Европа
Жестока дебата меѓу Руте и Вилдерс за иднината на Холандија
Телевизиското соочување на холандскиот премиер на заминување Марк Руте и неговиот најголем ривал Геерт Вилдерс, кој е јасен противник на домашниот естаблишмент, заврши во понеделникот вечерта со жестока кавга за иднината на земјата, по кампањата којашто беше засенета со дипломатската криза со Турција.
Телевизискиот дуел се водеше по викендот во кој избувна тешката дипломатска криза меѓу Холандија и Турција, во врска со одлуката на холандските власти на турските министри да им забранат влез на холандска територија и да присуствуваат на собирите за турскиот референдум на 16-ти април на кој Турците ќе се изјаснат дали ги поддржуваат уставните промени со кои ќе се прошират овластувањата на шефот на државата.
Во Холандија живеат околу 500.000 турски имигранти и нивните деца, а повеќето имаат двојно државјанство и можат да гласаат во двете земји.
„Сакам Холандија да биде првата земја којашто ќе го заузди лошиот популизам“, рече Марк Руте, зборувајќи за референдумот од ланскиот јуни на кој беше изгласано излегувањето на Велика Британија од Европската унија, како и за ноемвриските претседателски избори во САД, на коишто изненадувачки победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп пред демократската кандидатка Хилари Клинтон којашто ја имаше поддршката и од американскиот и од европскиот политички и јавен естаблишмент.
Иако оваа пресудна дебата би требало да влијае врз 60 отсто од сé уште неодредените холандски гласачи, холандските избори се сметаат за барометар за подемот на крајната десница во земјите од Европската унија во годинава кога се одржуваат избори ширум континентот.
„Можеме да кажеме дека овие избори се четвртфинале во обидот за спречување на победата на лошиот популизам. Полуфиналето е во Франција во април и во мај, а завршницата во септември во Германија“, рече Руте.
„Меѓутоа, јас не играм во четврфиналето…., јас играм во завршницата, во завршницата против лажговците, против законодавците“, возврати Геерт Вилдерс.
Притоа Вилдерс вети дека, доколку стане премиер, ќе ги затвори границите за муслиманските имигранти, ќе ја забрани продажбата на Куранот и ќе ги затвори џамиите. Во Холандија, инаку, само 5 отсто од населението се изјаснува како муслимани според вероисповедта.
„Доколку саката парите да одат на барателите на азил, во Брисел и во Африка, а не вам, тогаш гласајте за WD (на Марк Руте). Доколку, пак, сакате Холандија повторно да биде наша, отстрането овој човек и поставете ме мене“ во премиерскиот кабинет“, рече Вилдерс алудирајќи на Руте.
Претходно во понеделникот премиерот Руте го критикуваше својот противник дека ја турнал земјата во „политичка криза“, префрлувајќи му дека се „радикализирал“ и забележувајќи му поради „екстремистичките изјави“ за холандско-мароканските државјани.
„Никогаш нема да соработувам со таква партија, господин Вилдерс, не во владата“, изјави Руте првпат во присуство на Вилдерс.
Руте се заложи претходно за „решавање“ на кризата со Анкара, додека Вилдерс на Twitter побара холандската влада да го засили притисокот порачувајќи: „Протерајте го турскиот амбасадор во Холандија и целото друштво“.
„Не е исто да се објавуваат пораки на Twitter од креветот и да се управува со земјата. Ако ја водиш земјата, мораш да носиш разумни одлуки“, истакна Руте.
Последната анкета на влијателниот портал Peilingwijzer објавена во неделата покажува дека Либералната партија (VVD) на Руте би можела да добие 23 до 27 места во долниот дом на парламентот, што е далеку од 40 мандати коишто во моментов ги има.
Партијата на слободата (PVV) на Вилдерс, која е евроскептична и антиисламска, последните седмици доживеа пад во рејтингот, и од водечка, сега може да смета на 19 до 23 мандати, според резултатите од истата анкета./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“
Европа
Митот за „московското злато“: Каде е шпанското злато денес?
Шпанската централна банка ја заврши 2025 година со златни и девизни резерви во вредност од речиси 94 милијарди евра, рекордно високо ниво откако започнаа споредливи податоци. Зголемувањето првенствено ја одразува огромната побарувачка за злато на меѓународниот пазар како безбедно засолниште во година обележана со геополитичка и финансиска неизвесност.
Но, во Шпанија, златото никогаш не е само сметководствена ставка, туку и прашање на историско сеќавање, а малку изрази имаат толку тежина како „московското злато“, една од најконтроверзните епизоди во шпанската економска и политичка историја на 20 век, пишува „Еуроњуз“.
Злато за финансирање на војната
Пред 1936 година, златните резерви на Шпанија не беа исклучителни во светски рамки, но беа доволни за да ја позиционираат земјата на глобалната финансиска мапа. Според историчарката Магдалена Гаридо Кабалеро, професорка по современа историја на Универзитетот во Мурсија, ова злато ѝ даде на Шпанија одреден простор за маневрирање во меѓународните трансакции, иако многу помалку од оној што го уживаа големите економски сили.
Сепак, овој простор исчезна со избувнувањето на Шпанската граѓанска војна. Дипломатската изолација на Втората Република, засилена од Комитетот за неинтервенција, ја остави републиканската влада со малку опции за финансирање на купувањето оружје и залихи.
Во овие вонредни околности, републиканската влада одлучи да ги префрли поголемиот дел од златните резерви на Банката на Шпанија во странство, првенствено во Советскиот Сојуз. Целта беше јасна: да се плати за оружје, залихи и воена помош за поддршка на воените напори. Трансферот беше реален и добро документиран – во октомври 1936 година, околу 510 тони злато беа испратени од складиштето Алгамека во Картагена. Тоа не беше импровизирана или тајна операција, туку свесна одлука на легитимните власти на Републиката во контекст на тотална војна.
Разбивање на митовите
Современата историографија ги разби многу од митовите создадени во децениите што следеа. Гаридо Кабалеро истакнува дека клучната заблуда е идејата дека златото можело – или требало – да се врати. Истражувањата на историчари како Анхел Луис Вињас и Пабло Мартин Асења покажуваат дека златото било потрошено за време на војната преку потврдени и документирани плаќања, што ѝ овозможило на Републиката да се спротивстави на военото востание речиси три години. Од оваа перспектива, „московското злато“ не претставувало ниту кражба ниту грабеж од страна на Советскиот Сојуз, туку операција на финансирање извршена во вонредни околности.
Каде е златото на Шпанија денес?
Речиси 90 години подоцна, прашањето сè уште повремено се поставува: каде е златото на Шпанија? Одговорот е многу помалку драматичен од митот што постојано се овековечува.
Шпанија моментално поседува околу 281 тони злато, кое се чува во Банката на Шпанија и на депозити во САД, Обединетото Кралство и Швајцарија, според Светскиот совет за злато. Ова злато не е поврзано со количините испратени во СССР, туку е резултат на децении монетарна политика, европска интеграција и управување со средства во рамките на Евросистемот.
Од историска траума до финансиски средства
Рекордното ниво на резерви во 2025 година не значи дека Шпанија го вратила изгубеното злато. Наместо тоа, тоа го одразува порастот на цената на металот на меѓународните пазари. Денес, златото повеќе не служи како целосен поддржувач на националната валута, ниту се користи за финансирање војни.
Наместо тоа, тоа функционира како средство кое обезбедува стабилност, влијание и доверба во глобализираниот финансиски систем. Споредбата на 1936 и 2025 година открива длабока промена. За време на Граѓанската војна, златото беше опиплив ресурс од кој зависеше опстанокот на владата. Денес, тоа повеќе не е случај.

