Свет
Трамп го потврди изборот на државен обвинител, директор на CIA и советник за национална безбедност
Како што беше најавено претходно во петокот, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го соопшти својот избор на сенаторот Џеф Сешнс за нов главен државен обвинител, пратеникот Мајк Помпео за нов директор на директор на Централната разузнавачка агенција (CIA), додека пензионираниот генерал Мајкл Флин го именуваше за советник за национална безбедност.
Џеф Сешнс, Мајк Помпео, кој инаку жесток противник на нуклеарниот договор со Иран, како и Мајкл Флин, кој го советуваше Доналд Трамп за воените прашања во текот на кампањата, ги прифатија своите именувања, соопшти транзицискиот тим на новиот американски претседател.
„Со ентузијазам ја прифаќам визијата на новоизбраниот претседател Трамп за ‘една Америка’, како и неговата доследност на еднаквата правда пред законот. Се радувам на своите обврски со цврста приврзаност кон чесноста и непристрасноста“, изјави 69-годишниот Сешнс, ветеран на американскиот Конгрес, кој ќе го води министерството за правосудство, а беше еден од најпрвите поддржувачи на Трамп.
Трамп, пак, Сешнс во соопштението го нарече „правен ум од светска класа“ кого „извонредно го почитуваат вистинските експерти и речиси секој што го познава“.
Овие именувања преставуваат први чекори на новоизбраниот претседател во формирањето на својот кабинет што, според американските медиуми, е одбележано со заткулисни борби и промени пред инаугурацијата којашто ќе се одржи на 20-ти јануари следната година.
За директор на CIA, Трамп го именуваше Мајк Помпео, конгресмен чиешто име стана попознато во јавноста во 2012 година по контроверзниот смртоносен напад на исламистите од таа есен врз американскиот конзулат во северниот либиски град Бенгази. Помпео беше коавтор на извештајот кој ја обвини тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, подоцна демократски противкандидат за претседател на Трамп, за лошо управување со кризата и занемарување на предупредувањата за можен напад во кој беше убиен американски амбасадор и уште тројца американски државјани.
„Тој ќе биде брилијантен и непопустлив челник на нашата разузнавачка заедница кој ќе ја осигури безбедноста на Американците и на нашите сојузници“, изјави Трамп за 52-годишнито Помпео.
Советник за национална безбедност станува 57-годишниот Флин кому му е одредена клучната улога во оформувањето на политиката на новиот претседател кој нема искуство по прашањата од внатрешната и надворешната политика.
„Среќен сум што генерал-полковникот Мајкл Флин ќе биде крај мене додека работиме на совладувањето на радикалниот исламски тероризам, управуваме со геополитичките предизвици и ја чуваме безбедноста на Американците, како дома така и во странство“, вели Трамп во писмената изјава.
Иако регистриран како демократ, Флин во кампањата на републиканецот 00Трамп беше ангажиран како советник за националната безбедност, притоа покажувајќи го својот цврст став кон исламскиот екстремизам кој во еден разговор за весникот The New York Times го опиша како егзистенцијална закана од светски димензии.
Флин во американската и странската јавност е извонредно ценет како воено-разузнавачки експерт кој помагал во борбата против бунтовничките мрежи во Авганистан и во Ирак. Армијата ја напушти откако сегашниот демократски претседател Барак Обама во 2014 година му даде отказ од функцијата директор на воената Одбранбена разузнавачка агенција (DIA) по поплаките околу неговиот начин на раководење.
Во четвртокот вечерта беше објавено дека Доналд Трамп во недела ќе се сретне со Мит Ромни, кој важи за умерен политичар кој силно го критикуваше и се противеше на изборот на Трамп, а е неуспешен претседателски кандидат на републиканците на минатите избори во 2012 година. Оваа средба се поврзува со можното именување на Ромни за државен секретар, позиција за којашто се споменува и поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани.
Коментаторите сметаат дека доколку виде именуван на позицијата шеф на американската дипломатија, Мит Ромни ќе го донесе со себе класичниот републикански пристап на надворешната политика. Во прв ред посочуваат на тоа дека Ромни во 2012 година Русија ја опишуваше како најголема геополитичка закана, додека Трамп во кампањата се залагаше за поблизок дијалог со Москва.
Претходно дел од американската јавност негодуваше на изборот на Трамп за свој главен советник на Стивен Бенон, борец против естаблишментот и извршен претседател на конзервативниот американски медиуми Breitbart./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италија: Покренати се три истраги за неуспешна трансплантација на срце на двегодишно дете
Во Италија се покренати три истраги за да се разјасни зошто срцето донирано на двегодишно момче во болницата „Моналди“ во Неапол не можело да се трансплантира, објавува локалниот портал „НаполиТудеј“.
Според информациите од обвинителството во Неапол, органот е доставен во оштетена состојба, а момчето во моментов е поврзано на машина за одржување во живот, чекајќи нов соодветен донатор.
Адвокатот на семејството, Франческо Петручи, наведува дека на родителите им било кажано дека срцето е имплантирано, што е еден од аспектите што се истражуваат.
На судско ниво, истрагите се спроведуваат во три насоки – во Неапол, во Болкано, каде што е експлантирано срцето на донорот, а се спроведува и внатрешна административна истрага во болницата „Моналди“, која привремено ги суспендираше трансплантациите на срце кај децата.
Според досегашната реконструкција, срцето донирано од четиригодишно момче кое почина во Вал Вености наводно било неправилно складирано и транспортирано.
Наместо мраз, кој традиционално се користи за одржување на температурата на органот, се користел сув мраз, контактот со цврст јаглерод диоксид го оштетил срцевото ткиво, што ја направило трансплантацијата невозможна и покрај напорите на медицинскиот тим од Неапол.
Здравствената администрација на Јужен Тирол истакнува дека процедурите за донација и трансплантација се спроведуваат според строги протоколи, а техничката и правната одговорност за зачувување и транспорт на органи главно му припаѓа на тимот на болницата што го прима органот, додека институцијата-донатор обезбедува операциони сали и логистичка поддршка.
Техничките и судските истраги ќе ја утврдат евентуалната одговорност.
Свет
Захарова: Атентатот врз рускиот генерал е обид за спречување на преговорите за Украина
Атентатот врз генералот Алексеев е дел од хибридна војна финансирана од Западот. Една од целите на овој терористички напад беше да се спречат преговорите, изјави претставничката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, во интервју за Спутник.
„Ова е дел од хибридната војна финансирана од Западот, а спроведена од режимот во Киев. Хибридната војна предвидува такво повеќевекторско влијание врз ситуацијата. Една од целите на ваквите терористички напади е да се спречи процесот на преговори, обид да се посее сомнеж во општеството за целесообразноста на преговорите. Ова е навистина една од целите“, рече Захарова.
Според неа, атентатот врз првиот заменик-началник на Генералниот директорат на Генералштабот на руските вооружени сили, генерал-потполковник Владимир Алексеев, е терористички чин на Киев, кој сфаќа дека нема перспектива на бојното поле.
„Тоа во никој случај не влијаеше на основните цели и задачи формулирани од земјата. Како ќе се развива процесот на преговори, како ќе се одвива работата со странските земји и во кои насоки, го одредува раководството на нашата земја. И тој ќе биде структуриран врз основа на националните интереси. И целата оваа терористичка банда, оваа толпа, мора многу добро да го знае тоа“, истакна Захарова.
Како што изјави таа, може да се очекува зло од режимот во Киев, но тоа нема да влијае на способноста на Русија да издржи.
„За жал, може да се очекува зло од нив, но нема сомнение дека тоа ќе доведе до уште поголема трагедија на глобално ниво и дека ние ќе преживееме во таа ситуација“, рече Захарова.
Таа истакна дека Владимир Зеленски имал „Наполеонов“ план да нанесе стратешки пораз на Русија и дека тој „мислел дека тој ќе биде оној што ќе го спроведе овој концепт“.
„Откако претрпеа тежок неуспех на тие планови, тие се префрлија на она што е погодно, што е практично, достапно за таква одмазда, за некое терористичко подземје. Но, повторувам, тие планови не се предодредени да се остварат“, заклучи дипломатката.
Вооружен човек го застрела Алексеев во станбена зграда во Москва во петокот. Генералот е хоспитализиран.
Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) објави во неделата дека го привела сторителот на атентатот и еден од неговите соучесници.
Свет
Европскиот парламент усвои построги и побрзи правила за азил
Денес, Европскиот парламент усвои измени на регулативите на ЕУ за постапката за азил со цел да се овозможи побрза обработка на барањата за азил.
Амандманите, кои ја вклучуваат изменетата листа на безбедни земји од ЕУ, беа усвоени со 408 гласови „за“, 184 „против“ и 60 „воздржани“, а на истата седница европратениците одобрија и договор за регулативата за спроведување на концептот на безбедна трета земја, со 396 гласови „за“, 226 „против“ и 30 „воздржани“.
Новата листа на безбедни земји на ниво на потекло на ЕУ ќе овозможи брзо решавање на барањата за азил на граѓани на Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко, Тунис.
Според новите правила, поединечниот барател мора да покаже дека одредбата за безбедна земја не треба да се применува во неговиот случај поради основан страв од прогон или ризик од сериозна неправда ако се врати во својата земја.
Земјите кандидати за пристапување во ЕУ ќе се сметаат за безбедни земји на потекло, освен ако релевантните околности не укажуваат поинаку, што вклучува неселективно насилство во контекст на вооружен конфликт, стапка на признавање азил на нивните граѓани на ниво на ЕУ што е поголема од 20 проценти и економски санкции поради дејствија што влијаат врз основните права и слободи.
Комисијата ќе ја следи ситуацијата во земјите на листата и во земјите кандидати и ќе реагира доколку околностите се променат, се вели во соопштението на ЕП.
Известувачката Лена Дипонт од Германија оцени дека денешното гласање за концептот на безбедни трети земји обезбедува уште еден клучен елемент за функционален и кредибилен систем за азил.
„Со овозможување побрзо и поефикасно отфрлање на очигледно неосновани барања за азил во иднина, ги забрзуваме процедурите за азил, ги олеснуваме системите на земјите-членки и им помагаме на луѓето да не бидат во правна неизвесност со години“, рече таа.
Пред да стапат во сила, овие регулативи треба да бидат усвоени од Европскиот совет, пренесува Танјуг.

