Daily news
Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola отворија Активна зона во Штип
Вчера во Штип беше отворена „Coca-Cola Активна зона“, донација од Пивара Скопје и од компанијата Coca-Cola, со што, всушност, започна вториот циклус од долгорочниот проект на Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola за донација на активни зони ширум земјава. Во рамките на овој проект, минатата година беа отворени пет, а годинава е предвидено отворање на уште пет рекреативно-спортски зони.
Зоните се состојат од најсовремена фитнес-опрема, 5 професионални фитнес-справи што ќе им бидат бесплатно достапни за користење на сите граѓани 24 часа.
„Со продолжување на овој проект ја потврдуваме долгогодишната заложба на нашата компанија за промоција на спортот и рекреацијата, но и поддршката што ја даваме за добробит на заедницата. Минатата година се обврзавме дека активните зони ќе станат традиција и ќе ги има ширум земјата, а продолжувањето на проектот е доказ за тоа. Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola како општествено одговорни компании преку разни проекти и донации постојано вложуваат во заедницата. Ми претставува задоволство што со оваа донација и граѓаните од сите генерации на општина Штип добиваат место за рекреација во текот на целиот ден и верувам дека добро ќе се грижат за зоната и ќе ја користат секојдневно“, изјави директорот за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје, Ламбро Патче.
„Се радувам што Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola излегоа во пресрет на барањето на граѓаните на Општина Штип за донација на ’Coca-Cola Активна зона‘, упатено до нив уште минатата година кога започна проектот, и го остварија ветеното. Се надевам дека ’Coca-Cola Активната зона‘ ќе стане најпосетено место во градот, каде што Штипјани ќе имаат можност за рекреација, дружење и забава“, изјави Илчо Захариев, градоначалник на Општина Штип.
Проектот „Coca-Cola Активни зони“ е дел од глобалната платформа за промоција на активниот живот на Пивара Скопје во соработка со компанијата Coca-Cola. Како дел од истата платформа, Пивара Скопје во изминативе години заедно со компанијата Coca-Cola реализираше низа успешни проекти. Меѓу нив позначајни се Coca-Cola фудбалскиот куп, 5-те бесплатни паркиралишта за велосипеди во Скопје, како и 5-те Coca-Cola Активни зони од првиот циклус во 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.