Македонија
Четириесет жртви на семејно насилство побарале бесплатен правна помош преку проектот Пристап до правда
Во изминатите дванаесет месеци, откако проектот Пристап до правда во Македонија започна да се имплементира, повеќе од илјада граѓани се обратиле кај овластените здруженија и побарале бесплатно правно советување.
Меѓу барателите на оваа бесплатна правна помош се и жртвите на семејно насилство. Вкупно четириесет жртви на семејно насилство побарале бесплатен совет и информација кај овластените здруженија, а на дел од нив им било потребно судско застапување со цел заштита на нивните права.
Жртвите на семејно насилство најчесто се обраќаат до овластените здруженија, каде правниците ги советуваат и им помагаат при пополнување на барањето за бесплатен адвокат. Ваквото барање се доставува на одобрување до Министерството за правда. Таков е и случајот со една од барателите – самохран родител кој ги користи услугите на овластените здруженија за бесплатен правен совет или информација.
Барателката со помош на овластеното здружение добила бесплатен адвокат за утврдување на правото на издршка на малолетно дете во март 2015 година. Благодарение на бесплатниот адвокат нејзиното дете сега добива издршка од својот татко. Понатаму, во текот на 2016 година барателката редовно го посетувала овластеното здружение за да добие совет или информација, па така во три наврати и бил даден совет за: правото и постапката за поднесување на кривична пријава и водење на кривична постапка за неплаќање на издршка за малолетното дете; водење на постапка за уредување на начинот и динамиката на одржување на лични контакти и средби, како и можноста за користење на правни лекови против решение од Министерство за труд и социјална политика од страна на нејзиниот поранешен вонбрачен партнер чие барање било одбиено, но и за правото на разгледување на списи, кое го вклучува и правото на препис – копии на две решенија.
Ова се само неколку евидентирани случаи кога барателката побарала помош од овластеното здружение, но таа редовно ја посетува канцеларијата за различни правни прашања со кои се соочува во своето секојдневие.
Проектот Пристап до правда во Македонија останува посветен на овозможување на пристап до правда за сите граѓани и покрај утврдените слабости на постоечкиот систем на бесплатна правна помош и предизвиците со кои се соочуваат овластените здруженија.
Проектот Пристап до правда во Македонија е финансиран од страна на Европската Унија преку инструментот за демократија и човекови права (EIDHR). Проектот се спроведува од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерите Национален ромски центар од Куманово, ЕХО Едукативно – хуманитарна организација од Штип, Младински културен центар Битола, Избор од Струмица и Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, овластени здруженија за давање бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

