Daily news
(ВИДЕО) Дуковски: Замислете министерка за култура без пасош

Во Апелацискиот суд денеска беше разгледната жалбата на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска обвинета во предметот „Тендери“, во кој таа и уште две лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Таа си го бара пасошот назад, а СЈО повторно побара притвор за неа.
За ексминистерката и за второобвинетиот во предметот „Тендери“ се бара притвор, а за третообвинетиот само одземање на пасошот.
Канческа-Милевска ја бранат тројца адвокати – Сашо Дуковски, Еленко Миланов и Сања Алексиќ. Судиите кои ќе одлучуваат за жалбите се Лилјана Ивановска-Шопова, Јани Нича и Сафет Кадрии.
Ексминистерката за култура е првоосомничена во случајот за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари.
Обвинителот Гаврил Бубевски повтори дека СЈО бара притвор за Канческа-Милевска.
„Бараме притвор за обвинетата, само така ќе се обезбеди нејзино присуство. Судот не навел зошто само со тие две мерки ќе се постигне ефекасност на постапката“, рече Бубевски.
Обвинителот побара судиите да ја ценат висината на казната за кривичното дело што ѝ се става на товар, односно затворска казна од минимум 5 години.
Адвокатот Еленко Миланов рече дека судот веќе во октомври одбил мерки на претпазливост. Според него, СЈО не укажа на ниедна околност зошто бара притвор за ексминистерката.
Тој рече дека обвинетата се јавувала на сите покани. Според адвокатот, жалбата на СЈО е ненавремена.
Миланов ги повика судиите да го разгледаат обвинителниот акт и сами да се уверат дека во него нема елементи на кривично дело.
Адвокатот Сашо Дуковски рече дека жалбата на СЈО против решението за неопределување притвор е неоснована. Дуковски се повикуваше на пресуди на ЕСЧП во Стразбур.
Пред судиите рече дека висината на казната не може да е единствена околност за барање определување притвор.
Тој рече дека ексминистерката е угледна личност во државата и дека никогаш не била осудувана.
„Замислете, министерка за култура без пасош“, рече адвокатот во образложението за процесните постапки и додаде дека пасошот на ексминистерката ѝ е потребен за да си ја врши пратеничката функција.
Обвинетата пред судот рече дека е изненадена од барањето за притвор и од одлуката на првостепениот суд за одземање на пасошот.
„Не сум ја попречила постапката. Лично сум ги примала претставниците на специјалното обвинителство. Се јавувам на поканите на СЈО. Не сум сторила кривично дело. Јавната набавка беше спроведена транспарентно“, рече ексминистерката.
Канческа-Милевска рече дека се гордее на македонската култура и уметност. Таа ги достави до судиите сите покани за гостувања од министри и странски делегации.
Рече дека нема двојно државјанство. Канческа-Милевска пред судот рече дека не поседува сметки и имот во други држави.
„Како пратеник ќе продолжам да работам за Македонија и ќе соработувам со судот. Верувам во правниот систем“, рече Канческа-Милевска.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.