Македонија
Во среда ќе се одлучи кога ќе се конституира Собранието
Државната изборна комисија (ДИК) во среда до Собранието треба да го достави Извештајот за резултатите од предвремените парламентарни избори 2016 и освоените мандати, по што се очекува да биде одреден датумот на конституирањето на новиот состав на Парламентот.
Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, најдоцна 20 дена по одржаните избори. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите. Седницата ја свикува најстариот по години избран пратеник, а ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.
Како што стои во членот 9 од Деловникот за работа на Собранието, пратеникот кој ја свикал првата седница, претседава со собраниската седница, додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.
Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.
Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието.
Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија, која ја избира Собранието на конститутивната седница, по предлог од претседавачот.
Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Врз основа на извештајот на ДИК за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.
Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој таков предлог Собранието расправа и одлучува одделно.
Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.
До добивањето на известувањето на ДИК, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.
Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на ДИК, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Со верификацијата на мандатот, пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, со закон и со собранискиот Деловник.
Според Деловникот за работа на Собранието, на пратеникот на кој му е верифициран мандатот му се издава легитимација и картичка за електронско гласање. Во легитимацијата се внесува правото на имунитет и другите права што можат да се остварат врз основа на функцијата пратеник.
Прописите за содржината, обликот и начинот на издавање на легитимациите на пратениците, како и за евиденцијата на издадените легитимации донесува претседателот на Собранието. За издавање на легитимациите и за евиденцијата на издадените легитимации, се грижи генералниот секретар на Собранието./крај
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

