Свет
Колку чини животот на еден Авганистанец?
Во март 2014 година, американската армија му плати на Авганистанец 1.000 долари, затоа што го убила неговиот син (цивил). Тоа се случило за време на воена операција, во близина на границата со Иран.
Шест месеци подоцна, друг авганистански татко добил 10.000 долари за убиеното детето, кое настрадало во друга американска операција.
За време на американските операции спроведени во областа Кундуз изведени минатиот ноември, 68-годишниот Хаџи Алах Дад, изгубил дваесет свои роднини, вклучувајќи брат и снаа. Но, тој не добил ништо од САД, кои им оставиле на авганистанските власти да одредат и да му платат надомест.
Речиси 16 години по влегувањето во Авганистан, Вашингтон се уште нема стандардизиран процес за исплата на надомест за убиства и ранување на илјадници цивили во земјата, покажуваат податоците на владата објавени во средата од агенција Ројтерс, која ги добила по службен пат, врз основа на законот за пристап до информации.
Во обид да им се спротивстават на Талибанците, САД во 2005 година почнаа да им плаќаат на семејствата на убиените Авганистанци, бидејќи тоа истото го правеле непријателите.
Но, пристапот им е произволен, а активисти тврдат дека системот е неправеден и збунувачки за сиромашните и необразовани локални жители.
Меѓународното и националното право не го обврзува Вашингтон да плаќа надомест, но земјата тоа прави од педесеттите години на минатиот век, веднаш по избувнувањето на Корејската војна.
Роднини на загинати ирачки цивили исто така добивале пари. Портпаролот на Пентагон изјави дека командантите на терен ги одредувале обесштетувањата, бидејќи тие можеле да ја направат најдобрата оценка за инцидентите.
Таа се базира на “културните норми на регионот, совети од авганистанските партнери и околностите околу конкретниот настан”, прецизира тој.
Во периодот од 2013 и 2016 година, вкупно 1,2 милиони долари им биле исплатени на авганистански семејства за смртта на најмалку 101 лице и ранување на 270 други Авганистанци, покажуваат документите со кои располага “Ројтерс”.
Речиси сите биле цивили, а пет од исплатите биле кон членови на владата.
Димензиите на надоместоците се разликуваат дури и при случаи кои си слични по обемот и по карактерот.
Портпаролот на авганистанските власти тврди дека на име бенефиции за смрт исплаќала по 1.500 долари. Со толкава сума се офајдиле 100.000 Авганистанци од Кундуз. За ранување по 750 долари добиле 50.000 луѓе.
Еден од најпознатите случаи во кои САД платиле надомест, беше по воздушниот удар врз уништената болницата на “Лекари без граници” сместена во Кундуз, при што загинаа 42 лица, а беа повредени 37 цивили.
Во 2015 година Инцидентот предизвика реакции во целиот свет и го привлече личното внимание на тогашниот претседателот Барак Обама.
За овој инцидент САД платија по 3.000 долари на повредените и 6.000 за убиените.крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos
Свет
САД: Разговараме за договор што обезбедува силни гаранции за безбедноста на Украина
САД соопштија дека ѝ понудиле на Украина силни безбедносни гаранции слични на оние од НАТО, а Вашингтон изрази увереност дека Русија ќе ги прифати. САД го опишаа потегот како потенцијален пробив во напорите за завршување на војната, објави „АФП“.
Американските претставници ги опишаа часовите разговори во Берлин со претседателот Володимир Зеленски како позитивни и рекоа дека претседателот Доналд Трамп ќе оствари телефонски разговори подоцна на 15 декември и со украинскиот лидер и со европските партнери за да го унапредат договорот.
Во исто време, американските претставници нагласија дека Украина исто така мора да го прифати договорот, за кој велат дека ќе обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО – принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите.
„Основата на овој договор е во суштина да обезбеди навистина, навистина силни гаранции – слични на Член 5 – како и многу силно одвраќање преку обемот на украинските вооружени сили“, рече американски функционер, зборувајќи под услов на анонимност.
„Овие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие се на маса токму сега, ако се постигне заклучок на правилен начин“, додаде тој.
Трамп претходно ја отфрли можноста Украина формално да се приклучи на НАТО, идентификувајќи ги аспирациите на Киев за членство во алијансата како една од причините за инвазијата на Москва во 2022 година.
Сепак, друг американски функционер изрази увереност дека Русија ќе го поддржи предложениот договор.
„Мислам дека Украинците, како и Европејците, би ви кажале дека ова е најробусниот пакет безбедносни гаранции што некогаш го виделе. Ова е исклучително силен пакет“, рече вториот претставник.
„Се надевам дека Русите ќе го разгледаат и ќе речат: „Ова е прифатливо бидејќи немаме намера – им веруваме на збор – да го прекршиме“. Но, ако има прекршувања, тие ќе бидат решени преку овој безбедносен пакет“, додаде тој.
Првиот американски функционер призна дека сè уште нема договор за прашањето за територијата. Трамп постојано изјавуваше дека Украина неизбежно ќе мора да отстапи територија на Русија, исход што е неприфатлив за Зеленски по речиси четири години одбрана на земјата.
Истиот извор посочи дека САД разговарале со Зеленски за идејата за создавање „економска слободна зона“ во областите што моментално се предмет на воен спор.
„Поминавме многу време дефинирајќи што би значело тоа и како би функционирало. На крајот, ако можеме да го разјасниме тоа, тогаш од страните ќе зависи да ги решат конечните прашања поврзани со суверенитетот“, рече тој.
Разговорите во Берлин ги водеа Стив Виткоф – деловниот партнер на Трамп и патувачки глобален преговарач – и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.

