Европа
Турција му забрани на амбасадорот на Холандија враќање во Анкара
Турција нема да му дозволи на холандскиот амбасадор во Анкара да се врати во дипломатското претставништво сé додеа неговата земја не дозволи одржување на собирите во неговата земја на кои ќе учествуваат и турски политичари, објави во понеделникот вечерта заменикот турски премиер Нуман Куртулмуш.
По седницата на владата, вицепремиерот Нуман Куртулмуш изјави дека Турција го прекинува политичкиот дијалог со Холандија на високо ниво, по одлуката на владата на оваа земја членка на Европската унија и турски сојузник во НАТО да им забрани на двајца турски министри да влезат во земјата и да учествуваат на собири на турската дијаспора во кампањата за референдумот на 16-ти април на кој ќе се гласа за уставните измени со коишто би се прошириле овластувањата на претседателот на турската држава.
Прецизираше дека тоа се однесува на средбите на високо државно ниво со Холандија, односно на настани на министерско и на повисоко ниво. Куртилмуш додаде и дека Анкара го затвора својот воздушен простор за холандските дипломати сé додека Холандија не ги исполни барањата на Турција.
„Одлучено е дека, сé додека не се исполни она што им го кажавме, на холандскиот амбасадор нема да му биде дозволено да се врати“, рече Куртулмуш на прес-конференцијата.
Холандскиот амбасадор во моментов се наоѓа надвор од Турција, а неговата функција ја извршува вршител на должноста.
Според турскиот вицепремиер „Холанѓаните го нападнаа меѓународното право“, а активностите на оваа земја се сведоштво „за падот во Европа“. Куртулмуш, исто така, му порача на турскиот парламент да се повлече од сите спогодби и други видови на соработка меѓу Анкара и Хаг.
Претходно во понеделникот вечерта во својот телевизиски настап, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ѝ се закани на Холандија со дипломатски санкции и порача дека поради забраната на турските министри да влезат во таа земја и да присуствуваат на собирите на турската дијаспора ќе се обрати до Европскиот суд за човекови права.
Холандските власти во саботата му забранија да слета на аеродромот во Ротердам на авионот со кој патуваше турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој планираше пред тамошните Турци да ги објасни уставните измени на коишто ќе се гласа на референдумот на 16-ти април. Во Холандија живеат околу 500.000 турски имигранти и нивните деца, а повеќето имаат двојно државјанство и можат да гласаат во двете земји.
Подоцна во саботата холандските власти ѝ го блокираа приодот до турскиот конзулат во Ротердам и на министерката за семејство и социјална политика на Турција, Фатма Бетјул Саијан Каја, а потоа холандската влада ја прогласи за „непожелен странец“ и со полициска придружба ја проследија до границата со Германија, од каде што таа влезе на холандска територија.
Холандија, Германија, Австрија и Швајцарија им забранија на турските политичари да учествуваат на собирите на турската дијаспора, којашто е една од најголемите во светот и во Европа, но Франција му дозволи на шефот на дипломатијата на Турција да учествува на таков собир во неделата во градот Мец. Притоа Чавушоглу ја нарече Холандија „престолнина на фашизмот“.
Турција во дипломатската нота ја обвини Холандија дека ја крши Виенската конвенцијата за дипломатски и конзуларни односи. Министерот за прашања од Европската унија, Омер Челик, изјави дека Анкара „несомнено“ ќе воведе санкции во однос на Холандија во заднината на разгорениот дипломатски скандал./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.