Македонија
Прибе си оди, тимот пристига на 17 јули

Делегацијата на ЕУ во Македонија објави дека целиот експертски тим што ќе ги помага реформите во Македонија, а кој беше најавен деновиве од еврокомесарот Јоханес Хан, во земјата ќе пристигне на 17 јули и ќе остане наредните пет дена.
„Во согласност со неодамнешната најава на еврокомесарот Хан дека ќе испрати тим на експерти за владеење на правото во Скопје за да обезбедат продолжување на препораките од 2015 година и да ја советуваат новата влада за решавање на прашањата за системско владеење на правото, првата опсежна мисија од страна на лидерот на тимот, Рајнхард Прибе, се одржа на 27 јуни. Тој се состана со членовите на владата, на опозицијата и на судството.
Ова ќе биде следено од работната посета на целосниот експертски тим што ќе ги помага реформите во Македонија, која е планирана од 17 до 21 јули“, стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.
Македонија
Именувањето на Петар Богојески е скандалозно и неприфатливо, вели Костова

Скандалозно и неприфатливо е именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи, наведува потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
-Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички изрази, што е целосно неприфатливо за носител на каква било функција.
Однесувањето на Богојески е во целосна спротивставеност со вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чие чело е поставен.
Богојески е целосно недоветен и несоодветен за да ја обавува новата функција, уште помалку за да служи како пример за студентите.
Именувањето на ваква контроверзна личност испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ.
Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби на чело на Агенција посветена на унапредување на единството и напредокот, Мицкоски и ДПМНЕ го поткопуваат значењето на оваа институција и го загрозуваат секој обид за реално подобрување на состојбите во образованието.
Ова именување во целост го отсликува целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата. Такво непочитување на основни етички стандарди е неприфатливо за лидери во образованието и јавната служба“, наведува Костова.
Како што додава, за скандалозната одлука за ова именување, СДСМ писмено ќе ги информира и претставниците на Генералниот Директорат за образование и култура при Европската Комисија, додава потпретседателката Костова.
Според неа, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност треба да биде лице кое ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој сиот свој јавен профил го градел на антиевропски и сентименти на омраза и дискриминација.
Македонија
Митева: 360 прекршочни платни налози во вредност од над 3 милиони денари за дискотеки, ноќни клубови ресторани и слично

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04.2025 година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност, информира Марија Митева, владината портпаролка.
Надзори се вршени, како што рече, кај угостителските објекти со пријавена дејност.
„Тука дозволете ми да ги набројам сите објекти коишто се под оваа дејност: дискоклуб, дискоклуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти. Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност“, кажа таа.
Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти биле констатирани неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови.
„Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд.
Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон“, нагласи Митева.
Контролата како што прецизира, сè уште е во тек.
„Како Влада очекуваме целосен и детален извештај од сите 9 одделенија на Државниот пазарен инспекторат, коишто се надлежни на територија на Македонија, за овие 297 контроли на правните субјекти да биде доставен во текот на следната недела.
Со ова сакаме да ги увериме нашите граѓани дека ова не е еднократен одговор ниту краткорочен ангажман. Зајакнувањето на институционалната одговорност и враќањето на довербата на јавноста остануваат наши долгорочни приоритети и ќе продолжиме да им пристапуваме на таквите прашања со зголемен фокус“, додаде Митева