Црна хроника
Јанкулоска: Причините за несреќата се утврдуваат, хеликоптерот бил редовно сервисиран

Причините за хеликоптерската несреќа што се случи во четврток вечер во Струмица сé уште се утврдуваат, а леталото било редовно сервисирано. Жртвите се идентификувани и станува збор за искусни пилоти со повеќедецениско искуство.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во петок со солзи во очите ги соопшти деталите и идентитетот на загинатите во хеликоптерската несреќа која, според неа, е еден од најцрните и најтешки моменти во историјата на МВР.
„Загубивме четворица наши искусни колеги кои со своето знаење, дух и професионализам оставија длабок печат врз нас и работењето на Министерството. Дозволете да изразам најдлабоко сочувство на семејствата на Драги Мицев, роден 1969 година во Струмица, началник – пилот на хеликоптерската единица со работен стаж од 34 години; Марјан Трајковиќ, роден 1967 во Куманово, пилот- капетан со работен стаж од 37 години; Тоде Орешков, роден 1970 во Рожден Кавадарци, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал – пилот со работен стаж од 36 години и Иљо Лопатички, роден 1968 во Битола, командир – пилот со стаж од 36 години“, го соопшти Јанкулоска идентитетот на жртвите и рече дека сите четворица биле врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал на МВР.
Несреќата се случи во четврток во 22 часот. Според првичните информации, за време на ноќниот лет, хеликоптерот со кој сé уште не е познато кој управувал, удрил во антенски столб на Македонска радио дифузија висок 120 метри. Јанкулоска информираше дека станува збор за хеликоптер „МИ 17-V 5“ произведен во 2008 година кој се користел за спасувачки акции на МВР.
„Хеликоптерот летал на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно. Истиот е редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опремата за ноќна визуелизација не се пожалиле на проблеми“, рече Јанкулоска.
Веднаш по несреќата била формирана Комисија за спроведување истрага со цел утврдување на причините за несреќата, а Основен јавен обвинител од Струмица го спроведува увидот на лице место.
Јанкулоска соопшти дека во тек е обезбедување траги од местото на несреќата врз основа на кои со криминалистичко вештачење и обезбедување соодветни докази ќе се разјаснат причините за трагедијата. При увидот, додаде таа, досега се пронајдени двете црни кутии и уредот за покажување на правецот на летот кои ќе бидат подложни на вештачење./крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Пожар зафати автомобил вечерва во Кавадарци

Пожар зафати автомобил вечерва во Кавадарци, а пожарникарите од Територијалната противпожарна единица се на терен и интервенираат на лице место.
Се работи за автомобил форд фокус.
Црна хроника
Едно лице загина, а две се тешко повредени во сообраќајка кај Кратово

Во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на регионалниот пат кај местото викано Превалец, во атарот на селото Трновац, кратовско, едно лице го загуби животот, а две лица се тешко повредени.
Несреќата се случила околу 14:24 часот меѓу товарно возило фиат добло со скопски регистарски ознаки, управувано од Љ.Т.(54) од Скопје, и патничко возило дачиа сандеро со кавадаречки регистарски таблички, управувано од С.В.(33) од Скопје.
Во судирот на самото место починал сопатникот од товарното возило, А.А.(38) од Скопје, чија смрт била констатирана од лекар. Со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, кои биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово, а причините за несреќата се утврдуваат.
Црна хроника
Полицијата приведе маж, уништувал политички плакати

Жител на кавадаречкото село Ваташа бил приведен рано наутро поради уништување плакати на политичка партија на кавадаречко подрачје, соопштија попладнево од Секторот за внатрешни работи – Велес.
-Денеска во 2:45 часот, полициски службеници од ОВР – Кавадарци го приведоа 33-годишниот А.Ѓ. од село Ваташа, кавадаречко, затоа што, заедно со други лица, уништувал плакати на политичка партија во Кавадарци и кавадаречко. А.Ѓ. е задржан во полициска станица и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, појаснија од СВР – Велес.