Daily news
Охрид се празни: Домаќините и туристите исплашени од серијата земјотреси го напуштаат градот
Немирното тло ги уплаши и домаќините и туристите во Охрид. Како што изгледа, најчувствителни се домашните гости, од Скопје и други градови, кои први поитаа да се вратат во своите домови.
Хотелиерите велат дека кај нив нема масовни заминувања туку само поединечни случаеви, што не е случај со малите станоиздавачи. Тие отворено кажуваат дека гостите им заминуваат и дека за нив, ако брзо не се смири тлото, сезоната е завршена.
Охриѓани изминатата ноќ ја поминаа релативно мирно. Похрабрите останаа во своите домови, а оние кои сакаат да го избегнат стресот преспаа во возила или во шатори.
Во извидничкиот камп во Охрид ноќта ја минуваат по повеќе од стотина граѓани, од кои мнозинство мајки со деца.
Министерството за одбрана ги отвори вратите од воениот камп „Васко Карангелески”, во Свети Наум.
По мирната ноќ, повторно се врати неизвесноста и вознемиреноста откако најпрвин затресе послабо, во 8.32 часот потресот бил со јачина од 2.6 степени според Европската макросеизмичка скала, а во во 11.12 часот повторно имаше силен земјотрес со магнитуда од 4 степени според Европската макросеизмичка скала.
Eпицентарот на овој земјотрес бил, исто така, во охридското подрачје на 7 километри североисточно од Охрид, односно на 1 километар источно од селото Косел на длабочина од еден километар.
Новите потреси внесоа дополнителен немир кај населението кое 19. ден живее во страв по ројот од над 1.200 земјотреси кои се регистрирани во охридското епицентрално подрачје.
Надлежните власти, од локалната самоуправа, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, како и од МВР, повикувајќи се на сеизмолозите, смируваат дека е нормално по земјотрес со интензитет од 5 степени каков што се случи во Охрид да има потреси со јачина помеѓу 3 и 4 степени.
„Каква било вест дека во одредено време ќе се случи силен земјотрес е лажна бидејќи тоа не може да се предвиди и никој сериозен научник, а би рекол и сериозен човек не би можел такво нешто да каже“, по којзнае којпат повторува професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски.
Во Скопје вчера се одржа координација помеѓу ЦУК и ИЗИС од која беше упатен апел до граѓаните на Охрид да останат присебни и да преземат мерки за самозаштита.
Сепак, стотици граѓани ноќите ги поминуваат под отворено небо, стравувајќи дека следниот земјотрес ќе биде посилен од претходниот.
Во ЦУК досега се пријавени речиси 200 објекти кои се оштетени. Најголемиот број од нив се однесуваат на штети предизвикани на ѕидови, оџаци, балкони и помали оштетувања во внатрешноста на куќите. Поради поголеми оштетувања, затворена е детска градинка.
Дека Охрид е празен, особено со домашни гости, како и гости од блиското соседство, илустрираат фотографиите на репортерот на Макфакс направени утрово по паркинзите на охридската населба „Карпош 4″.
„Лани ова време игла немаше каде да ставиш. Сега можеш да бираш под која сенка сакаш да паркираш. Не само што скопјани не дојдоа туку и тие што дојдоа си се вратија. Многумина охриѓани-комшии ‘фатија џаде’, кој по одмори, кој во становите во Скопје, кој кај роднини и пријатели во други градови“, велат охриѓани.
Веле Митаноски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.