Daily news
Мирјана Лазарова Трајковска: Врховниот суд не смее да се стави во улога на законодавец
Поранешната европска судијка во Стразбур препорачува индивидуализација на секој случај, во кој судијата ќе одлучи како да постапи
По два часа презентација на праксата на Стразбур околу употребата на незаконски стекнати докази во судска постапка, поранешната македонска судијка во Судот во Стразбур, Мирјана Трајковска Лазарова, на врховните судии им пренела неколку поенти. Првата, дека судиите треба да се водат од принципот на јавниот интерес виза ви приватниот во потрага по вистината. Втората, дека Врховниот суд не смее да се стави во улога на законодавец и оти треба да се дозволи индивидуализација на секој случај.
Сепак, конечниот збор ќе го имаат врховните судии, кои откако ќе ги проанализираат случаите ќе размислат дали воопшто ќе изградат став околу употребата на „бомбите“ во судската постапка.
Како што изјави по завршувањето на седницата поранешната македонска судијка во Судот во Стразбур, врховните судии ги интересирала праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур околу користењето незаконски стекнати докази во судските постапки. Таа им презентирала 35 пресуди и се надева дека средбата ќе им биде од корист и ќе им помогне во одговорите на прашањата што ги имаат.
На прашањето на новинарите каков е ставот на Стразбур околу ова прашање, Трајковска Лазарова со одговор:
„Според праксата на ЕСЧП, поради масовноста на појавата која навлегува во системски корени заслужува да се примени принципот на јавниот интерес во потрагата по вистината.Тоа е она што треба да ги води судиите, бидејќи праксата дозволува примена на такви докази во постапките и допуштеноста на таквите докази во постапките мора да биде под лупа на гаранциите од правичното судење. Водилка мора да биде јавниот интерес виза ви приватниот интерес, односно заштитата на приватниот живот на поединците“.
Трајковска Лазарова оценува дека Врховниот суд не може да си земе улога на законодавец и тој да ја уредува оваа материја туку треба да се дозволи индивидуализација на секој случај.
„ Останува на судечкиот суд да одлучи во која постапка незаконски обезбедени докази ќе бидат прифатени како докази, во која постапка ќе бидат користени како индиции, а во која можат да бидат отфрлени. Правото налага индивидуализиран пристап, правото налага право на жалба. Правото на фер и правично судење оди рака под рака со заштитата на судскиот систем и ефективните правни лекови“, вели поранешната судијка.
Таа потсети на неколку случаи како „Пападакис против Република Македонија, кога Судот на непосреден начин расправал за аудио-визуелна снимка, која била поткрепена со сведочење на заштитен сведок. Во аферата наречена „Големото уво“, покрената од новинарите, снимките биле прифатени како доказ, но повредата се однесувала на долгото траење на постапката.
Таа потенцира дека судиите треба да бидат внимателни и да им дадат можност на двете страни да ги соочат аргументите и со филигрантска прецизност да водат сметка за правата и за принципот на пропорционалност.
Гордана Дувњак
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.