Daily news
Стразбур ја осуди Русија за Беслан
Европскиот суд за човекови права пресуди дека Русија ги прекршила европските закони за човекови права, не успеала да ја спречи опсадата на училиштето во 2004 година во Беслан и употребила прекумерна сила со што го зголемила бројот на жртвите.
Пресудата дојде по многу години застој во домашната истрага за крвавата трагедија. Судот притоа и нареди на Русија да плати 3 милиони евра оштета на семејствата на жртвите. Во опсадата во Беслан 330 лица ги загубија животите, меѓу кои 186 деца.
Русија, која ја ратификуваше Европската конвенција за човекови права веднаш ја осуди одлуката како “неприфатлива” и најави жалба. Но, токму руското однесување го доведе до европскиот суд овој трагичен случај. Истрагите во Русија беа во застој, а главната што се уште трае сугерираше дека официјални лица дејствувале незаконски. Поради тоа, околу 400 преживеани и роднини на жртвите покренаа тужба пред судот во Стразбур.
Во септември 2004 година 30 милитанти, следбеници на чеченскиот воен лидер Шамил Басаев држеа како заложници над илјада луѓе во училиштето во Беслан барајќи Русија да ја напушти Чеченија. Заложниците беа држени во филскутурната сала три дена без вода, а салата беше минирана. .
Руските безбедносни сили одговорија со поставување експлозив и со размена на истрели. Се рашири потоа оган, кровот падна и стотици луѓе загинаа. Тоа потсетуваше на крвавиот настан во театарот во Москва во 2002 година, кога руските безбедносни сили одговорија на слична заложничка драма со испуштање токсични гасови, при што загинаа 170 луѓе.
Сега, речиси 13 години подоцна, Судот во Стразбур и пресуди на Русија дека користела непропорционална сила и дека не се обидела да ја минимизира загубата на животите, не ги усогласила медицинските и спасувачки екипи, а исто така знаела дека ќе има таков напад и не направила ништо за да го спречи или барем да ја зголеми безбедноста во училиштето и предупреди некого. Покрај тоа, за една третина од жртвите точната причина за смртта, не била утврдена, бидејќи форензичарите не се мачеле многу да ги испитаат телата, па и да ги лоцираат.
“Судот не може да го избегне заклучокот дека овој недостаток на одговорност и на координација придонел, до одреден степен, за трагичен исход на настаните”, објави Судот.
„“Ние секако не можеме да се согласиме со пресудата како земја која страдаше од повеќе терористички напади, не од еден“, беше првата реакција на портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.