Европа
Бунтовниците напредуваат во контраофанзивата, САД сметаат дека ја води Русија
Украина во средата побара помош од НАТО откако проруските бунтовници ја преземаа иницијативата во источна Украина и се пробиваат кон југоисточните региони заробувајќи само во еден ден 90 украински војници, тврдејќи дека тенковите им се донесени од Русија и тргнуваат кон нови воени зони, а САД оценија во средата навечер дека контраофанзивата што ја започнаа во саботата бунтовниците од Донецк и Луганск е водена од Русија.
Бунтовниците од самопрогласената Народна Република Донецк објавија дека во изминатите денови земале под контрола осум градови во регионот, како и местата Старобешево и Новоазовск, кој е регионален центар на југот од Донецкиот регион на брегот од Азовското Море, како и дека целосно ја контролираат границата кон Русија. Донецките бунтовнички сили во средата навечер соопштија дека кај селото Улјановское заробиле 65 припадници на пограничните сили на Украина, а кај местото Петровское украинските војници престанале да даваат отпор и се предале 24 војници од 93-та бригада. Исто така, информираат и дека уништиле пет лансирни системи од типот „Град“ кај Новоановка и воена техника на украинската армија кај Старобешево.Така, проруските бунтовници ги заземаа сите контролни точки од нивното упориште Донецк до приморскиот град Новозавоск, во должина од 100 километри. Во местото Старобешево, 30 км оддалечено од Донецк, бунтовниците наишле на десетици сандаци со муниции и многу напуштени воени возила, што докажува дека украинските војници набрзина ги напуштиле позициите. Според локалното население, украинските војници избегале уште во понеделникот кога почнале гранатирањата, откако во саботата премиерот на самопрогласената ДНР, Александр Захарченко, инаку етнички Украинец, објави дека бунтовничките милиции ќе тргнат во противофанзива за да ја осуетат новата стратегија на украинската армија со којашто требаше бунтовничките бастиони во Донецк и Луганск да бидат отсечени од украинско-руската граница и да се најдат меѓусебно отсечени во опкружување. Портпаролот на украинските сили кои ја спроведуваат операцијата во источните региони, Андриј Лисенко изјави дека гранатирањата дошле од руска територија и дека Старобешево го „опколиле борците од Донецк и руските окупатори“.Бунтовниците напредувале и на другите боишта југоисточно до Донецк. Како што тврди украинскиот воен портпарол Лисенко, руските сили во областа на гратчето Победа, 60 км од руската граница а 48 км од Доенцк, воспоставиле штаб, а пет оклопни возила и еден камиот со војници влегле во Амвросивка. Украинската армија која се повлекува од многу места на истокот, извести дека напредува колона од стотина возила, меѓу кои се тенкови, оклопни возила и повеќецевни ракетни системи „Град“ кои наводно се донесени од Русија во јужниот дел од регионот Донецк кој досега беше релативно мирен и под контрола на украинските сили каде што судирите започнаа во понеделникот. Бунтовниците, меѓутоа, тврдат дека станува збор за воена техника којашто украинските војски ја оставаат „во панично бегство“.Во меѓувреме AFP јави дека во артилериски оган во центарот на Донецк загинале три лица. Локалната милиција рекла дека станува збор за цивили чиј автомобил бил погоден од граната.Украинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на извор до Службата за безбедност на Украина (СБУ), објави дека наводно во источна Украина бил заробен уште еден руски војник. Од него нема снимки, како во случајот со десетте руски падобранци заробени на украинска територија во понеделникот кои тврдат дека по грешка во текот на патролирањето ја преминале границата. Наводно станува збор за 19-годишен припадник на моторизирана бригада на руските сили без да се наведе ознаката на единицата, кој во текот на испитувањето „признал дека неговата единица испраќала воена опрема, вклучително и проектили ‘Град’ и оклопни возила на проруските сепаратисти“. Од Москва воопшто не ја коментираа оваа информација.Од друга страна, руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) јави дека повеќе од 60 украински војници минале на руската страна од границата со барање да бидат згрижени. Портпаролот на пограничната управа на ФСБ за Ростовската област, Николај Синицин за Итар-Тасс изјави дека „денеска 62 украински војници во местото Шрамко за да ги сочуваат своите животи се обратиле до руските погранични власти да им овозможат премин на руска територија“. Истакнал дека при преминот, украинските војници го оставиле своето вооружување на другата страна од границата.Имајќи предвид дека во текот на двочасовниот разговор зад затворени врати ноќта кон средата во белоруската престолнина Минск меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин односно Петро Порошенко, не е постигнат напредок, Киев очекува конкретна помош од НАТО во текот на самитот кој ќе се одржи идната седмица во Кардиф, изјави украинскиот премиер Арсениј Јаценјук. САД во средата навечер оценија дека противофанзивата на бунтовниците во источна Украина е водена од Русија, на што упатуваат наводните нови упади од руска територија. „Тие упади упатуваат на тоа дека во Донецк и Луганск веројатно е во тек противофанзива водена од Русија“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Џен Псаки, пренесува Reuters. Германската канцеларка Анела Меркел во телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин во средата рекла дека е неопходно да се разјаснат извештаите за наводните нови руски воени упади на украинска територија. „Последните извештаи за присутноста на руските војници на украинска територија мора да бидат објаснети. Ја нагласи (канцеларката Меркел) големата руска одговорност за намалување на тензиите и контрола на своите граници“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Зајберт. Кремљ за истиот телефонски разговор објави, пак, дека рускиот претседател Владимир Путин „ја известил канцеларката Меркел за намерата на руската страна да обезбеди ново доставување хуманитарна помош за населението во Луганската и Донецката област“. Рускиот челник, исто така, „се изјаснил во полза на скорото прекинување на крвопролевањата, уредувањето на хуманитарната ситуација во југоисточна Украина и неопходноста за преминување на патот на политичко решение“ на кризата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Поранешни вработени го обвинија Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба, откриени детали
Шпанскиот пејач Хулио Иглесијас е обвинет за сексуален напад од страна на две поранешни вработени, кои тврдат дека биле подложени на „несоодветно допирање, навреди и понижување во атмосфера на контрола и постојано вознемирување“. Обвинувањата беа објавени по тригодишна истрага, објавува „Гардијан“.
Жените, куќна помошничка и физиотерапевт вработени во вилите на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите, тврдат дека наводните напади се случиле во 2021 година.
Тригодишна истрага
Обвинувањата произлегуваат од заедничка истрага на шпанскиот портал elDiario.es и телевизиската мрежа Univision Noticias, кои собраа сведоштва од 15 поранешни вработени кои работеле за 82-годишниот пејач помеѓу крајот на 1990-тите и 2023 година.
„Интервјуата ги опишуваат условите за изолација на жените, работните спорови, хиерархиската структура на персоналот и напнатата атмосфера создадена од избувливата природа на Иглесијас“, се вели во својот извештај на elDiario.es.
„Двете жени кои го пријавија сексуалниот напад беа интервјуирани повеќе пати во период од повеќе од една година и нивните искази останаа конзистентни. Нивните искази беа поткрепени со обемни документарни докази, како што се фотографии, дневници на повици, пораки на WhatsApp, визи, медицински извештаи и други документи.“
Детали за сведочењето
Една од жените, идентификувана под псевдонимот Ребека за да се заштити нејзиниот идентитет, изјави дека Иглесијас, тогаш 77-годишен, често ја канел во својата соба на крајот од работниот ден. Таа тврдеше дека потоа сексуално ја злоупотребил без нејзина согласност. „Ме користеше речиси секоја вечер“, изјави таа за elDiario.es и Univision Noticias. „Се чувствував како предмет, како роб“.
Според Ребека, нападите обично се случувале во присуство и со учество на друг вработен кај Иглесијас, кој бил нејзин претпоставен.
Друга жена, позната под псевдонимот Лаура, изјави дека Иглесијас ја бакнувал и ги допирал нејзините гради без нејзина дозвола. „Бевме на плажа и тој дојде до мене и ме допре“, рече таа, додавајќи дека сличен инцидент се случил покрај базенот во вилата на пејачот во Пунта Кана.
Двете жени рекоа дека работниците биле подложени на напната и контролирачка атмосфера и зборуваа за тоа како Иглесијас „ја нормализирал злоупотребата“. Ребека рече: „Таа куќа треба да се нарече куќа на ужаси затоа што е кошмар – нешто навистина ужасно“.
Поднесена жалба и реакции
ElDiario.es објави дека две жени поднеле формална жалба до обвинителите во највисокиот кривичен суд во Шпанија, обвинувајќи го Иглесијас за трговија со луѓе и сексуален напад.
Новинарите што го истражуваат случајот постојано се обидуваат да го контактираат Иглесијас и неговиот адвокат, но не добиле одговор. Сепак, жената што Ребека ја идентификуваше како нејзин претпоставен во вилата во Пунта Кана ги отфрли обвинувањата како бесмислени.
Таа рече дека чувствува само „благодарност, восхит и почит кон големиот уметник и човечко суштество каков што е тој“, опишувајќи го како „скромен, дарежлив, вистински господин и голем почитувач на сите жени“.
Шпанската министерка за труд Јоланда Дијаз го нарече сведочењето на жените „ужасно“, велејќи дека тие опишале „сексуален напад и ситуација на ропство“.
Од друга страна, Изабел Дијаз Ајусо, претседателка на мадридскиот регион, застана во одбрана на Иглесијас. Таа рече дека нејзината администрација нема да ги послуша повиците да му се одземат почестите на пејачот. „Мадридскиот регион никогаш нема да придонесе за дискредитирање на уметник, а уште помалку кога станува збор за најуниверзалниот од сите пејачи: Хулио Иглесијас“, напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Европа
(Видео) Се огласија родителите на девојката која ги носеше прскалките во барот во Швајцарија: Се обидела да избега, вратата била заклучена, а потоа се онесвестила
Родителите на 24-годишната Сијан Панин, келнерка која загина во пожар на новогодишната ноќ во барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана, Швајцарија, за прв пат јавно проговорија за последните моменти од животот на нивната ќерка и околностите на трагедијата во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.
Сијан Панин била една од вработените во барот каде што избувна пожарот на новогодишната ноќ.
Според досега познатите информации, младата жена во еден момент носела шишиња шампањ со запалени прскалки, седејќи на рамената на маскирано лице.
Видеото од тој момент го обиколи светот. Истражителите се сомневаат дека прскалките ја запалиле звучната изолација на таванот, која била лесно запалива, а пожарот се проширил низ целиот простор за само неколку минути.
Иако јавно се тврдеше дека Сијан ненамерно го предизвикала пожарот, нејзиното семејство и адвокат нагласуваат дека ова се прерани заклучоци и дека одговорите можат да се дадат дури откако ќе заврши истрагата.
Адвокатката на семејството, Софи Хени, истакнува дека Сиан не била задолжена за послужување на масите таа вечер, туку, поради големиот број нарачки, сопственикот на ресторанот ѝ наредил да се спушти во подрумот и да им помогне на колегите.
– Сијан никогаш не била предупредена за опасноста од запаливиот таван, ниту пак добила никаква обука за противпожарна безбедност. Таа несомнено е жртва, рече адвокатот, додавајќи дека трагедијата немаше да се случи доколку се почитувале безбедносните прописи.
Откако избувнал пожарот, Сијан, според нејзините родители, се обидела да избега низ излезот за итни случаи во подрумот, кој добро го знаела. Сепак, вратата кон тој излез била заклучена. Пријателите подоцна ја пронашле без свест пред вратата, откако успеале да ја скршат однадвор.
– Ја извлекле. Таа сè уште била жива, но без свест, рече нејзината мајка Астрид.
Родителите не можат да разберат зошто вратата за итен излез била заклучена: „Сопственикот се плашеше дека луѓето ќе си заминат без да платат. А масите чинеа илјада евра секоја. Да беше вратата отворена, сите деца ќе излезеа. Можеби тогаш воопшто немаше да има смртни случаи“, рече мајката.
Според записите добиени од швајцарските медиуми, сопственикот на барот, Жак Морети, се обидел да влезе во барот откако избувнал пожарот.
Главниот влез бил непрооден, а кога влегол низ вратата за итен случај, ги нашол заклучени внатре. Зад вратата, пронашол неколку луѓе како лежат неподвижни на подот, вклучувајќи ја и Сијан.
„Се обидувавме да ја реанимираме повеќе од еден час, сè додека спасувачите не ни кажаа дека е предоцна“, рече Морети.
Неговата сопруга и ко-сопственичка на ресторанот, Џесика Морети, им кажа на полицајците дека Сијан ѝ била како помлада сестра и дека го поминала Божиќ со нивното семејство.
По трагедијата, родителите Астрид и Жером и нивната друга ќерка Еолин веднаш отпатувале во Швајцарија за да го идентификуваат телото и да го организираат транспортот на останките во Франција. Сијан Панин беше погребана минатата сабота.
– Таа беше како зрак сончева светлина. За нас сонцето не изгреало од почетокот на 2026 година. Постои време за тага и време за одговорност и гнев. Мислам дека гневот брзо ќе победи, рече нејзиниот татко Жером.
Истрагата за причините за пожарот и одговорноста за една од најголемите новогодишни трагедии во Швајцарија сè уште е во тек.
Европа
Бројот на умрени во Франција за прв пат од Втората светска војна го надмина бројот на родени
Франција евидентираше повеќе умрени отколку родени во 2025 година за прв пат од крајот на Втората светска војна, со што се намали нејзината долгогодишна демографска предност во однос на другите земји од Европската Унија, покажаа официјалните податоци.
Националниот институт за статистика INSEE објави дека минатата година починале 651.000 луѓе, а се родиле 645.000 бебиња, бројка што постепено се намалува од пандемијата на коронавирусот.
Франција традиционално е демографски посилна од повеќето други европски земји, но стареењето на населението и опаѓањето на стапките на наталитет покажуваат дека дури ни таа држава не е имуна на демографската криза што ги оптоварува јавните финансии низ Стариот континент.
INSEE објави дека стапката на фертилитет паднала минатата година на 1,56 деца по жена, најниско ниво од Првата светска војна и далеку под 1,8 предвидени од советодавниот совет за пензии во своите прогнози за финансирање на пензии. Во 2023 година, последната година за која беа направени споредби со другите членки на ЕУ, Франција се рангираше на второ место со стапка на наталитет од 1,65, зад Бугарија, која имаше стапка од 1,81.
Националната канцеларија за ревизија минатиот месец предупреди дека демографската промена во наредните години ќе ги доведе јавните расходи до нивоа од ерата на пандемија, а воедно ќе ја намали даночната основа.
Иако бројот на смртни случаи е поголем од бројот на раѓања, населението на Франција малку се зголеми на 69,1 милиони минатата година поради нето миграцијата, која според INSEE е проценета на 176.000.
Очекуваниот животен век достигна рекордно високо ниво минатата година – 85,9 години за жени и 80,3 години за мажи – додека процентот на оние на возраст од 65 години или повеќе кои живеат се искачи на 22 проценти, речиси изедначувајќи го процентот на оние под 20 години.

