Регион
Ципрас поднесе оставка и отвори пат за предвремени избори
Грчкиот премиер Алексис Ципрас поднесе во четвртокот оставка надевајќи се дека ќе ја зацврсти својата власт на предвремени парламентарни избори по седум месеци од мандатот освоен исто така на предвремени избори во кои се бореше со грчките доверители за подобар договор за спасување на презадолжената Грција, но на крајот, сепак, попушти отстапувајќи од предизборните ветувања кои го донесоа на власт.
До завршувањето на изборите, владата на Грција, според уставните одредби , ќе ја води претседателката на Ареопагот (Врховниот суд), Василики Тану-Христофилу, што воопшто ќе биде првпат во историјата на Грција која и да е влада да ја води жена.
Премиерот Алексис Ципрас му ја предаде својата оставка на претседателот Прокопис Павлопулос и го замоли да го одреди најраниот можен датум за одржување на изборите. Иако, тоа не го спомена Ципрас, владини функционери ги брифираа грчките медиуми дека неговата цел е предвремените избори да се одржат на 20-ти септември, во периодот кога тој ќе се обиде да го задуши бунтот во неговата коалиција на радикалната левица Сириза и да обезбеди поддршка од јавноста за програмата за надворешна финансиска помош за Грција која тој ја договори, трета за земјата од 2010 година во вкупна вредност која надмина 320 милијарди евра, и која овојпат на Атина ѝ овозможи да го избегне банкротот во последен момент, а со тоа и да излезе од еврозоната.
„Му ја предадов на претседателот својата оставка и оставката на целата влада. Политичкиот мандат од изборите на 25-ти јануари дојде до своите граници и сега грчкиот народ мора да го искаже своето мислење“, рече Ципрас во телевизиското обраќање.
Истакна дека народот треба да реши „кој ќе ги води преговорите за отпишување на државниот долг, кој ќе ги спроведува радикалните реформи“.
„Притисокот, уцените, финансиското задушување и ултиматумите доведоа до ситуација без преседан во Грција. Општеството сака да се измени. Не ги постигнавме нашите цели и договорот кој го посакувавме. Меѓутоа, го постигнавме најдобриот можен договор. Тој договор мора да се почитува“, рече уште Ципрас.
Според него, кабинетот сака да добие јасен мандат од народот и стабилна влада. „Со вашиот глас, сакаме да биде одлучено кој и како може да ја води Грција на тешкиот но патот кој дава надеж“, порача Ципрас.
Соочен со речиси крахот на грчкиот финансиски систем кој се закани и на иднината на Грција во еврозоната, Ципрас мораше да ги прифати барањата на кредиторите за повеќе штедење и економски реформи, токму политиките против коишто вети дека ќе се бори и ќе ги укине што му овозможи во јануари надмоќна победа над со децении етаблираните на грчката политичка сцена партии.
„Сакам да бидам искрен пред вас. Не го постигнавме договорот кој го очекувавме пред јануарските избори. Чувствувам длабока етичка и политичка одговорноста да го изложам на вашето расудување сето она што го сторив, успесите и неуспесите“, им се обрати Ципрас на Грците.
Неговата одлука уште еднаш да ја провери довербата кај избирачите, ја продлабочува политичката неизвесност на самиот ден кога Грција почна да ги прима парите според програмата за спасување договорена со надворешните кредитори во износ од 86 милијарди евра во следните три години.
Предвремените парламентарни избори би требало да му овозможат на Ципрас да ја потврди својата популарност кај грчките избирачи, пред најострите делови од програмата да започнат да дејствуваат, се очекува веќе во октомври, и би можеле да му овозможат да се врати на власт со зацврстена позиција, без бунтовниците против новата програма за помош во Сириза, кои би го оптоварувале.
Ципрас мораше да се согласи на болните кастрења во државниот сектор, меѓу кои се и далекусежните реформи на пензискиот систем, реформите во здравствениот систем, зголемување на некои даноци и приватизацијата, во замена за пакетот помош кој ја задржа Грција во монетарната унија.
Веќе подолго време наназад се очекуваше Ципрас да побара предвремени избори оваа есен. Меѓутоа, сега е принуден да дејствува брзо, откако претходно седмицава речиси третина од пратениците на Сириза во парламентот одбија да ја поддржат програмата за помош со што му го ускратија парламентарното мнозинство. Бројот на пратениците од неговата коалиција кои го поддржаа договорот со меѓународните доверители, падна на 118, под прагот од 120 пратеници колку што е потребно за малцинска влада.
Грчкиот устава има посебни одредби за одржување на изборите на помалку од 12 месец од претходните, според кои претседателот мора прво да ги консултира другите големи партии за да види дали тие можат да формираат влада, што во овој момент е речиси невозможно. Имено по оставката на поранешниот премиер Антонис Самарас, конзервативната Нова демократија сé уште нема лидер и во моментов ја води поранешниот спикер на парламентот Вангелис Мејимаракис. Уште посложена е ситуацијата кај социјалистичкиот Пасок, кој неодамна го смени челникот, но изгуби многу на популарноста.
Ципрас уште е популарен меѓу своите приврзаници, бидејќи, како што сметаат, барем се обидел да им се спротистави на доверителите, а со опозицијата којашто е во хаос, се очекува тој да се врати на власт.
Според истражувањето на јавното мнение на агенцијата Metron Analysis од 24-ти јули, поддршката за Сириза изнесува 33,6 отсто, и е далеку најпопуларната партија, но недоволно да владее самата без коалициски партнери./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ние сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментира за актуелните теми вклучувајќи ја и веста дека компанијата на зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучила да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс, планиран на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград.
„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, објави „Телеграф“.
Тој рече дека се чини оти „е потребно да се оцрни сè, да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.
„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Штетата предизвикана на Србија е огромна. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, рече тој.
Тој се осврна и на Обвинителството за организиран криминал во Србија, кое вчера поднесе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со овој луксузен проект за недвижности.
„Ние Србите сме мајстори за пропуштени можности, само за да му умре кравата на нашиот сосед на кој било начин. Јас лично ќе поднесам кривични пријави против сите што учествуваа во оваа потера и уништување на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“, најави тој.
Вучиќ нагласи дека „како одговорен човек, жал му е што изгубиле инвестиција од 750 милиони евра“ и дека сега „некој измислен проект во Албанија ќе го привлече целото внимание на светот“. Вучиќ истакна дека во соопштението од компанијата на Кушнер се наведува оти се повлекуваат од проектот „за да не се подели народот“.
„Што очекувавте луѓето да напишат? Дали очекувавте: „Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години? Дали очекувавте да кажат дека таму има идиоти што не сакаат американски инвестиции? Секако дека не“, рече Вучиќ.
„Тие логично рекоа: ‘Очекувавме сите да ни бидат благодарни, очекувавме тоа да ги обедини луѓето, луѓето да бидат ентузијастични. Но, таму, знаете, има некои што не се ентузијастични, туку, напротив, читаат меѓу редови, некои што не разбираат што е држава, што е народ или кои се интересите на граѓаните на Србија и беа против тоа“, додаде Вучиќ.
За потсетување, на почетокот на годината беше објавено дека инвестициската компанија „Афинити партнерс“, кооснована од Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар, планирала да изгради луксузен хотелски и станбен комплекс „Трамп“ на местото на Генералниот штаб на поранешната Југословенска народна армија, уништен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Од минатата година српската јавност расправа за правната основа за отстапување на просторот на тешко оштетениот Генералштаб, кој има статус на културно богатство, на странска компанија.
Инсистирајќи на тврдењето дека овој проект е во интерес на државата и нејзиниот главен град, што особено го туркаше Вучиќ, владејачката партија во српскиот парламент донесе посебен закон со кој се дозволува градење во населба чии делови имаат статус на заштитено културно добро поради нивната архитектонска вредност.
По донесувањето на овој закон, следуваше афера со фалсификување на одлуката во Републичкиот завод за заштита на спомениците за бришење на зградите на поранешниот Генералштаб и Министерството за одбрана од регистарот на недвижни културни добра.
фото/депозитфотос
Регион
Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп
Српското обвинителство за организиран криминал вчера поведе обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Еј-би-си њуз“.
Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.
Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да почне судењето.
Владата го поддржува проектот и покрај истрагата
Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба и покрај тековната истрага.
Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.
Симбол на отпор кон НАТО
Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна агресија во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.
Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува „Еј-би-си њуз“.
Регион
Маж ја избол до смрт партнерката на улица во Србија
Страшно злосторство го потресе вчера Лесковац во Србија, каде што 64-годишен маж, Р.Д., е осомничен дека ја избол до смрт својата 53-годишна партнерка. Убиството, како што соопшти Полициската управа во Лесковац, се случило околу 16:30 часот, пишува Н1 Србија.
Според полицијата, жената починала на местото на настанот од повеќекратни убодни рани. Припадници на Министерството за внатрешни работи брзо интервенирале и го уапсиле осомничениот кратко време по злосторството.
Истрагата е во тек
Р. Д. е обвинет за кривично дело убиство. Со наредба на Вишиот јавен обвинител, му е одредена мерка притвор до 48 часа, по што ќе биде донесен на распит во Вишото јавно обвинителство во Лесковац со кривична пријава.

