Daily news
Макрон: Нема да ве разочарам!
Новоизбраниот претседател на Франција, Емануел Макрон, им вети на Французите дека ќе направи сè што може да не ги разочара, бидејќи ја разбрал нивната порака за промена.
„Свесен сум за вашиот гнев, за вашиот сомнеж“, порача Макрон изјавувајќи дека разбира зошто голем број од граѓаните гласале за Марин Ле Пен. Тој порача исто така дека Франција ќе биде на првата линија во борбата против тероризмот, и дека ќе ја гарантира безбедноста и унитарноста на земјата.
Негова главна задача, рече Макрон, ќе биде да ги обнови и модернизира политичкиот живот и демократијата во земјата и да ја направи Франција повторно оптимистичка. „Вие избравте да ми ја дадете вашата доверба и јас ја изразувам мојата длабока благодарност”, рече новиот претседател во првото обраќање. „Го чувствувам тоа како чест и одговорност.Многу ви благодарам од срце, нема да ве заборавам.Сакам вечерва да испратам поздрав до мојата противничка мадам Ле Пен. Знам дека поделбите во нашата земја доведоа до некои екстремни гласови. Моја одговорност е и вас да ве слушнам и да ги заштитам најранливите“, изјави Макрон во обединувачкиот прв говор по изборите што ја поделија нацијата. Откако најави дека се отвора нова страница во долгата историја на Франција, тој нагласи дека посакува таа да биде страница на надеж и обновена доверба.
На Европа тој ѝ вети дека ќе ги исполни сите меѓународни обврски што ги презела досега земјата и дека ќе работи на зајакнувањето на меѓусебните врски. „Во текот на петте години од мандатот моја одговорност ќе биде да ги смирам стравувањата. Моја одговорност ќе биде да ги обединам сите кои сакаат да се соочат со огромните предизвици во иднина,” рече Макрон, ветувајќи дека ќе се бори со сета сила против поделбите што ја поткопуваат земјата и дека ќе и служи со смиреност, посветеност и одлучност.Говорот тој го заврши со зборовите „Да ја сакаме Франција, да живее Републиката“. Макрон според последните резултати освои 65,8 отсто од гласовите, при што 4 милиони Французи не излегоа воопшто на гласање.
Мф/СЈ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.