Свет
Асад првпат поврзан со можно користење хемиско оружје
Меѓународните иследници првпат изјавија дека сметаат дека сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговиот брат се одговорни за користење хемиско оружје во сирискиот конфликт, се наведува во документот во кој увид имал Reuters, кој доаѓа речиси две години по извештајот предаден во Обединетите нации и предавањето на сите залихи од вакво оружје и агенси од страна на сириската влада на меѓународните набљудувачи од Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) на коишто им беше овозможена детална инспекција на сите капаците и складишта на армијата.
Листата којашто ја видел Reuters, но уште не е објавена, се заснова на комбинација од наводни докази кои во Сирија ги собрале ОН и OPCW, а особено на информации од западните и разузнавачките земји од регионот кои всушност ги поддржуваат бунтовниците против владата на претседателот Асад. Изворот на Reuters барал да остане анонимен „поради чувствителноста на темата“.
Информациите се појавуваат во периодот кога во Сирија главно се почитува прекинот на огнот постигнат на 30-ти декември под покровителство на Русија и Турција, како вовед во мировните преговори за политичката транзиција на земјата меѓу сириската вооружена опозиција и сириската влада кои треба да започнат кон крајот на јануари во казахстанската престолнина Астана.
Заедничката истрага на ОН и OPCW попрано идентификуваше само воени единици, и не ги именуваше командантите и функционерите како виновните за наводното недозволеното војување.
Сириската влада во текот на истрагата понуди докази дека хемиските реагенси употребени крај главниот град Дамаск ги користеле бунтовници, на коишто им ги доставила тајната служба на сунитска монархија од регионот, а ги набавила од западноевропски компании. Целта на ваквите инциденти и вести за наводни хемиски напади, според Дамаск, била да се вовлечат западните земји, во прв ред САД, во сирискиот конфликт на страна на сунитските сили кои сакаат да го соборат претседателот Башар ал-Асад, почнувајќи од март 2011 година.
Сега била наводно изработена листа од поединци кои иследниците ги поврзуваат со низата напади со хлор меѓу 2014 и 2015 година, а неа се претседателот Асад, неговиот брат Махер и други високи функционери, со што се тврди дека наредбите за користење на токсично оружје дошле од самиот политички врв, тврди за Reuters извор запознаен со истрагата. Но не се споменува за користењето на биолошкото оружје од страна на бунтовниците и екстремните исламистички групи кои на почетокот од бунтот пред шест години успеаја да заземат големи територии од Сирија, вклучително и воени складишта, воени аеродроми и гарнизони.
Претставници на семејството Асад не биле наводно достапни за коментар за Reuters, но функционер на сириската влада изјавил дека обвинувањата дека владините сили наводно користеле хемиско оружје „немаат упориште во вистината“. Асад и сириската влада повеќепати ги отфрлаше тврдењата дека користеле оружје за масовно оружје против својот народ. Изворот на Reuters истакнал дека повеќето споменати напади се изведени од страна на Исламската држава и сириските бунтовници.
Истрагата на ОН и OPCW, позната како Заедничките истражен механизам, го предводи група од три независни експерти и група технички и административен кадар на кои владата во Дамаск и дозволи престој и инспекција на сириска територија која е под нејзина контрола. Ги покрена Советот за безбедност на ОН, во согласност со Русија, која инаку е воен сојузник на Башар ал-Асад, за да се утврдат поединци и организации одговорни за хемиските напади во Сирија.
Сепак, челничката на Заедничкиот механизам, Вирџинија Гамба негира дека постои каков и да е список со осомничени поединци.
„Утврдувањето на личности сега не се разгледува“, изјавила Гамба за Reutes.
Според текстот од наводниот извештат кој го наведува Reuters се наоѓале 15 имиња „кои треба да се истражат врзано со употребата на хемиско оружје од страна на Вооружените сили на Сириската Арапска Република меѓу 2014 и 2015-та“. Но не се изнесени поединости за улогите кои посочените наводно ги имале во тоа.
Списокот е поделен во три дела. Во првиот под наслов „Внатрешниот круг на претседателот“ се наведени шест лица вклучително и Асад, неговиот брат Махер Асад кој командува со елитната 4-та оклопна дивизија, министерот за одбрана и шефот на воената разузнавачка служба. Во вториот дел се наведени имињата на шефот на воздухопловните сили и на четворица команданти на воздухопловните дивизии. Во третиот дек се наведуваат имињата на двајца полковници и четворица генерал-мајори.
Хармиш Бретон-Гордон, независен стручњак за биолошко и хемиско оружје кој ја набљудува во ситуација во Сирија, тврди дека списокот всушност ја претставува воената командна одговорност, но не изнесува оцена за тоа дали навистина и кој користел хемиско оружје во Сирија.
„Одлуките се носат на највисоко ниво, па потоа се делегираат подолу… Поради тоа, првата употреба (на оружјето) треба да го авторизира Асад“, вели експертот кој е поранешен командант на британските и НАТО дивизиите за одбрана од хемиско и биолошко оружје кој чест ја посетува Сирија.
Сирија се придружи на Меѓународната конвенција за хемиското оружје по договорот со САД и Русија, по нападот за кој Западот тврди дека се убиен со сарин стотици цивили в Источна Гута крај Дамаск во август 2013 година, кое до почетокот на декември беше под контрола на екстремните исламисти, вклучително и Исламската држава. Сириската влада неколкупати докажуваше дека од позициите каде биле ракетирани бунтовничките населби немало сириска армија. Потоа владата се согласи да ги предаде 1.300 тони отровни реагенси, и да ја укине својата програма за развој на хемиско оружје, а предавањето на резервите и демонтирањето на постројките го надгледуваше меѓународна комисија за супервизија.
Употребата на хемиско оружје е забранета со меѓународното право и претставува воено злосторство. Иако конкретната истрага нема правосудни овластувања, какво и да е именување на осомничените може да доведе до нивен кривичен прогон. Сирија не е членка на Меѓународниот кривичен суд, но евентуални воени злосторства на нејзини функционери пред судот може да ги даде Советот за безбедност. Меѓутоа, поради моменталните големи тензии меѓу Западот и Русија, малку е веројатно дека тоа може да се стори. За осуда на сириските функционери би била потребна резолуција на Советот за безбедност на ОН, каде што Москва поддржана од Пекинг веќе вложуваше вето на неколку резолуции кои за сирискиот конфликт го обвинуваа само Асад и бараа интервенција како во Либија во 2011 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шест нови имиња откриени од архивата за Епстин, расте притисокот за целосна транспарентност
Откриен е идентитетот на шест лица oд досиејата за Џефри Епстин, чиишто имиња досега не биле објавени. Информацијата ја објави конгресменот Ро Кана, демократ од Калифорнија, наведувајќи дека станува збор за Салватор Нуари, Зураб Микеладзе, Леоник Леонов, Никол Капуто, Султан Ахмед бин Сулајем и милијардерот и претприемач Лесли Векснер, пренесува „Њузвик“.
Кана и републиканскиот конгресмен Томас Меси од Кентаки го обвинија американското Министерство за правда (DOJ) дека неосновано ги криело овие информации од јавноста.
„Моето прашање е зошто Томас Меси и јас моравме лично да одиме во Министерството за правда за имињата на овие шестмина да станат јавни“, изјави Кана за време на расправа во Претставничкиот дом. „Ако за два часа откривме шест имиња што ги криеле, замислете колку уште лица прикриваат во три милиони документи.“
Министерството за правда неодамна објави повеќе од три милиони страници документи, како и илјадници фотографии и видеа од истрагите поврзани со Епстин, финансиски магнат и осуден сексуален престапник кој во 2019 година изврши самоубиство во затвор додека чекаше судење за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Иако властите тврдат дека со тоа ги исполниле обврските од Законот за транспарентност на досиејата на Епстин, и натаму трае расправата околу тоа кои податоци се затемнети, од кои причини и дали ќе биде потребно дополнително објавување документи.
Кана и Меси побараа целосно објавување на сите документи поврзани со Епстин, тврдејќи дека Министерството го прекршува Законот за транспарентност. Шесте објавени имиња, според нив, се сметаат за потенцијални соучесници.
Најпознатото име на листата е Лесли Векснер.
„Не гледам ниту една одредба во законот што дозволува имињата на овие мажи да бидат затемнети“, изјави Меси. „Станува збор за список од дваесет лица. Максвел и Епстин се наведени, можеби уште едно или две лица, а сите останати се скриени.“
Меси додаде дека имињата „веројатно се инкриминирачки“, наведувајќи дека едно лице наводно има висока позиција во странска влада.
„Едно од другите имиња е многу истакната личност“, додаде Кана.
Според него, дополнителна загриженост предизвикува фактот што многу делови од досиејата и понатаму се затемнети. Тој тврди и дека Министерството наводно „масовно ги затемнило“ сите женски имиња, што отвори нови прашања за можни учесници во мрежата на Епстин.
Пред донесувањето на Законот за транспарентност на досиејата на Епстин во ноември, претседателот Доналд Трамп и високи претставници на неговата администрација изразуваа скепса кон целосното објавување на документите. Белата куќа и Министерството за правда првично беа воздржани, но Трамп подоцна го промени ставот и го потпиша законот.
Заменик-државниот обвинител Тод Бланш минатиот месец изјави дека Министерството не се обидува да го заштити Трамп при објавувањето на документите. Трамп повеќепати негираше каква било поврзаност со кривичните дела на Епстин и никогаш не бил обвинет во тој случај.
Анализа на „Њујорк тајмс“ покажала дека во објавените документи Трамп, Меланија Трамп, неговиот клуб Мар-а-Лаго и поврзани теми се спомнуваат повеќе од 38.000 пати. Тие наводи не имплицираат кривична одговорност и вклучуваат новински текстови, интерни расправи во Министерството, летни дневници, електронски пораки и непроверени пријави.
Сè поизвесно е дека Министерството за правда би можело да биде принудено да објави дополнителни информации, вклучително и претходно задржани имиња на потенцијални соучесници. Сè уште не е јасно кои податоци се заштитуваат и од кои причини, што предизвикува сè поголем јавен и политички притисок за целосна транспарентност.
Свет
Трамп најави можност за ново воено засилување кон Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Аксиос“ изјави дека размислува да испрати втора ударна група носачи на авиони на Блискиот Исток, доколку пропаднат преговорите со Иран.
Тој рече дека САД веќе имаат „армада“ во регионот и дека опциите се јасни: „Или ќе постигнеме договор или ќе мора да направиме нешто многу остро, како и минатиот пат.“
Во моментов во регионот е распоредена ударната група околу носачот „USS Abraham Lincoln“, а американски претставник потврдил дека се воделе разговори за дополнително засилување.
Иако воено го засилува присуството, Трамп изразил оптимизам дека Иран сега посериозно пристапува кон преговорите, кои беа обновени во Оман.
Спорна точка останува иранската позиција дека нема да преговара за ништо освен за нуклеарната програма, и тоа без откажување од збогатување ураниум. Трамп изјави дека евентуален договор треба да го опфати нуклеарната програма и иранските балистички ракети.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигнува во Вашингтон на разговори, додека Иран ја засилува дипломатската активност преку Оман и Катар.
Свет
Пилотите и кабинскиот персонал на „Луфтханза“ најавија целодневен штрајк
Пилотите и кабинскиот персонал на германскиот авиопревозник „Луфтханза“ во четврток ќе почнат целодневен штрајк поради спор околу платите и условите за работа.
Синдикатот „Vereinigung Cockpit“ бара повисоки пензии за пилотите, додека синдикатот на кабинскиот персонал „UFO“ сака да го принуди работодавачот на преговори за различни колективни договори.
На патниците им е порачано да се подготват за откажувања и доцнења на летовите, а се очекува штрајкот да ги погоди сите поаѓања од Германија. Ќе бидат засегнати и товарните летови.
Засега не е познато колку летови ќе бидат откажани. Портпаролот на компанијата изјави дека очекуваат подетални информации од синдикатите.
Пилотите минатата година со мнозинство гласови одлучиле да преземат индустриска акција поради барањата за повисоки придонеси од страна на работодавачот за пензии.
Синдикатот „UFO“ со штрајкот, кој е свикан без гласање, сака да го натера работодавачот на преговори за колективните договори во матичната компанија Луфтханза и во регионалната подружница „CityLine“. Само во „CityLine“, наводно, околу 800 работни места се загрозени поради овој потег.
Според билтенот на синдикатот, управата одбива преговори. Во матичната компанија досега безуспешно се чекало отворање на разговори за колективен договор.

