Европа
Германците шокирани од првите потези на Ципрас
Во својот прв потег откако во понеделникот стана најмладиот премиер во историјата на Грција, Алексис Ципрас го посети спомен обележјето во Кесариани каде што германските нацисти во 1944 година убиле двесте припадници на грчкото движење на отпорот.
Ваквиот потег не мина незабележано во Берлин, како ниту одлуката на Алексис Ципрас, челникот на сега владејачката радикална грчка левица Сириза, неколку часови по посетата на споменикот вo Кесариани да го прими рускиот амбасадор во Атина, како прв странски функционер, два дена откако ја презема премиерската должност.
Малку подоцна во средата агенциите го пренесоа соопштението дека на функцијата министер за финансии е именуван радикалниот академик Јанис Варуфакис, кој мерките за штедење што од Грција ги бара „тројката“ меѓународни кредитори, Европската централна банка, Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во замена за финансиската помош од стотици милијарди евра, своевремено ги нарече „фискален вотербординг“, алудирајќи на злогласниот нехуман метод на испитување кој американската CIA го применувала врз осомничените за тероризам.
Набргу Ципрас повлече уште еден изненадувачки потег, кога го критикуваше соопштението на Европската унија за тоа дека шефовите на дипломатиите на нејзините членки ја предупредуваат Русија на можност од нови поостри санкции поради нејзината наводна улога во разгорувањето на борбите во југоисточна Украина.
Претпоставка на кругови блиски на германската канцеларка Ангела Меркел пред неделните избори беше дека Ципрас ќе оствари тесна победа, оти тешко ќе формира коалиција, и доколку тоа му успее, конфронтацијата набрзо ќе ја замени со компромис. Меѓутоа, наместо тоа, по убедливата победа и брзото формирање на коалицијата до десничарската партија Независни Грци, во првите денови од власта Ципрас сигнализираше дека нема намера да отстапи, што ги вознемирува високите функционери во Берлин од кои некои признаваат дека се шокирани од начинот на кој го започна своето владеење 40-годишниот премиер.
„Нема сомневање, нé изненади леснотијата на победата на Сириза и брзината со којашто Ципрас ја оформи коалицијата“, изјавил за Reuters висок германски функционер кој барал да остане анонимен. Друг политички претставник на Берлин рекол дека изборите на коалициониот партнер што го направил Ципрас и на министерот за финансии „не се добри знаци“, а трет признал дека е „шокиран“ од првите денови од премиерскиот мандат на Ципрас.
Функционери блиски на Меркел велар дека сепак сé уште веруваат оти Ципрас на крајот ќе го промени курсот, ќе ги отфрли радикалната предизборни ветувања и ќе се согласи со економските реформи на коишто се истрајни Берлин и неговите европски партнери и кои досега беа услов Атина да ги добива неопходните транши од пакетот финансиска помош за враќање на долгот во следните месеци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.

