Daily news
Совет до бриселските новинари: Земете си слободен ден кога ќе дојде Трамп
Додека водеше кампања, Доналд Трамп го нарече Брисел “пеколна дупка”. Како претседател, тој ќе ја оствари својата прва официјална посета на белгискиот главен град на 25 мај, пред да замине за Сицилија на самитот на Г7.
Белгија нема да биде неговата прва дестинација во странство. Пред тоа тој ќе ги посети Саудиска Арабија, Израел и Ватикан, каде што ќе се сретне со папата Франциско. Тој патува со неговата сопруга, Меланија.
Во Брисел, Трамп ќе присуствува на самитот на НАТО, каде шефовите на држави и влади, наводно, биле предупредени да ги ограничат своите извештаи до четири минути, поради “озлогласениот ограничен распон на внимание на претседателот на САД”.
Со оглед на тоа дека самитот на НАТО се совпаѓа со инаугурацијата на седиштето на Алијансата, на лидерите наводно им се препорачува исто така да се држат до едноставна дискусија околу прашања што ги разбира Трамп, односно згради и пари. Не е познато каде ќе престојува Трамп, но тоа сигурно нема да биде скапиот хотел каде што Барак Обама вообичаено престојуваше. Наместо тоа, попрво се чини дека тој ќе отвори продавница во американската амбасада.
Трамп , исто така, ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и со претседателот на Советот Доналд Туск , што ќе биде прва средба на двајцата Доналди. Не е сто отсто јасно каде ќе се одржи средбата, но големи се шансите тоа да биде во американската амбасада.
Ова нема да му помогне на Трамп да прави дистинкција помеѓу Туск и Јункер, откако како што беше известено во текот на еден телефонски повик тој зборуваше за Туск, мислејќи дека е Јункер. Ако тој отиде во нивните канцеларии, сигурно ќе забележи дека објектите се различни .
Европската архитектура е важна, но исто така и протоколот. Ќе биде исклучително недостојно за Јункер и за Туск да одат да се сретнат со Трамп во американската амбасада. Можеби Брисел е пеколна дупка, но тоа сепак е главниот град на Европа. Исто така не е јасно кои новинари, доколку ги има, ќе бидат поканети на прес конференцијата. Не е извесно и дали ќе има слика од ракувањето и разговорите, бидејќи во Белата куќа за време на посетата на рускиот министер Сергеј Лавров фотографирање му беше дозволено само на руски службен фоторепортер.
И не заборавајте дека Ердоган, исто така, доаѓа на самитот на НАТО и звеќе се слуша дека тој може да ги мобилизира своите приврзаници за да демонстрира моќ. Јас не сум единствениот кој смета во Брисел дека посета на Трамп е совршена можност да се земе слободен ден и да се замине од градот . крај/мф.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.