Регион
Бугарскиот претседател ќе го распушти парламентот во август, на штедачите им порача дека парите им се сигурни

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев изјави дека има намера да го распушти 42-то Народно собрание (парламентот) и да назначи привремена влада на 6-ти август, откако претходно во неделата водеше четиричасовни преговори со челниците на политичките партии, а граѓаните им порача дека нивните заштеди во банките се сигурни и дека државата гарантира за нив, изјава зад која застанаа главните политички партии и централната банка по навалицата на штедачите на шалтерите на двете најголеми банки во земјата.
Претходно водечките партии во Бугарија се согласија предвремените парламентарни избори да се одржат на 5-ти октомври речиси една година по одржувањето на исто така предвремените избори. Бугарските политичари на консултациите во неделата постигнале согласно дека во сегашниот состав на парламентот не е можно да се формира нова влада.Плевнелиев на прес-конференцијата исто така се осврна на повлекувањето на парите на бугарските штедачи од банките, што предизвика стравување за финансиската стабилност на најсиромашната членка на Европската унија, а ги натера властите со сите сили да им покажат на граѓаните дека ја контролираат ситуацијата пред повторното отворање на банкарските шалтери во понеделник.Централната банка на Бугарија соопшти дека навалицата на штедачите во Деловната комерцијална банка (Корпбанк) и во Првата инвестициска банка е дел од намерните и систематски обиди да се дестабилизира бугарскиот банкарски систем. Најави дека ќе ги преземе сите мерки за заштита на заштедите на граѓаните.„Парите на граѓаните и на компаниите во бугарските банки се сигурни и гарантирани. Банките ќе продолжат нормално да работат“, изјави претседателот Плевнелиев на истата прес-конференција, по повеќечасовните разговори со челниците на политичките партии, министерот за финансии и водечките луѓе на централната банка.Банкарската криза во Бугарија се совпадна со политичката нестабилност предизвикана со најавата на премиерот Пламен Орешарски поддржана од социјалистите дека ќе поднесе оставка и ќе предложи вонредни парламентарни избори.Властите покренаа истрага за тоа кој стои зад шпекулациите кои предизвикаа страв кај штедачите на банките, односно кој испраќал електронска пошта и телефонски пораки поттикнувајќи го стравот за нивните штедни влогови.Централната банка минатиот викенд ја презема контролата врз четвртата најголема бугарска банка „Корпбанк“, откако штедачите поттикнати од медиумските натписи за сомнителни трансакции на оваа банка побрза на шалтерите и ги повлекуваа своите заштеди. Управата на банката во меѓувреме демантираше лошо работење.Меѓутоа, според аналитичарите, случајот со „Корпбанк“ и откри сите слабости со економското управување во Бугарија. Земјата во 2007 година влезе во Европската унија, но не успеа да се ослободи од корупцијата којашто го отежнува спроведувањето на реформите за заживување на кревката национална економија. Сепак, и покрај политичките и економски проблеми, бугарските и странските економисти сметаа дека на Бугарија не ѝ се заканува економски крах. Бугарија е една од најмалку задолжените членки на ЕУ, нејзината централна банка се смета за ефикасна, а курсот на националната валута левот е врзан за еврото што значи дека е заштитен од кризата на финансиските пазари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.