Црна хроника
Кривични пријави против тројца разбојници од Скопје
СВР Скопје до надлежното ОЈО Скопје, поднесе кривична пријава против лицата А.Т.(22), П,Ј,(30) и М.А.(20) сите од Скопје, поради основано сомнение дека извршиле две кривични дела ,,разбојништво“ при што се здобиле со противправна имотна корист од околу 29.240 денари. Од страна на судија во претходна постапка на А.Т. и П.Ј. одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена, додека М.А. се наоѓа во бегство.
Кривичните дела пријавените ги извршиле на 29-ти и 30-ти октомври во раните утрински часови на подрачје на Центар и Карпош. Првото кривично дело го извршиле на 29-ти октомври, на булевар ,,Мајка Тереза“ во маркетот „Пингвин ММ компани“, на тој начин што застанале во кругот од Клиничкиот центар, во просторот од клиниката за метадонска терапија и оттаму го надгледувале маркетот.
Пријавениот М.А. на А.Т. му ја дал неговата јакна и пиштол со кој истиот влегол во маркетот каде на вработената со закана и употреба на сила од регистар касата и одземал 17.600 денари . Оттаму сите тројца заедно отишле дома кај П.Ј. каде што ја оставиле јакната која А.Т. ја носел за време на извршување на кривичното дело, а одземените пари си ги поделиле и ги потрошиле за свои потреби.
Истиот ден откако се сретнале на железничката станица во населба Аеродром сите тројца после полноќ се качиле во автобус na ЈСП број 57 и се договориле да извршат разбојништво во бензинска пумпа на Макпетрол во населба Козле. Откако дошле во близина на бензинската пумпа пријавените А.Т и П.Ј. се маскирале и влегле во безнинската пумпа, додека М.А. останал да ги чека надвор.
Првопријавениот со пиштол во рацете испукал еден куршум во воздух и со закана кон вработените им побарал да му ги дадат парите од дневниот промет. Откако ги одзеле паричните средства избегале во правец кон студентскиот дом “Гоце Делчев“, но на улица ,,Јуриј Гагарин“ биле забележани од страна на полициски службници. И покрај тоа што им била издадена наредба да застанат, истите продолжиле да бегаат и првопријавениот влегол во влез од една од зградите и качил на последниот кат. По кратко време истиот бил стигнат и совладан од полициските службеници од ПСОН Карпош. Останатите двајца пријавени се упатиле во правец кон булевар Илинден каде од страна на друг полициски службеник во близина на мостот “Гоце Делчев“ кај Влада на Република Македонија биле забележани и П.Ј. бил фатен и приведен во ПСОН Карпош.
Со наредба од судија на претходна постапка извршен е претрес во домовите на пријавените при што во домот на П.Ј. пронајдена е јакната со која е извршено разбојништвото во маркетот „Пингвин ММ компани“.
На 30-ти октомври во ПСОН Карпош обавен е разговор со пријавените кои го признале и појасниле начинот на кој ги извршиле кривичните дела. Имено сите три лица се и претходно познати сторители на кривични дела./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
(Видео) Запленети 5050 штеки цигари и електронски цигари на ГП Стар Дојран, уапсен српски државјанин
Вчера во 17:53 часот на Граничен премин Стар Дојран, на излез од државата, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и граничен премин Стар Дојран во координација со царински службеници и припадник на Фронтекс, го лишија од слобода 56-годишниот М.Г. од Република Србија, кој управувал товарно возило „ман“ со полуприколка „шмитц“ со српски национални ознаки.
При граничната контрола, утврдено е дека е фалсификуван WIN бројот на полуприколката во сообраќајната дозвола. При извршен преглед пак, во полуприколката, со помош на специјален уред-Ендоскоп пронајден е скриен бункер, во кој се пронајдени вкупно 5050 штеки, од кои 800 штеки цигари и 4250 штеки електронски цигари.

По целосно документирање на случајот, против М.Г. ќе бидат поднесени кривични пријави по чл.378 – „фалсификување исправа“ и по чл.278 – „криумчарење“ (акцизна стока) од Кривичниот законик.
фото: МВР
Црна хроника
Пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Бугарија
Вчера во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот.
Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, извести МВР.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
фото: МВР
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.

