Филм
Падна првата клапа на „Бикини“ на Милчо Манчевски
Во Ист Вилиџ на Менхетен падна првата клапа на „Бикини“, петтиот игран филм Милчо Манчевски што се снима во Њујорк.
Снимањето продолжува во Вилијамсбург, на повеќе локации низ Њујорк како и во едно студио во Бруклин. Филмот е по сценарио и во режија на Манчевски, а авторот по првата клапа изјави: „Ми се чини дека нема поприродно чувство од тоа да снимаш во Њујорк.“„Бикини“ ќе се снима до средината на јуни, а ќе биде завршен до крајот на годината.Филмот е копродукција меѓу САД, Германија и Канада, a продуценти се „Цар филмс“ и „Милкмен продакшн“.Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка. Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД после епизодата на серијата „Прислушкувачи“ (The Wire) која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.„Зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија)“, рече Манчевски претходно.„Бикини“ е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж.Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.Манчевски предава филмска режија на постдипломските студии во Њујорк./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ана Василевска во Битола ќе ја промовира книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – книгата на македонската филмска критичарка, Ана Василевска, со капучино и пладневна дружба пристигнува во Битола.
Промоцијата на нејзиното дело ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“, а промотор е критичарот Влатко Галевски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.
Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.
Култура
„Браќа Манаки“: „Состојба на умот“ од кинематограферот Душан Кардалевски и во режија на Александра Кардалевска денеска во киното „Манаки“
„Состојба на умот“, штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
Краткометражниот филм „Состојба на умот“ (Frame of Mind) ќе биде прикажан денеска во 17 часот во киното „Манаки“ како дел официјалната краткометражна програма во компетиција за наградата „Златна камера 300“.
„Состојба на умот“ штотуку го почна своето фестивалско патување, досега имаше повеќе од 15 селекции и две награди за најдобра кинематографија за Душан Кардалевски на фестивали во Романија и Бразил.
„Чест е да се има ова дело на токму ваков фестивал што ги вреднува кинематографските квалитети, кои веќе беа забележани во други земји. Филмот зборува за едноставна, но универзална приказна, за љубовта, загубата…“, велат авторите.
На денешната краткометражна програма ќе бидат прикажани и „Вистинската вистина за борбата“ на Алана Мехија Гонзалес, „Овца“ на Адиб Собхани. „Оддалечување“ Петер Колањи и „Добро момче“ на Кинан Масарани.
По проекциите, публиката ќе има можност за дискусија (Q&A).
Култура
Европски филмови на плажа и на брод во Охрид секоја вечер до недела – „Живи и здрави“ го отвори 7. издание на „Бич филм фестивал“
Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Филмот кој на комичен и сатиричен начин ја раскажа приказната за една традиционална црногорска свадба која целосно излегува од контрола, успеа да ги изнасмее од срце присутните на плажата, но истовремено и да отвори бројни теми како што се бракот, патријархот, личните дилеми, бегството и прифаќањето на себе си, а најпосле и на реалноста.
На проекцијата присуствуваше дел од екипата, како и режисерот Мариновиќ, со кои потоа публиката имаше можност да ги сподели впечатоците од филмското дело и да се запознае подобро.
Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави, меѓу кои и Македонија. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Музиката во филмот е на Тони Китановски, а дел од актерската екипа е македонскиот актер, Никола Ристановски кој беше беспрекорен во својата улога.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
Интересна беше и проекцијата на краткометражниот „Гнев“ – изработен од млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.