Европа
ЕУ ги отфрла критиките на Грција околу изјавата за Украина
Европската унија во средата навечер ги отфрли критиките на новата влада на Грција дека не била консултирана околу изјавата во која се повикува на разгледување на новите можни санкции против Русија поради нејзината наводна улога во судирот во југоисточна Украина.
Челниците на Европската унија во вторникот издадоа невообичаено заедничко соопштение по повод ескалацијата на судирите во Украина, ден откако челникот на сега владејачката коалиција на грчката радикална левица Сириза, Алексис Ципрас ја положи свечената обврска како нови премиер на Грција.
Кабинетот на Ципрас подоцна во вторникот објави дека ЕУ требало да добие согласност и од Атина пред да го објави споменатото соопштени. Беше истакнато, исто така, дека Ципрас во телефонскиот разговор со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини поради тоа изразил незадоволство.
Портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека Советот изразува жалење што грчката влада не можела да се согласи со споменатата изјава.
„Ги консултиравме сите земји членки, вклучително и претставникот на новата грчка влада. Нашето сфаќање беше дека до понеделникот навечер изјавата за сите беше прифатлива“, изјави портпаролот на Туск.
„По сознанијата во вторникот наутро дека Грција има некое воздржување (…) предложивме да се вметне забелешката дека Грција не е потписничка на таа изјава, Бидејќи Грција не ја сакаше таа забелешка, беше јасно дека во вторникот навечер можеме да ја објавиме договорената изјава“, додаде.
Инаку, новиот грчки министер за енергетика Панајотис Лафазанис во средата изјави дека на Грција не ѝ е во интерес да наметнува санкции на Русија./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.