Daily news
Над 17.000 основци учествуваа во проектот на Пиварница Скопје за безбедни и здрави школски денови
Веќе четврта година по ред Пиварница Скопје, во соработка со општините, го реализира едукативниот проект на теми поврзaни со здравјето и безбедноста, наменет за учениците од четврто одделение.
Оваа година со едукацијата беа опфатени над 8.000 ученици во 114 основни училишта во 11 општини и градови ширум земјата. Со ова, вкупната бројка на ученици кои во овие четири години има можност да се едуцираат за безбедни и здрави школски денови надмина 17.000.
Проектот се реализира преку интерактивни и сликовити презентации кои се прилагодени на возраста на учениците, преку кои тие, во присуство на своите наставници, добиваат совети за тоа како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа и при работа со компјутер, како правилно да го носaт школскиот ранец, како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање и за тоа како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето.
Традиционално, и оваа година, реализацијата на презентациите официјално почна на 28 aприл – Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа. Во изминатите пет недели, презентациите ги изведуваа над 70 вработени во Пиварница Скопје во што се вложени над 160 часови волонтерска работа. Сите вработени во компанијата редовно се обучуваат во областа на здравјето и безбедноста при работа, со што стекнуваат соодветно знаење, кое преку овој проект имаат можност да им го пренесат и на учениците.
„Уште од почетокот на овој проект во 2014 година наидуваме на исклучително позитивен прием кај учениците кои со голем ентузијазам ги прифатија советите што им ги пренесуваме преку овие презентации. Тоа ни влева дополнителна енергија и мотив да продолжиме со ваквиот вид проекти чија цел е да ја поттикне и развие свеста кај најмладите за значењето на правилата кои обезбедуваат безбедни и здрави школски денови“, изјави Ламбро Патче – менаџер за односи со јавност и комуникации во Пиварница Скопје, потсетувајќи дека оваа година компанијата почна и проект за едукација на учениците од прво до петто одделение за начинот и придобивките од рециклирањето и правилниот третман на отпадот.
„На ваков начин, преку спој на едукација и забава, се обидуваме кај најмладите да создадеме здрави навики и вистински однос кон заштитата на животната средина кои според сите искуства најдобро се стекнуваат уште во рана возраст. Среќни сме што имаме ваква можност преку која можеме да го дадеме нашиот придонес кон создавањето здрава генерации и одржлива иднина за сите“, потенцира Патче.
Пиварница Скопје континуирано се грижи и вложува во здравјето и безбедноста на своите вработени, но и на потрошувачите и пошироката заедница. За досегашните достигнувања и активностите на ова поле компанијата е добитник на Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа. Пиварница Скопје е меѓу првите компании во земјата кои го имаат воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здавјето при работа – OHSAS 18001. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.