Daily news
Експертите со став: Нема пречка да се бара притвор по поднесено обвинение, но е ретко во праксата
Нема законска пречка да се бара мерка притвор или други мерки на претпазливост во која било фаза од постапката, па дури и кога е поднесено обвинение. Сепак,соговорниците кои ги консултираше Макфакс признаваат дека тоа е реткост бидејќи вообичаено се бара во време на истрага, кога се собираат докази.Тие не ги знаат причините на Специјалното јавно обвинителство кое на претпоследниот ден од рокот за поднесување обвинение предложија мерка притвор за 18 лица, а други мерки за претпазливост за 47 лица. Но, веруваат дека нивните мотиви се издржани и со определена цел.
„Вообичаено, овие мерки се бараат во истражна постапка, кога се обезбедуваат докази, се бараат вештачења, но нема пречка ниту во фаза по поднесено обвинение. Не треба да се заборави дека СЈО во неколку случаи бараше притвори и мерки за претпазливост, но беше одбиван од Судот“, вели Тодор Витларов, виш обвинител на Штип.
Тој додава дека со новиот Закон за кривична постапка изјавите на сведоците пред Судот се даваат во непосредна и контрадикторна постапка, па оттаму и влијанието врз сведоците може да биде поголемо бидејќи одбраната ја знае однапред листата со сведоци. Според Витларов, со самото тоа што обвинителството поднело обвинение е поголема и нивната увереност во силата на доказите, но и извесноста на обвинетите дека ќе се соочат со судот.
Професорката по кривично право Беса Арифи се согласува дека не е вообичаено да се бара притвор по поднесено обвинение, но нема законска пречка да се бара притвор во која било фаза.
„Мотивот не мислам дека е нешто друго освен суштината на мерката притвор, а тоа е да се обезбеди присуство во казнената постапка. Ако се земе предвид дека во истражната постапка сите притвори кои ги бараше СЈО беа одбиени, вклучувајќи го и укинатиот притвор на Кочан од страна на Врховниот суд“, нагласува Арифи.
Според неа, СЈО сега ги бара притворите врз основа на тоа што веќе кривичната постапка кон овие лица е во понапредна фаза, со што полесно може да се убеди Судот дека навистина треба да даде притвор за овие лица.
И адвокатот Сашо Дуковски смета дека нема пречки за одредување притвор во оваа фаза, иако вели дека во судската пракса тоа се прави во ретки случаи.
„Не знам кои биле мотивите на СЈО и дали тргнуваат од висината на направената штета, запретената казна или нешто друго.Не треба да се заборави дека македонските судови имаат различни аршини околу притворот. По 1,5 година поминаа во притвор обвинетите за наплатните рампи,а по една година лекари од ‘Метастаза’“, додава Дуковски.
Од Специјалното јавно обвинителство, пак, потсетуваат дека според светските стандарди сè почесто се бара притвор и мерки за обезбедување бидејќи нивото на сомневање е повисоко.
Г. Дувњак
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.