Македонија
Авалон: Доколку изведувачите сметаат дека не треба да бидат обесштетени, нема да има тужба за град Скопје

Кога е во прашање евентуалната тужба, за која сопственикот на Авалон Продукција Бобан Милошески пишува на неговиот приватен профил на Фејсбук, нашиот став е дека доколку од нас, од страна на сите ангажирани во овој проект биде побарано некакво обесштетување, ние ќе мора да го бараме тоа обесштетување од оној од кој што бевме агажирани, во случајов Град Скопје, велат од Авалон продукција.
„Имено, Авалон Продукција беше ангажирана во недостаток на сериозни финансиски средства со коишто досега се ангажираа скапи изведувачи од соседството, да организира дочек на Нова година со македонски изведувачи, со скромниот буџет кој беше на располагање“, објаснуваат од продукцијата.
„Под неверојатниот и нереален медиумски притисок, Градот Скопје попушти и одлучи да го откаже традиционалниот дочек на Новата година на градскиот плоштад, веројатно сметајќи дека нема никаква пречка за тоа, поради фактот што не се ангажирани скапи артисти од соседството, туку македонски изведувачи, а притоа не водејќи сметка за следниве работи:
- Дочек на плоштад на Нова година се организира од хуманитарни причини и на тие дочеци доаѓаат луѓе коишто не можат да си дозволат друг тип на прослава за Новата Година .
- Артистите ангажирани за таа Нова година не се самите пријавени за настап, туку од нив е побарано да настапат на таа манифестација, притоа не водејќи сметка дека со тоа им се одзема можноста таа вечер да работат на некое друго место.
- Авалон Продукција воопшто не беше консултирана за оваа одлука на Град Скопје и повторуваме дека ова немаше да се случи доколку ние за оваа прилика за Градот Скопје ангажиравме некои естрадни ѕвезди од соседството. Сигурно е дека ќе имавме договори во коишто тие ќе беа заштитени и сигурно е дека уште при потпишувањето на договорите ќе беа стандардно уплатени 50 отсто од средствата како што е стандардно вообичаено во овој бизнис.
Доколку сите инволвирани во проектот сметаат дека не треба да бидат обештетени, се разбира дека Авалон Продукција нема да го тужи градот Скопје и ова ќе остане запаметено како историски преседан и аматеризам и тотално понижување на тоа што значи македонски артист и тоа што значи професионалност“, порачуваат од Авалон.
„Можевме да бидеме повикани на состанок, можевме да бидеме консултирани, можевме сите заедно да организираме дочек за Нова година и да биде побарано од сите да се откажат од средствата, а не на најаматерски можен начин за нешто што е сепак бизнис, да бидеме известени од медиумите. Сите што требаше да учествуваат во оваа манифестација се докажани хуманитарци и нема потреба да се докажуваат на ваков начин. Сите во своите екипи кои требаа да настапат на плоштад имаат музичари кои што се ангажирани вечерта и живеат од оваа работа. Така да, споменатата тужба не е ничив хир, туку едноставно е одраз на некаква прагматичност во целава ситуација“, заклучуваат од Авалон продукција./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.