, Илја Јашин, во врска со информациите за апсењето на двајцата осомничени во писмената изјава за медиумите како императив за истрагата истакна дека мора да бидат откриени нарачателите на убиството на неговиот соработник,
„Крајно важно е делото да не биде ограничено само на притворените како жртвени јарци, дали се тоа вистинските убијци или не. Клучниот предизвик, пак, е да се утврдат и уапсат нарачателите“, порача Јашин./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин