Црна хроника
Србинот Угреновиќ се произнесе за виновен за убиството на Димитар Матилоски на Нова година во Охрид
Во Основниот суд во Охрид, во четвртокот, започна и заврши судскиот процес за убиството што се случи на Нова година во центарот на Охрид, кога по претходна расправија во угостителски објект, надвор од него, до смрт беше претепан 27-годишниот Димитар Матилоски.
За убиството обвинет е српскиот државјанин Бојан Угреновиќ од Краљево, Р. Србија, кој на почетокот од главната расправа на прашање на судечкиот судија Весна Кичеец, изјави дека се чувствува виновен за кривичното дело за кое се товари и изрази жалење и каење за стореното дело. 29-годишниот жител на Краљево ги прифати сите наводи во обвинението кое го товари дека критичната вечер физички го нападнал Димитар Матилоски во кафе барот „Табана“, а потоа надвор му задал удари, од кои еден во пределот на лицето бил фатален за младиот охриѓанец.
Членовите на семејството на убиениот скршени од болка гласно негодуваа на зборовите на обвинетиот дофрлајќи му дека е убиец, за што беа опоменати од судијката Весна Кичееец. пренесува Ohridnews.
Семејството изрази незадовослтво од текот на судскиот процес, бидејќи судот не го зел предвид нивното барање на обвинетиот да му се суди за свирепо убиство.
„Обвинетиот ја призна вината, сега судот ќе му одреди минимална казна, крајно сме револтирани. Очекувавме дека судот ќе ги признае нашите докази и ќе влезат во доказната постапка и на обвинетиот ќе му се суди за свирепо убиство, а тој сега ќе се суди за обично убиство, бидејќи ја призна вината и денеска по една година изрази каење и жал за тоа што го сторил“, изјави по завршувањето на судското рочиште Цветанка Матилоска Пешиќ, сестра на Димитар Матилоски.
Во завршните зборови обвинителството остана на изнесените наводи во поднесеното обвинение и побара судот да му изрече соодветна затворска казна на обвинетиот без оглед на признанието на вината.
Тоа, пак, според правниот застапник на оштетните, на семејството на убиениот му ја скратило можноста да бара преквалификација на делото.
Истакнато е оштетно побарување во висина од 10 милиони денари за претрпената загуба и душевна болка.
Судот по разгледување на прифатените докази треба да одреди датум на соопштување на пресудата. Согласно законот на обвинетиот моѓе да му биде изречена затворска казна од минимум пет до максимум 20 години. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Приведен навивач од Словачка, на 10 други не им беше дозволен влез во државата поради агресивно однесување во авион за време на лет
Вчера околу 20:30 часот во СВР Скопје, од службите на Меѓународен аеродром Скопје и од Регионалниот центар за гранични работи Север е пријавено дека во воздухоплов кој пристигнал од Словачка, повеќе лица под дејство на алкохол, кои се дел од навивачка група, за време на летот и по слетувањето не ги почитувале правилата, агресивно се однесувале и ги вознемирувале останатите патници и екипажот.
Полициски службеници веднаш пристигнале на местото и по преземени мерки го приведоа Л.Т.(38) од Словачка, а на 10 други лица, исто така, од Словачка, не им беше дозволен влез во државата од безбедносни причини.
По целосно документирање на случајот, против Л.Т. ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото: МВР
Топ
Скопјанец го онесвестил брата си со дрвена ногарка по глава и си легнал да спие, ОЈО го гони за обид за убиство
Скопското Обвинителство, по спроведена истражна постапка, поднесе обвинение против едно лице, за обид за убиство врз неговиот брат.
Обвинетиот 37-годишник, при вршење семејно насилство во семејниот дом во Марино, со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата.
„Иако брат му бил сериозно повреден од ударите и изгубил свест, обвинетиот воопшто не се обидел да му помогне, туку легнал да спие. Следниот ден утрото забележал дека брат му лежи на истото место во локва крв, но повторно го оставил, а настанот го пријавил дури неколку часа подоцна. На оштетениот му биле констатирани повеќе тешки телесни повреди со кои му бил загрозен животот“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судот достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
Топ
Уапсени 12 лица од Скопје, купувале оружје и муниција од Косово, го криеле во Сингелиќ и Брест
По неколкумесечна предистражна постапка, денес во раните утрински часови, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полициски службеници спроведоа претреси на повеќе локации на подрачјето на селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир.
Во акцијата беа уапсени 12 лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се сомничи за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавниот обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против сите 12 лица. Постои основано сомнение дека во периодот од април 2025 година до декември 2025 година тие создале и станале припадници на злосторничко здружение организирано за вршење кривични дела казниви со затворска казна од најмалку три години.
Првоосомничениот, од засега непознати лица од Република Косово, неовластено набавувал огнено оружје и муниција со цел понатамошна продажба, по што нелегално ги пренесувал на територијата на Република Северна Македонија. Оружјето и муницијата биле неовластено складирани на безбедни локации во селата Сингелиќ и Брест.
Од прибраните докази произлегува дека припадниците на групата имале јасно распределени улоги.
Првоосомничениот, како еден од организаторите, давал насоки за пронаоѓање потенцијални купувачи и за неовластено посредување во трговијата со огнено оружје и муниција. Еден од осомничените неовластено набавувал муниција и ги координирал активностите за доставување на оружјето до членовите на групата, додека друг го одржувал контактот со првоосомничениот и ја координирал доставата до непосредните купувачи. Дополнително, еден од осомничените, покрај неовластено посредување во трговија со оружје, се сомничи дека неовластено продавал и наркотична дрога – кокаин.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе достави предлог оваа мерка да биде определена спрема сите осомничени.
фото/илустрација/депозитфотос

