Македонија
Градоначалникот на Аеродром најави инфраструктурни проекти за 2017 година

Нови улици, комунална и атмосферска инфраструктура, нова градинка, тениски центар се дел од инфраструктурните проекти кои ги најави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, за 2017 година.
„Изминатава 2016 година посветено работевме на значајни проекти за напредокот на нашата општина, проекти што значат одговор на потребите и барањата на жителите на Аеродром, проекти за подобрување на условите за живот. Аеродром е општина, која реализираше веројатно најголем број проекти во 2016 година “, изјави градоначалникот Коневски и ги најави најзначајните проекти предвидени во Буџетот за 2017, каде акцент е ставен на инфраструктурата.
Во наредната 2017 година во Буџетот испланирани се средства за изградба на целосна комунална инфраструктура и асфалтирање на улицата „Пандил Шишков“, улицата „Коста Новаковиќ“ и изградба на три нови улици во Индустриска зона.
И Мичурин ќе добие нова улица, Долно Лисиче – атмосферска канализација, а во Јане Сандански ќе се гради тениски центар „Скопје“. Во Ново Лисиче се планира изградба на нова детска градинка. Со пари од Буџетот на општината ќе се менуваат фасади на 10 згради.
Во соработка со Град Скопје ќе се прошири и реконструираат булеварите „Трета македонска бригада“, „АСНОМ“, „Србија“ и „Февруарски поход“, улицата „Васко Карангелевски“.
„Како што може да се види, најзначајните проекти предвидени за 2017 година во Општина Аеродром се однесуваат на подобрување на инфраструктурата, образованието и спортот. Со реализација на сите овие проекти во 2017 година, Аеродром ќе остане најдобрата општина во Република Македонија и најпосакувано место за живеење“,рече градоначалникот Коневски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.