Daily news
Охрид СОС: Природното богатство не смее да се уништува поради лична корист
Граѓанската иницијатива Охрид СОС имаше свое обраќање на 41 седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска каде што беше поканета да присуствува како единствена организација-набљудувач од РМ.
Освен што присуствуваше на Седницата, Охрид СОС учествуваше и на Форумот за светско наследство во опасност кој беше наменет за граѓански организации и беше во организација на World Heritage Watch. На Форумот присутните усвоија резолуции кои потоа беа официјално поднесени во Центарот за светско наследство. Оваа беше прва година кога на граѓански организации им беше дозволено да се обратат на Седницата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и прва година кога на некој начин се оддава признание на улогата на граѓанскиот сектор поради што веројатноста е многу голема резолуциите усвоени на Форумот за граѓански организации да бидат делумно или целосно интегрирани во конечните одлуки на УНЕСКО.
Во одлуката на УНЕСКО по извештајот од Реактивната мисија која во земјава престојуваше во април годинава се налага надлежните во Македонија да се откажат од секциите „а“ и „е “од експресниот пат А3 и патот да се симне во подолна категорија. „Како што кажавме и на самото обраќање на 41 Седница – сметаме дека таквата формулација е несоодветна и апелираме до УНЕСКО да наложи целосно повлекување на проектот за експресниот пат. Воедно, бараме од актуелната Влада да се откаже од секакви идеи за патишта кои ќе поминуваат низ Националниот парк Галичица“, се вели во соопштението на Охрид СОС.
Во обраќањето на 41 Седница било споменато и Студенчишко Блато – односно потребата од негова итна и сеопфатна заштита како и ревитализација со што ќе се дозволи пределот да биде жариште на еко-туризмот, а да почне да се развива и научниот туризам – од природни науки, па сè до археологија во околината на блатото.
„Според нас е поразително што Македонија има само еден УНЕСКО локалитет и тоа веќе речиси 40 години. На 41 Седница на УНЕСКО беше прогласен за светско наследство појас на стара букова шума со заедничка апликација од Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Германија, Италија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Украина, Хрватска, Шпанија. Македонија, како што може да се забележи, ја нема на оваа листа. Додека ние се бориме со сите сили да го заштитиме и да го зачуваме единственото УНЕСКО подрајче што го имаме, граѓанските движења во развиени земји даваат сè од себе своите да ги стават на Листата на светско наследство во опасност само поради една зграда или поради одобрен потенцијален проект, каков што е случајот со Виена и Ливерпул“, е ставот на навладината организација.
Според Охрид СОС свеста во Македонија, особено кај надлежните, е на исклучително ниско ниво. „Македонија изобилува со неверојатно богати природни предели кои ги задоволуваат и најригорозните светски критериуми. Не смееме да дозволиме да се продолжи со трендот бесценето природно богатство да се уништува поради нечија лична корист“, велат од организацијата.
Охрид СОС во моментов активно работи на прогласување на охридскиот регион за Рамсар локација, што е уште една титула која овој предел многу одамна ја има заслужено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.