Daily news
„Битола низ моите очи“: Промоција на документарен филм за техничките и информатичките ресурси на градот
Документарниот филм „Битола низ моите очи”, вечерва, со почеток во 19 часот, премиерно ќе биде прикажан во Центарот за култура во Битола, како дел од битолското културно лето „Битфест”.
Филмот става акцент на кадровските технички и информатички ресурси на Битола, како шанса за кариерен развој на младиот човек. Низ експертизата на факултетите од областа на техничките и информатичките науки на битолскиот универзитет „Св.Климент Охридски”, Универзитетската библиотека во Битола, Македонското научно друштво Битола, стопански субјекти, локалната самоуправа, како и невладиниот сектор, филмскиот наратив ја пренесува пораката дека до работно место најлесно се доаѓа со информатички и технички науки.
„Истражувањето направено за потребите на документарниот филм покажа дека техничките и информатичките науки се најголема шанса за младиот човек во Битола да дојде до работно место. Предноста на Битола е во постоењето на Техничкиот факултет, кој зад себе има традиција долга над половина век, како и во новоформираниот Факултет за информатички и комуникациски технологии. Оттука Битола располага со квалификуван кадар во двете области, а искуствата покажуваат дека токму овие кадри имаат предност на пазарот на трудот“, вели авторката на филмот, Анета Шијакова.
Филмот „Битола низ моите очи” ја пренесува и инспиративната приказна на иноваторот и креаторот Никола Танчевски од Битола, кој беше дел од X3M-Games, тимот кој ја освои наградата за најдобра гејминг апликација на Mobile App Camp 2012. Ваквиот квалитет го препозна и Блекбери, а X3M брендовите сe развија во напредни сервисни студија за анимација, визуелни ефекти, видеоигри и апликации. Битолчанецот Танчевски работи и на софтверски решенија кои треба да го олеснат секојдневнието на лицата со сетилна попреченост.
Филмот прави осврт и на најголемата гринфилд инвестиција во Македонија, германската компанија „Кромберг и Шуберт”, која во 2013 година, заради постоењето високообразуван технички кадар, во Битола ја лоцираше својата фабрика, каде сега работат над 4.000 лица.
Влезот на филмската проекција е отворен и бесплатен за сите посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.