Daily news
(ВИДЕО) Заев во Штип: Од септември ќе стартува покачувањето на минималната плата на 12.000 денари
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и пратеникот Благој Бочварски, денеска во Штип се сретнаа со работниците и сопствениците на неколку фабрики за текстил, како и со претставниците на синдикалните здруженија и граѓанските здруженија за заштита на работничките права. На средбите се разговараше за економските мерки на Владата предвидени во ребалансот на буџетот, кои ќе обезбедат зголемување на минималната плата на 12.000 денари, за поддршката за домашните претпријатија и за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
На средбата е констатирана заедничка согласност дека остварувањето на предвидените мерки ќе се реализира во интензивна соработка, разбирање и солидарноста помеѓу стопанствениците, работниците и државата.
Премиерот Заев, во разговор со работниците ја изразил одлучноста на Владата да работи на заштита и унапредување на работничките права и на унапредување на животниот стандард на работниците, како и на овозможување на стабилна деловна клима која ќе гарантира развој на домашните претпријатија.
Во изјавата за медиумите по остварените средби, премиерот Заев истакна дека оваа посета на работниците и стопанствениците од Штип, се реализира како дел од подготовките за покачувањето на минималната плата на 12.000 денари во септември.
„Граѓаните знаат дека тенденцијата е да ја покачиме минималната плата на 12.000 денари. Ние сме сериозни во одлуката и сакаме оваа мерка да ја стартуваме на еден прагматичен начин, во консултација со нашите граѓани, пред сè со работниците и со газдите. Нашата намера е мерката за определување на новата висина на минималната плата да биде воведена на 1 септември“, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Тој соопшти дека на овие разговори, од страна на работниците, му била презентирана детална слика за условите што ги имаат на работните места, за платите и за користењето на годишните одмори. На средбата со сопствениците , премиерот Заев укажал на тоа дека решенијата предвидени за подигање на стандардот на работниците ќе бидат во согласност со заложбите за развој и перспектива на компаниите.
Покрај зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, премиерот Заев најави и пакет мерки кои што ќе значат изедначување на условите за работа на домашните со странските инвеститори и информираше дека од почетокот на септември владата ќе објави менија за нови гринфилд инвестиции од кои се очекува отворање на нови работни места.
„Гледаме дека има услови за воведување на една ваква мерка. Ќе продолжат консултациите до донесувањето на законското решение. Она што е важно при воведувањето на една ваква мерка е дека покачувањето на минималната плата на 12.000 денари ја отвора спиралата за покачување на севкупните плати во Република Македонија. Секако прв таргет се текстилната и кожарската индустрија, како најслабо платени, со цел владата на еден внимателен начин, преку буџетски пари, со 1.5 милиони евра месечно, да го следи стопанството за да не дозволиме никакви дисторзии во нивното работење“, истакна Заев.
Тој ги информираше вработените во фабриките што ги посети за новата мерка наВвладата која ќе биде остварена благодарение на ребалансот на буџетот и на домаќинското работење. Со скратувањето на ставките кои се однесуваа на трошоци за рекламирање и репрезентации во странство, ќе бидат ослободени финансиски средства за поддрша на проектот на владата за субвенционирање годишните одмори на најниско платените работници.
„Оваа мерка ќе опфати околу 35.000 работници и дополнително ќе се овозможи продолжување на сезоните во туристичките капацитети ширум Македонија. Верувам дека на тој начин ќе го помогнеме и туристичкиот бизнис“, вели Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.