Црна хроника
Запленети цигари, свежо овошје, стоматолошки материјали…

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани цигари, овошје, додадоци на исхраната и козметички производи, стоматолошки материјали, текстилни производи и фалсификати.
На граничниот премин Дојран, во соработка со полициската служба на преминот, при контрола на патничко моторно возило со грчки регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, пријавено за излез од државата, биле откриени 131 штека цигари, од кои 125 штеки Pall Mall и Monte Carlo со македонски акцизни маркички и 6 штеки Fast и Karelia blue без акцизни маркички. Непријавените цигари биле сокриени во специјално изработен бункер под патосот на возилото.
На граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за излез од државата биле откриени 49 штеки цигари MONTE CARLO blue, PALL MALL 100S и LD violet, со македонски акцизни маркички. Непријавените цигари пронајдени се во две црни торби, сместени во багажникот, во просторот за резервна гума и во внатрешноста на вратата од багажниот простор на возилото.
На царинската испостава Гевгелија, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички биле откриени 1.112 килограми банани, со потекло од Мексико. Стоката била наменета за фирма увозник од Струмица.
На граничниот премин Јажинце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата биле откриени 17 паковки стоматолошки материјали – пластелин Kuprovent N, глазура AKZ 25 VITA5g и прашок за порцелански заби VITA Enamel 50 g, VITA Opaque Dentine 50 g, VITA Cervical 12 g и VITA Margin 12 g. Непријавените производи пронајдени се под совозачкото седиште на возилото./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Детали за сообраќајната несреќа кај Бит-пазар: велосипедистот со тешки повреди пренесен во болница

МВР со детали за вчерашната сообраќајна несреќа што се случи кај Бит Пазар, а во која учествуваа автомобил и велосипедист.
„На 08.07.2025 во 13.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фиат панда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишната С.А. и велосипед управуван од А.Ј.(32), двајцата од Скопје“, велат од МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил А.Ј., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Уапсен маж во Демир Хисар: возел под дејство на алкохол

Вчера во 20.35 часот на улицата „Битолска“ во Демир Хисар, од страна на полициски службеници од ОВР Демир Хисар е лишен од слобода 59-годишниот Б.М. од село Бучин, крушевско.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „мазда“ со крушевски регистарски ознаки, кое го управувал Б.М., и по преземени мерки било констатирано дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,58 промили алкохол во крвта.
По документирање на настанот, ќе биде поденесена пријава по чл.297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Уапсени двајца шверцери на мигранти

Вчера околу 17.40 часот во близина на локалниот пат помеѓу село Богородица и село Стојаково од страна на полициски службеници од ПСГН Богородица биле пронајдени 13 лица мигранти (11 од Египет и 2 од Сирија), а околу 18.30 часот во близина на фабрика во село Стојаково биле пронајдени 11 мигранти од Египет, кои претходно биле превезени со патничко возило „мерцедес“.
Мигрантите се спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“-Гевгелија и со нив бил извршен службен разговор, во кој изјавиле дека групата ја водел А.А.(26), а му помагал И.К.(22), двајцата од Сирија.
Околу 20.00 часот двајцата осомничени биле лишени од слобода поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по чл.418-б од Кривичниот законик и се задржани за понатамошна постапка. Известен е јавен обвинител од ОЈО за ГОКК и против лицата ќе следува соодветна пријава.